20
Ное

Повеќе од естетика – јапонскиот пристап кон просторот и дизајнот

Разговор со Косуке Џинпацу (Kousuke Jinpatsu), основач на masuichiSTUDIO, Јапонија

Јапонскиот дизајн често го поврзуваме со минимализмот, едноставноста и природните материјали. Но, зад неговата естетика се крие многу посложен начин на размислување за просторот, природата и секојдневниот живот.

Во овој разговор, Косуке Џинпацу, основач на јапонското истражувачко и дизајнерско студио masuichiSTUDIO, зборува за своето професионално искуство, изворите на инспирација и филозофијата што го насочува неговиот пристап кон дизајнот.

Разговараме и за новата соработка меѓу masuichiSTUDIO и македонското студио Декорама, како можност за поврзување на различни култури, знаења и креативни перспективи.

1. Можете ли накратко да ни го претставите вашиот професионален пат и искуството во ентериерниот дизајн?

Мојата кариера ја започнав во областа на дизајнот и организацијата на станбени ентериери.

Во средината на дваесеттите години работев како консултант за ентериерно уредување во продавницата на B&B Italia на улицата Кото-дори во Омотесандо, Токио. Продавницата се наоѓаше во многу минималистичка и модерна зграда, чиј изглед беше надгледуван од Wonderwall, јапонско студио за ентериерен дизајн.

Работев директно со клиентите и бев одговорен за уредувањето на изложбениот простор. Бев вклучен и во проекти за ентериерно уредување, во соработка со архитектонски бироа и компании за изградба на станбени објекти.

Меѓу нашите клиенти имаше сопственици на бизниси, луѓе од забавната индустрија, дизајнери и архитекти. Секој од нив имаше сопствен карактер и изразено чувство за естетика. Тие искуства силно влијаеја врз мојот пристап кон дизајнот и станаа основа на начинот на кој денес размислувам и создавам простори.

Подоцна учествував во основањето на стартап-компанија, каде што работев како извршен директор и бев вклучен во различни области: ентериерен дизајн, изведба на ентериери, дизајн на мебел, OEM-производство и развој на продажни простори. Работев на сè, од активности на терен до управување со бизнисот.

Тоа искуство ме научи не само на дизајн, туку и на тоа како да создавам нешта што им носат задоволство на луѓето и како да управувам со бизнис.

Во 2019 година го основав masuichiSTUDIO. Денес, нашиот фокус е создавање средини што го извлекуваат најдоброто од луѓето и активностите што се одвиваат во нив, а истовремено нудат места каде што човек може повторно да се поврзе со себе и едноставно да се чувствува пријатно.

„Комбинирањето на флексибилниот јапонски пристап кон дизајнот со локалното познавање на материјалите, културата, занаетчиството и производството на мебел по мерка може да создаде нова вредност.“

2. Што е masuichiSTUDIO и која е неговата дизајнерска филозофија?

masuichiSTUDIO е истражувачко и дизајнерско студио со седиште во Јапонија.

Нашата цел е да создаваме простори што го поттикнуваат најдоброто кај луѓето и активностите што се одвиваат во нив, но и места во кои човек може да се врати кон својата природна состојба и едноставно да се чувствува опуштено.

Нашата дизајнерска филозофија во голема мера е инспирирана од зен-будизмот и идејата за живеење во хармонија со природата.

Веруваме дека просторот не завршува со ѕидовите на една зграда. Светлината, звукот, воздухот, времето и промените на годишните времиња се составен дел од средината.

Ни значи да создаваме простори во кои овие елементи природно се доживуваат преку сите пет сетила.

Традиционалните јапонски светилишта и храмови, како и пејзажите познати како сатојама (satoyama), каде што природата и секојдневниот живот на луѓето остануваат тесно поврзани, се меѓу нашите најголеми извори на инспирација.

3. Како би го опишале јапонскиот пристап кон ентериерниот дизајн?

Мислам дека е тешко јапонскиот ентериерен дизајн да се дефинира преку еден единствен стил. Вкусовите и вредностите се менуваат во зависност од времето, општественото опкружување, возраста, полот и личните искуства.

Истовремено, Јапонија има долга историја на културни традиции и длабока поврзаност со природата. Тие со текот на времето станале дел од секојдневниот живот и создале заедничка културна и сетилна основа.

На пример, промената на годишните времиња, менувањето на аголот на сончевата светлина во текот на годината, звуците на птиците и инсектите, растенијата што се движат на ветрот, па дури и самиот звук на ветерот. Верувам дека чувството на удобност што го наоѓаме во овие природни промени е длабоко вкоренето во јапонскиот начин на живот.

Можеби луѓето природно ги бараат токму таквите средини. Престојот во нив може да ни донесе смиреност и да ни помогне повторно да се поврземе со самите себе.

Овие искуства не се ограничени само на оддалечените природни предели. Дури и во градови како Токио и Осака, ако продолжите малку подалеку или погледнете повнимателно, можете да откриете традиционални светилишта и храмови, како и тивки места со богата историја и чувство за ред.

Сметам дека е важно не само да ги посетуваме овие места, туку и да го запознаеме секојдневниот живот на луѓето што живеат таму, како и локалната култура и карактерот на регионот.

Атмосферата што е единствена за одредено место, животот на неговите жители и чувството за убавина што произлегува од секојдневието. Сакам да ја пренесам привлечноста на простори што можат вистински да се разберат само преку непосредно искуство и запознавање со автентичниот живот.

За мене, вистински значаен простор е нешто посебно што постои во рамките на секојдневието, а сепак е нешто без кое не можеме да си го замислиме животот. Создавањето такви места е една од целите на мојата дизајнерска практика.

4. Што ја инспирира вашата работа и кои дизајнерски принципи ви се најважни?

Едно од местата што најмногу ме инспирира во секојдневниот живот е една фарма во рурална природна средина, позната како сатојама, со која и самиот управувам.

Сатојама се традиционални јапонски пејзажи во кои земјоделството, шумите, водата и локалните заедници се дел од еден поврзан природен и животен систем.“

Таму има локални жители кои одгледуваат хељда и ориз, чуваат пчели, одгледуваат зеленчук, ловат и се грижат за дрвјата во околните планини. Тоа се луѓе кои традиционалните знаења и начини на живеење ги пренесуваат во современото време.

Многу учам од нив. Работата со земјата и времето поминато во природа ми овозможуваат непосредно да ги доживеам промените на годишните времиња и подобро да ја разберам животната средина.

Нашето студио се наоѓа во Хачиоџи, Токио, на околу 40 минути со воз од центарот на Токио. Сепак, на само неколку минути возење можете да најдете големи природни предели.

Свесно се обидувам да поминувам време и во природни и во урбани средини. Иако ми значи престојот во природа, исто така одам во градовите за да ги набљудувам активностите на луѓето и да ги почувствувам специфичните култури на различни места.

Преку доживувањето на двете средини подобро ги разбирам нивните предности и ограничувања, но и можностите за подобрување.

Набљудувањето и на природниот свет и на средините што ги создава човекот е важен извор на инспирација за мојата работа.

5. Што ве привлече во идејата за соработка со македонско студио за ентериерен дизајн?

Сакам да патувам и често посетувам различни градови, како во Јапонија, така и во странство.

Кога ја посетив веб-страницата на Декорама, бев импресиониран од квалитетот на дизајнот и креативната работа. Тоа ме натера да помислам дека би сакал еден ден да ја посетам Македонија.

Ме потсети на чувството кога купувате винил-плоча само затоа што ве привлекол дизајнот на нејзината обвивка, уште пред да ја слушнете музиката.

На почетокот создавате сопствена претстава за културата и секојдневниот живот што се кријат зад она што го гледате. Но, кога навистина ќе го посетите тоа место или ќе стапите во контакт со неговите жители, понекогаш откривате култури, вредности и начини на живеење што целосно се разликуваат од вашите очекувања.

Навистина уживам во таквите неочекувани откритија и емоциите што ги предизвикуваат.

Моето откривање на Декорама започна со истата таква љубопитност. Се надевам дека соработката со луѓе од различни културни средини и со поинакви перспективи ќе доведе до нови идеи и дизајнерски решенија што никогаш не би можеле да ги создадеме сами.

6. Што мислите дека можат да создадат заедно јапонското дизајнерско размислување и локалната експертиза?

Не мислам дека јапонскиот дизајн може да се објасни преку еден единствен стил. Јапонија е под влијание на многу различни култури и извори на информации, а секој дизајнер и уметник развива сопствен поглед врз основа на различни искуства.

Лично, многу научив од италијанскиот бренд за модерен мебел B&B Italia. Силно влијание врз мене има и размислувањето на јапонскиот индустриски дизајнер Наото Фукасава.

Ме привлекуваат дизајни што на прв поглед можат да изгледаат едноставно или обично, но со текот на времето ја откриваат својата длабочина и вредност.

На пример, дури и еден обичен кујнски сунѓер може да го промени впечатокот за целиот простор, во зависност од неговата форма, местоположба, боја и текстура на материјалот. Верувам дека токму вниманието кон ваквите мали детали придонесува за создавање квалитетен простор.

Истовремено, не мислам дека сè мора да биде совршено организирано или контролирано. Неорганизираните, спонтаните, па дури и малку хаотичните простори можат да имаат сопствен карактер и привлечност.

На некој начин, ова се поврзува и со зен-идејата за ослободување од однапред зададените претпоставки. Го ценам балансот меѓу вниманието кон деталите и слободата за истражување неочекувани идеи.

Верувам дека комбинирањето на овој флексибилен пристап кон дизајнот со локалното познавање на материјалите, културата, занаетчиството и производството на мебел по мерка, кое го поседува Декорама, може да создаде нова вредност.

7. Што можат клиентите да очекуваат од оваа соработка?

За нас, создавањето и дизајнирањето се важна мисија. Сепак, не сакаме да им ја наметнуваме сопствената естетика или поглед на светот на клиентите.

Веруваме дека нашата улога е преку сопствените идеи, филозофија и искуство да разбереме што бара секој клиент и да создадеме нешто што навистина ќе ги исполни неговите очекувања.

Секој клиент има различна претстава за Јапонија. Некои можеби се инспирирани од јапонското аниме или филмовите, други од традиционалната јапонска култура или архитектура. Сакаме внимателно да ги разбереме тие очекувања и да пренесеме автентично чувство за јапонскиот идентитет, без да ја искривуваме неговата суштина.

На пример, дури и кога го приспособувате сушито, тоа не треба да стане нешто што целосно се разликува од суши. Кога воведувате нови интерпретации, важно е да ги зачувате основните елементи што го прават тоа што е.

Во традиционалната јапонска култура постои концептот Шу-Ха-Ри (Shu-Ha-Ri), кој често се поврзува со традиционалните уметности и церемонијата на чајот.

Тој опишува процес во три фази: најпрво ги учиме и почитуваме основните принципи, потоа ги развиваме и ги преиспитуваме, а на крајот ги надминуваме за да создадеме нешто ново.

Верувам дека ова е важен принцип и во дизајнот и во креативната работа.

Со поврзување на традиционалното јапонско размислување, современиот јапонски дизајн и локалната култура, материјали и експертиза на Декорама, се надеваме дека ќе создадеме простори што на клиентите ќе им понудат вистинска вредност.


masuichiSTUDIO × Декорама

Две различни културни перспективи, едно заедничко разбирање: добриот дизајн не е само прашање на естетика, туку на начинот на кој луѓето живеат, чувствуваат и го доживуваат просторот.