26
Апр

NEXT GENERATION, Made in Macedonia, Ирина Крстевска

Кратко интервју со Ирина Крстевска, фотографКА

Што те привлече кон фотографијата?

 Естетиката, убавината и начинот на кој фотографијата може да го прикаже сето тоа. Подоцна, и тоа што може преку една фотографија да се раскажат многу приказни. Во тој момент сфатив дека тоа е тоа што сакам да го правам и понатаму.

Каков апарат користиш?

Nikon D750 

Омилен објектив и зошто?

Сум користела повеќе објективи, но секогаш се враќам на 50мм, затоа што мислам дека за еден портретиста како мене 50мм е одличен и едноставен за работа.

Дали ја  паметиш твојата прва фотографија и мотивот/темата на истата?

Искрена да бидам на моите први фотографии се цвеќиња сликани со мојот прв апарат Sony cyber shot. Од тогаш многу работи се променија.


Дали преферираш геометриски (остри) или органски (заоблени) форми/облици во твоите фотографии?

Бидејќи во мојата фотографија доминира портретот, би можело да се каже дека е комбинација и од двете.

Сенката во твоите фотографии?!

Сенката секогаш остава простор за фантазија и креативни мисли, му дава можност на гледачот да го види тоа што тој посакаува да го види.


Од кого имаш најмногу научено за фотографија?

Можеби ќе звучи како шаблон, ама сепак тоа се моите професори; а потоа следат многуте работилници, проекти и секако работата која го носи искуството.

Кои фотографи влијаеле на твојата работа?

Xenie Zasetskaya, Maja Topcagic, Vivian Maier, Sorelle Amore, Galo Olivares, Giuseppe Gradella и уште многу други…

Дали имаш омилена фотографија од некој познат/славен светски фотограф?

Тешко е да се издвои една.

Аналогна или дигитална фотографија?

Вечната дилема на секој фотограф… Сепак мала предност ќе и дадам на аналогната. Тука нема место за грешки, бидејќи таа најбрутално покажува колку си креативен, а во исто време и колку си способен да бидеш фотограф.

Општествената одговорност на уметникот/фотографот?

Приказната позади секоја фотографија може да пренесе многу гласна порака… да се спаси планетата, да се внесат различните во општеството, борба за права на жените… така да, општествената одговорност е голема на секој од нас кои ги создаваме приказните со фотографии.

Фотографија во внатрешното уредување?

Секогаш и секаде. Празните ѕидови немаат душа.


Што е фотографијата за тебе – љубов, хоби, работа или ….?

Да работиш со љубов…

Освен фотографија, што друго прави Ирина?

Се обидува да заскита и во други гранки на уметноста… сликарство, дизајн, керамика, готвење… дали ќе успее, оставаме на времето да покаже.

Повеќе информации за Ирина на нејзиниот Инстаграм профил.