07
Ное

Акцентирање на ѕидови

Акцентирањето на ѕидови е еден од наједноставните, но и најефективни начини да внесете свежина и уникатен стил во вашиот дом. Без разлика дали ќе се одлучите за бојадисување, тапети, или невообичаена ѕидна декорација, акцентниот ѕид може да ја трансформира атмосферата во просторијата и да додаде визуелен интерес. Преку внимателен избор на бои, текстури и дизајни, можете да создадете фокусна точка што ќе го освежи просторот без да мора да правите големи и скапи промени. Во продолжение, ви претставуваме неколку практични совети за успешно акцентирање на ѕидовите во вашиот дом.

Совет #1 Бојадисување на ѕид кој се акцентира

Бојадисување на ѕид  е супер решение за оние кои сакаат да го зачинат нивниот дневен престој или спална соба , но не се спремни за бојадисување на целата соба во некоја боја. Најбитно е да се избере вистинскиот ѕид кој ќе се нагласи: не секогаш првиот ѕид кој ќе го видите при влегување во една просторија е најдобриот избор. Вообичаено, изборот треба да падне на ѕид кој во себе нема отвори како прозори или врати, меѓутоа, со правилен избор на боја, и ѕидот кој содржи прозор може да биде одлично освежување на просторијата.

Совет #2 Балансирајте ја вашата колор шема или правило 60-30-10

Кога бирате бои за вашиот дом, една од опциите е да се одлучите за балансирана шема на бои. Најсигурна опција би било да изберете 3 бои од кои 60% ќе биде вашата доминантна боја која најчесто треба да е неутрална или посмирена нијанса за да не го оптоварува просторот, 30% ќе биде вашата секуднарна боја која може да е похрабра и 10% остануваат за вашата акцентна боја. На овој начин можноста да згрешите е мала 😊. Доколку сакате да додадете и четврта боја, тогаш поделете ја секундарната или намалете од доминантната, но никако не одземајте од % на акцентната боја.

Совет #3 Акцентирање на плафонот

Кога зборуваме за акцентирање на ѕидовите, најчесто забораваме на плафонот. Сепак, еден од шик трендовите е токму тоа – акцентирање на плафонот со користење на јаки и живи бои. Доколку се плашите од ефектот кој јаката боја може да го има, употребете потопли и понежни нијанси, или пак користете декоративни лајсни кои ќе го ублажат истиот и ќе и дадат елегантна нота на целата просторија.

Совет #4 Sидни облоги или дрвени панели

Sидните облоги или панели се елегантен и топол начин да се акцентира ѕидот во која било просторија. Тие создаваат текстура и длабочина, давајќи природен и рустичен изглед. Денес се достапни панели од различни материјали, бои и текстури, така што можете да изберете модерни, минималистички дизајни или пак потемни дрвени нијанси за класичен, луксузен стил. Поставувањето на дрвени панели може да ја трансформира атмосферата во просторијата, правејќи ја почувствителна и побогата.

Совет #5 Нетипична ѕидна декорација

Кога зборуваме за акцентирање на ѕидовите, не мислиме само на боја или тапет. Дали имате стари сламени корпи или чинии што со години седат во плакарот и чекаат посебна прилика? Закачете ги на ѕидот! Измешајте чинии и садови во различни бои, големини и форми и наредете ги по случаен избор за динамичен ефект.

Совет #6 Килими

Вообичаено килимите обезбедуваат топлина на подот, но можат да го имаат истиот ефект и доколку се закачени на ѕидот наместо уметничко дело. Од монохроматски и неутрални, до шарена експлозија на бои – килимите ќе му дадат нова димензија на просторот во кој ќе ги поставите. Прашајте ги вашите баби, со задоволство ќе ви ги подарат старите ткаени прекривки кои ги чуваат уште од младоста.

Совет #7 Тапети со впечатлив дизајн

Доколку сакате ѕидот да раскажува приказна, изборот на тапети со уникатен дизајн може да биде одлична опција. Модерните тапети доаѓаат во многу различни стилови – од цветни и геометриски шеми до реплики на природни материјали како мермер или дрво. Тапетите се посебно ефективни во мали простории, како ходници или бањи, каде што можат да внесат вистинска доза на стил и карактер. Освен тоа, соодветен избор на тапет може да ја направи просторијата визуелно поголема или повисока.

Совет #8 Огледала како акцент

Огледалата не само што го зголемуваат чувството на простор, туку и можат да бидат одличен акцент на ѕидот. Со нив можете да играте со светлината и просторот, креирајќи визуелни илузии. За драматичен ефект, можете да поставите едно големо огледало со украсна рамка, или пак да направите збирка од мали огледала со различни облици. Ова е особено корисно во простории со помалку природна светлина, бидејќи огледалото ја рефлектира светлината и ја прави просторијата посветла.

Акцентирањето на ѕидови е одличен начин да внесете карактер, динамика и личен печат во вашиот дом. Без разлика дали ќе се одлучите за смели бои, декоративни панели, уникатни тапети или дури огледала и килими, постојат многу опции што можат да го променат изгледот на просторијата на начин што ќе одговара на вашиот стил и потреби. Најважно е да бидете креативни и да експериментирате со различни идеи – можеби токму нешто ново и неочекувано ќе го направи вашиот дом уникатен и топол простор во кој секогаш ќе се чувствувате пријатно.