28
Окт

Ивана Недељковска, кога дизајнот излегува од рамките

За мебелот што се приспособува на човекот, органските форми и храброста да се замисли она што сè уште не постои

Меѓу уметноста, експериментот и функционалноста, македонската продукт и индустриска дизајнерка Ивана Недељковска истражува нови форми, материјали и начини на кои предметите можат да комуницираат со луѓето. Разговараме за мебелот што има карактер, просторите што предизвикуваат емоции и дизајнот што не се плаши да поставува прашања.

1. Кога би морале да изберете едно парче мебел што најдобро го опишува вашиот карактер, што би било тоа и зошто?

Би избрала мултифункционално, адаптивно парче мебел што може да ја менува својата форма и функција во зависност од потребите на човекот.

Мислам дека тоа најдобро го отсликува мојот карактер, бидејќи не сакам да се ограничувам на една перспектива или однапред дефинирани можности. По природа сум љубопитна, сакам да истражувам, да експериментирам и постојано да ги преиспитувам границите на она што го сметаме за возможно.

Особено ме привлекува дизајнот кој, покрај естетската вредност, има и подлабока цел — да се приспособува на човекот, да одговара на неговите потреби и да создава нови можности. Верувам дека и луѓето, исто како и добриот дизајн, не треба да бидат ограничени на една форма, улога или дефиниција.

2. Чија работа секогаш одново ве инспирира, без разлика колку пати сте ја погледнале? Постои ли парче мебел за кое посакувате вие да сте го дизајнирале?

Двајца автори чија работа секогаш одново ме инспирираат се Заха Хадид и Рос Лавгроув.

Кај Заха Хадид ме фасцинира нејзиниот револуционерен пристап кон архитектурата, флуидните форми и слободата на изразување. Кај Рос Лавгроув особено ме привлекува поврзаноста меѓу природата, технологијата и органскиот дизајн. Она што најмногу го ценам кај двајцата е нивната способност да ги поместуваат границите на конвенционалното размислување.

Што се однесува до парче мебел што би сакала јас да сум го осмислила, повеќе ме инспирира идејата да создадам нешто што сè уште не постои, отколку да посакам авторство на веќе создаден дизајн.

3. Замислете дека уредувате ентериер за личност што воопшто не ја познавате. Што би сакале прво да дознаете за неа пред да започнете со дизајнирањето?

Најпрво би сакала да разберам како таа личност живее, а не само што ѝ се допаѓа од визуелен аспект.

Би ме интересирале нејзините секојдневни навики, начинот на кој го поминува времето, што ја смирува, што ја инспирира и какви емоции сака да чувствува во својот дом.

За мене, добриот ентериер не е само естетски уреден простор. Тој треба да биде продолжение на личноста што живее во него, да ја разбира и да одговара на нејзините потреби.

Ивана е независна продукт и индустриска дизајнерка од Македонија, чија работа се движи меѓу уметноста, иновацијата и функционалноста. Нејзиниот дизајнерски пристап се карактеризира со експериментални и неконвенционални форми, истражување на нови можности и поместување на традиционалните граници на дизајнот. Нејзиното портфолио опфаќа мебел, асистивни и инклузивни производи, како и футуристички концепти, а дел од нејзините проекти се претставени на меѓународни дизајнерски платформи. ( Yanko Design) и др.

4. Каков простор сакате да создавате — таков што смирува, инспирира, изненадува или малку провоцира? И дали, според вас, просторот може да го промени нашето расположение и начинот на живот?

Најмногу сакам да создавам простори што инспирираат и будат љубопитност, но истовремено нудат чувство на хармонија.

Верувам дека просторот има огромно влијание врз човековата психологија. Светлината, пропорциите, материјалите и начинот на кој се движиме низ просторот можат да влијаат врз нашето расположение, концентрацијата, па дури и врз секојдневните навики.

5. Кога би можеле да изберете само три елементи за еден ентериер — едно парче мебел, еден предмет и еден извор на светлина — што би избрале?

Би избрала удобна столица со впечатлива, скулптурална форма, уникатен дизајнерски предмет што носи своја приказна и светилка со драматично осветлување, која создава посебна атмосфера и ја нагласува архитектурата на просторот.

Верувам дека овие три елементи можат да ја дефинираат суштината на еден ентериер — функционалноста, идентитетот и емоцијата.

6. Дали постои книга, музички албум или филм што влијаел врз вашето чувство за естетика, атмосфера или простор? Не мора да биде директно поврзан со дизајнот.

Не би издвоила само едно конкретно дело, бидејќи моето чувство за естетика и простор се обликувало низ различни визуелни и емоционални искуства.

Особено ме привлекуваат атмосфери со силен визуелен идентитет, драматична светлина, необични форми и контрасти. Сакам простори што не се само визуелно впечатливи, туку предизвикуваат чувства, будат љубопитност и оставаат траен впечаток.

7. Што ве привлекува повеќе: совршено едноставен предмет или предмет со несовршеност, необичен детаљ или помалку чуден карактер? Каде, според вас, завршува минимализмот, а почнува досадата?

Многу повеќе ме привлекуваат предмети со необични детали, несовршености и уникатен карактер. Верувам дека токму тие отстапувања од совршенството му даваат на дизајнот автентичност и индивидуалност.

Сакам форми што изненадуваат, предизвикуваат љубопитност и ги преиспитуваат традиционалните правила на дизајнот.

За мене, минимализмот преминува во досада во моментот кога едноставноста ја потиснува креативноста, а предметот го губи својот карактер и способноста да предизвика емоција.

8. Што ви е поважно кај мебелот: да биде безвременски или да го одразува духот на времето во кое е создаден? Има ли некој тренд во дизајнот на ентериерот што би сакале да исчезне?

Верувам дека најдобриот дизајн успева да го одрази времето во кое е создаден, а сепак да остане релевантен и во иднина. Не сакам да се водам исклучиво според трендовите. Повеќе ме интересираат оригиналноста, функционалноста и долгорочната вредност.

Би сакала да исчезне тенденцијата просторите да се дизајнираат само за да изгледаат добро на фотографија, без доволно внимание кон луѓето што навистина ќе живеат во нив.

9. Кои материјали, бои или текстури ве инспирираат во моментов? Постои ли материјал со кој би сакале да експериментирате, а сè уште не сте имале можност?

Моментално особено ме привлекува транспарентноста на материјалите и начинот на кој светлината комуницира со нив. Стаклото, проѕирните смоли и металот ми се интересни затоа што овозможуваат создавање предмети што истовремено изгледаат лесно, современо и скулптурално.

Сакам да експериментирам со комбинации на материјали што на прв поглед изгледаат неспоиво, но заедно создаваат нов визуелен и функционален идентитет.

10. Ако повторно разговараме за вашиот дизајн за десет години, што би сакале дотогаш да се промени, а што би сакале да остане препознатливо ваше?

За десет години би сакала мојот дизајн да има многу поголемо влијание, не само во естетска, туку и во функционална, технолошка и општествена смисла. Сакам да развивам производи што ги преиспитуваат постојните граници, истражуваат нови можности и придонесуваат за подобра иднина.

Она што би сакала да остане непроменето се мојата љубопитност, слободата да експериментирам и желбата да создадам нешто што претходно не постоело.

Би сакала моите дела да бидат препознатливи не само по нивната форма, туку и по идејата што стои зад нив.

Повеќе за Ивана на нејзиниот Инстаграм профил.