22
Јун

Кујнска работна плотна

Изборот на работна плотна е една од најбитните работи при опремувањето на кујна. Треба да внимавате на следниве работи кога бирате кујнска работна плотна- дали е водоотпорна, колкава е нејзината издржливост, дали може на неа да се оставаат предмети кои се врели, дали е лесна за одржавање, дали се гребе и слично. Изборот на материјал за кујнската плотна е сериозна работа и поради трошоците, како и поради влијанието на плотната врз целокупниот изглед и функција на вашата кујна. Добро избраната плотна/плоча ќе ја направи вашата кујна поубава и полесна за одржување, а ќе послужи и како важен елемент при дизајн на истата.

Доколку Ви треба дизајн на кујна (2Д и/или 3Д/рендери), како и изработка на истата, побарајте нè.

Прв чекор во дизајнирањето на функционална кујна е изборот на плотна која одговара на Вашите потреби. На крајот на денот, на овие работни површини се случува магијата наречена готвење. Опсегот на материјали што можат да се користат за работни плотни во кујната е неверојатно разновиден. Секој материјал има свои предности и недостатоци, кои треба да се земат в предвид при изборот. Некои материјали, како што се нерѓосувачки челик/инокс, стакло, кориан се прилично скапи, а некои се тешки за одржување.

Дрвена кујнска плотна

Дрвото е природен материјал кој и дава класичен и уникатен изглед на вашата кујна. Дрвото е буквално потопло на допир од многу материјали, како што се плочки, камен и дава топол изглед на целиот простор. Идеално е за остров, шанк во случај на голема кујна. Најголем недостаток на дрвена плотна е потребата од постојаното одржување. Ако не се одржува внимателно, дрвената работна плотна е погодна за развој на микроби. Најдобри дрва се оние кои содржат етерични масла и се природно отпорни на влага (даб, бамбус, орев итн).


Работна плотна од кориан (corian)

Кориан (Corian) е композитен производ на Dupont со напредни особини кој се употребува како материјал во мноштво архитектонски и ентериерни решенија. Toj нуди разновидност при дизајнирањето, функционалност и издржливост. Се употребува како работна плотна и/или ѕидна облога во кујна. Мана е цената. Пристоен избор на бои има во Солопром.


Работна плотна од инокс/нерѓосувачки челик

Работна плотна од инокс/нерѓосувачки челик е една од опциите за кујна. Иноксот е отпорен на микроби и лесно се одржува хигиена, но плотна од нерѓосувачки челик е многу скапа опција. Вообичаено се користи во ресторани за работна површина.

Орналит работна плотна

Орналитот имплементиран во една модерна кујна како работна површина има голем број позитивни страни. Имено плотните од орналит не впиваат никакви течности, односно течност не може да навлезе во материјалот! Предности на орналитот се следниве: лесна монтажа, одлична замена за дрво, медијапан, керамика, стакло или метал, лесно се одржува, целосно водоотпорен, отпорен на бази и киселини, топлинска отпорност и до 110°С, докажан антибактериски производ и не спроведува струја. Орналитот е совршен материјал за работна плотна за вашата кујна, единствена мана му е цената. Во Македонија може да се најдат во Орнамакс.