Акцентирање на ѕидови
Совет #1 Бојадисување на ѕид кој се акцентира
Бојадисување на ѕид е супер решение за оние кои сакаат да го зачинат нивниот дневен престој или спална соба , но не се спремни за бојадисување на целата соба во некоја боја. Најбитно е да се избере вистинскиот ѕид кој ќе се нагласи: не секогаш првиот ѕид кој ќе го видите при влегување во една просторија е најдобриот избор. Вообичаено, изборот треба да падне на ѕид кој во себе нема отвори како прозори или врати, меѓутоа, со правилен избор на боја, и ѕидот кој содржи прозор може да биде одлично освежување на просторијата.
Совет #2 Балансирајте ја вашата колор шема или правило 60-30-10
Кога бирате бои за вашиот дом, една од опциите е да се одлучите за балансирана шема на бои. Најсигурна опција би било да изберете 3 бои од кои 60% ќе биде вашата доминантна боја која најчесто треба да е неутрална или посмирена нијанса за да не го оптоварува просторот, 30% ќе биде вашата секуднарна боја која може да е похрабра и 10% остануваат за вашата акцентна боја. На овој начин можноста да згрешите е мала 😊. Доколку сакате да додадете и четврта боја, тогаш поделете ја секундарната или намалете од доминантната, но никако не одземајте од % на акцентната боја.
Совет #3 Акцентирање на плафонот
Кога зборуваме за акцентирање на ѕидовите, најчесто забораваме на плафонот. Сепак, еден од шик трендовите е токму тоа – акцентирање на плафонот со користење на јаки и живи бои. Доколку се плашите од ефектот кој јаката боја може да го има, употребете потопли и понежни нијанси, или пак користете декоративни лајсни кои ќе го ублажат истиот и ќе и дадат елегантна нота на целата просторија.
Совет #4 Нетипична ѕидна декорација
Кога зборуваме за акцентирање на ѕидовите, не мислиме само на боја или тапет. Дали имате стари сламени корпи или чинии што со години седат во плакарот и чекаат посебна прилика? Закачете ги на ѕидот! Измешајте чинии и садови во различни бои, големини и форми и наредете ги по случаен избор за динамичен ефект.
Совет #5 Килими
Вообичаено килимите обезбедуваат топлина на подот, но можат да го имаат истиот ефект и доколку се закачени на ѕидот наместо уметничко дело. Од монохроматски и неутрални, до шарена експлозија на бои – килимите ќе му дадат нова димензија на просторот во кој ќе ги поставите. Прашајте ги вашите баби, со задоволство ќе ви ги подарат старите ткаени прекривки кои ги чуваат уште од младоста.