Made in Macedonia, Христина Зафировска
Кратко интервју со мултимедијален уметник Христина Зафировска
Здраво Христина, благодарам што се согласи да помуабетиме. Дали сметаш дека нашиот личен (само)идентитет се обликува од услугите, продуктите до кои имаме пристап и начинот на нивна испорака благодарение на нашата куповна моќ, припадност на одредена група и наследени или стекнати привилегии?
Секој од нас е израснат во одредена средина преку која ги запознаваме нашите можности, ограничувања, создаваме визии (блиски или далечни) и се стремиме кон нивно исполнување. Учиме да сакаме и посакуваме, нашите апетити да ги задоволуваме на индивидуален начин, затоа што субјективни се менталните потреби и задоволства кај поединецот.
Би сакала да ги одвојам можностите за животен опстанок, од личните перспективи и потреби кои взаемно функционираат со градбата на идентитетот, но често тие се поврзани едни со други. Еден од многуте примери е дека луѓето со социјален статус се борат да преживеат, и немаат секогаш можности да прават голем избор и да бидат селективни, без предрасуди прифаќајќи ги можностите кои им се отвораат, за разлика од луѓето од другата страна, кои ја имаат палетата на избор и можности. Храброста во двата случаи има пресудна улога, доколку имаме слобода на избор сами да селектираме без ничии влијанија.
Дали или колку сме „copy brains“ или клонови/clones производ на глобализацијата?
Факт е дека глобализацијата е дел од системската одредба за насочување во животот од која не можеме да се ослободиме. Од мали нозе ја запознаваме без да сме свесни за нејзината моќ, растејќи со неа, индивидуално ширејќи ја нејзината сила. Се појавува отпор во моментот кога ќе дознаеме дека таа владее со нас, кој подоцна се манифестира на различни начини, преку говор, уметност, протест, музика..
Уметноста, мултимедијалниот/ ликовниот израз се твоја борба против системот?
Може да се каже дека е интимен пркос и пренесување на порака, фрлена ракавица со микро големина во споредба со нашите системските правила. Жално е што обесправен и е гласот на уметноста, но среќа е што сепак вирее и опстанува. Случајно или намерно, дури и медиумската поддршка е се поретка и најчесто е насочена кон политичките теми. Можеби утописки звучи, но што ќе се случуваше доколку секојдневно слушавме вести, посетувавме настани, читавме весници каде што главна тема ќе бидат музиката, ликовната уметност, театарот, филмот… ?
И покрај сите декларативно стекнати законски права што ги прават жените и мажите еднакви, сè уште жените се преставуваат како сексуални објекти и им се наметнуваат стандарди за убавина што се очекува да ги исполнат. Сметаш дека постои растечка вулгарна експлоатација на жената во маркетинг индустријата т.е. жената е дефинирана како синоним за репродукција и сексуалност. Дали тоа значи дека денес ни треба повеќе феминизам?
Имам реализирано проект/и на оваа тема, впрочем и од таму е поттикнато прашањето. Често сум дел од изложувањата каде што се обработуваат таканаречените „женски“ теми. Сум поддржувач на борбата за рамноправност и изедначување на правата помеѓу половите. Не сум сигурна дали ни треба повеќе феминизам, но сигурна сум дека ни треба повеќе љубов и почит. Изграден и зрел однос и разбирање. Поддршка. Помалку его и осуда.
Колку е лесно/тешко визуелно да се престави еден трепет на окото (момент)?
Во зависност од импресијата колку јако проврела низ нас, се поставува тежината или леснотијата на претставување. Каде што главна улога зеземаат сензитивноста на видикот на уметничкото око, и умешноста истиот впечаток да се пренесе како дело во одреден медиум. Некогаш одзема само миг, а некогаш денови и недели.
Твојот уметнички процес?
Нема шема :). Не сум личност која работи скоро секој ден, туку периодично. Може да се случи со месеци и години да акyмулирам одредена тема која ме засега, која избива на крај во циклус на нови дела. Или пак, може преку ноќ да добијам идеја и во следниот период да ја реализирам како дело. Интимен процес и преокупација е креативноста, така да нејзината реализацијата зависи од многу лични фактори. Исто сакам да истражувам повремено и да оформувам идеи во нови медиуми, и кога имам можности ги практикувам.
Музика додека твориш?
Bossa Nova, или музика со ритам која не доминира туку ме следи во позадина.
Идеален ѕид за твоите слики е во нечив дом, јавен простор, галерија …?
Звучни се делата што ги работам, доминира во нив бојата, линијата а често и формата. Во постарите циклуси најчесто користени се комплементарни бои. Претпоставувам дека најдобро би одговарале во минимално уреден простор во пастелен или ахроматски тоналитет.
Поради двидимензионалноста на идејните решенија, соодветни се и за претставување во јавен простор, како мурал на надворешни и внатрешни ѕидни површини.
Влијание? Кој/и уметници влијале врз твојата уметност?
Не сум сигурна кои уметници или уметност најсилно влијаела на мене. Преку книгите и интернетот, секој медиум ни е достапен денес. Има ликовни и музички дела кои сум ги видела или чула во живо и ме импресионирале, исто и на интернет, или во некоја книга, ама не ги паметам имињата на сите автори. Исто важи и за театарот, филмот и анимираната продукција.
Сега ми текнува дека едни од првите книги за уметност што ги имав како мала, беа два тома од светска и руска уметност, од кои бев воодушевена и ги листав скоро секој ден.
Исто така, секогаш импресивна ми била египетската и смелата форма на афричката скулптура, модерната уметност и архитектура, исламските декорации и кинеската естетика и писмо.
Што е потребно за да изложуваш надвор од Мк?
Волја, идеја и финансии.
Повеќе информации за Христина на Behance и во галерија Артерама.