05
Окт

Made in Macedonia – Обликување светлина и транспарентност, магијата на стаклените креации на Марта Поп Антоска

Запознајте ја Марта, визионерска уметница која ги помина последните 15 години изработувајќи уникатни уметнички дела, решенија за внатрешно уредување (декорративни парчиња) и извонредни парчиња накит од висококвалитетно италијанско стакло. Нејзиниот креативен процес колку што е фасцинантен, толку е и уникатен, црпи инспирација од богатата македонска историја и фолклор, како и културното значење на стаклото. Во ова интервју, го истражуваме патувањето на Марта во волшебниот свет на стаклената уметност, нејзиниот креативен процес, инспирациите и магијата на фузираното стакло.

Декорама: Можете ли да ни кажете за вашето патување во светот на стаклената уметност? Што ве инспирира да работите со стакло?!?

Марта: M art gallery креира свој сопствен препознатлив стил последниве 15 години. Изработувам уникатни уметнички дела, ентериерни стаклени решенија и парчиња накит од високо квалитетно италијанско стакло. Процесот кој го користам за изработка на истите претставува фасцинантна и уникатна техника, тоа е мојата главна инспирација.

Декорама: Стаклото носи богата историја и културно значење. Како ја инкорпорирате традицијата и иновативноста во вашиот уметнички процес?

Mарта: Рачно изработените топени фузирани камчиња со инзвореден уникатен дизајн во комбинација со традиционалниот македонски филигран ги прави овие парчиња со неповторлива уметничка вредност. Исто така многу често знам во моите дела, посебно кај украсните чинии и предмети да направам дизајн со мотив од македонскиот фолклор со што финалниот производ изгледа многу моќно.

Декорама: Дали би можеле да го опишете вашиот креативен процес кога конципирате и дизајнирате нова скулптура или уметничко дело со фузија на стакло?

Марта: Патот на креативниот процес е многу интуитивен. Техниката ми служи само за подобро да се изразам, Луѓето кои имаат потреба од создавање креативни дела не размислуваат воопшто за она што на крајот ќе излезе.

Декорама: Кои фактори влијаат на вашиот избор на дизајн?

Марта: Идејата и инспирацијата. Тие се најголемото богатство на креативниот ум.

Декорама: Фузираното стакло е познато по своите живописни бои. Како ги избирате боите за да создадете визуелно влијание и да пренесете значење во вашата уметност?

Марта: Тие ме избираат мене. Тоа е процес кој не можам да го опишам.

Креативниот занес е како акомулатор, колку повеќе работи толку поголем креативен замав зема. Обожувам да бидам во таа димензија.

Декорама: Изработката на предмети од стакло може да биде технички предизвик. Кои се некои од клучните техники и алатки што ги користите за манипулирање и обликување на стаклото во посакуваните форми?

Марта: Фузија на стакло е процес при кој со термичка обработка на стаклото во специјални печки за топење, се изработуваат декоративни и употребни предмети, делови за вградување во ентериери, накит, скуплптури и буквално се она што ќе замисли човековата имагинација.

Се работи со високо квалитетно италијанско стакло. Сите форми се рачно исечени од плочи – стакла во боја и никогаш не може идентично да бидат повторени. Целиот процес трае нешто повеќе од 16 часа, стаклото се пече на 800 степени до добивање на конечен производ.

Декорама: Вашето портфолио вклучува скулптури, предмети од применета уметност (ламби, мијалници) и предмети од модата?! Можете ли да споделите како се разликува вашиот креативен процес кога работите на овие различни типови на проекти?

Марта: Ако се работи за вградени делови во ентериер скоро секогаш нарачателот има некаква првична замисла. Во моето студио има многу дела и примероци така што обично главниот патоказ тргнува од тука, понатаму се развива процесот каде се надополнуваме се до финален производ.

Секое парче е различно и уникатно, приказна сама за себе и никогаш нема повторување на истото.

Кога изработувам накит или скулптури тука само се внесувам во креативниот процес, така всушност излегуваат најубавите дела.

Декорама: Фузијата на стакло често си поигрува со светлината и проѕирноста. Како ги користите овие карактеристики/квалитети за да создадете уникатни и волшебни визуелни искуства во вашите парчиња?

Марта: Транспарентноста на стаклото е всушност она што ме фасцинира. Неговата сјајност не може да ја долови ниедна друга техника. Во него се пронајдоа сите мои идеи, се останато е интуиција.

„Креативноста е интуитивно патување. Луѓето кои имаат потреба да создаваат не размислуваат каков ќе биде крајниот резултат.“

Декорама: Соработката може да биде значаен дел од светот на уметноста. Дали некогаш сте соработувале со други уметници или занаетчии на некој проект? Ако е така, како тие соработки ја подобрија вашата работа?

Марта: Досега сум соработувала само со архитекти за чии потреби изработувам вградливи делови во ентериери или скулптури како декорација во просторите кои ги уредуваат. Мора да напоменам дека тоа ми отвора едни нови хоризонти и огромни предизвици за работа.

Декорама: За крај, со што се надевате дека гледачите и колекционерите ќе се стекнат или добијат вашите креации ? Дали има одредена порака или емоција што сакате да ја пренесете преку вашата уметност?

Марта: Се што е создадено од моите раце до сега, се темели на една огромна љубов и една светла визија која ја вградив во моите дела. Би сакала гледачот да ја почуствува енергијата на бескрајните светови кои ги гледам јас.

Повеќе за Марта на нејзината веб-страница и профил на Инстаграм.