14
Авг

Интервју со Зоран Кардула

Здраво Зоран, дали го паметиш твојот прв цртеж/слика/илустрација?

Постојано сум цртал, но како прв сериозен обид е портретот на Дали. Го работев со графитен молив и мислам дека за околу 20 мминути го завршив беа да направам било каква корекција. Во тоа време бев опседнат со Дали и мислам дека ги знаев сите текстови, монографии, документарни емисии и негови интервјуа кои ги собирав.

Се уште е отворена изложбата Star Wars & Makedonium“ Во споменикот „Илинден“, познат и како „Македониум“, во Крушево (4 -10 август) , како се јави и разви идејата ???

Изложбата е се уште отворена и многу ми е драго што истата се реализираше, посебно што е поставена во Македониумот. За идејата во неколку наврати спомнав дека се роди уште кога како мал го гледав Star Wars и тогаш Македониумот го замислував како да е дел од серијата и по многу години ја илустрирав таа замисла и еве сега изложбата во тој прекрасен простор.

Која е допирната точка помеѓу уметноста и дизајнот во твоите илустрации?

Се надевам дека успевам мојата илустрацијата да ја вметнам во уметност. И во светот се повеќе во уметноста доминираат артисти кои се занимаваат со дигитална илустрација што ми е посебно драго.

Како би го опишал твојот стил на илустрација? Дали сметаш дека имаш посебен стил и ако да, како го пронајде? Дали стилот се менува со тек на времето и како, зошто?

Мислам дека ме препознаваат во илустрацијата по моите советски плакати и ју редизајните. Стил кој многу го сакам, кој долги години го проучував и кој успеав повторно да го наметнам. Гледам дека добро поминува кај публиката, не само кај нас туку и надвор. А во однос на мојата илустрација која е поблиску до класичната уметност се жените и нивните портрети, стил која веќе многу години го негувам и ме препознаваат по него.

Кој е твојот пристап кон дизајнот?

Тоа што го работам, дали е дизајн или некоја илустрација мора прво мене да ми се допадне, јас да сум 100% задоволен од тоа што ќе го понудам и сметам дека тогаш е голема веројатноста тоа да му се допадне и на клиентот.

Како изгледа твојот работен простор/студио? Дали работиш од дома и/или имаш простор/канцеларија за работа?

Сега како фриленсер работам од дома, немам студио, скоро 7-8 месеци си работам од на тараса во друштво на помалата ќерка и мислам дека сега за сега добро функционира .


Како изгледа еден твој типичен работен ден?

Станувам околу 7 часот, прошетка на кучето, спремање на ќерката и до 9 саат прелистување на социалните мрежи. Се обидувам секој ден да постирам некоја илустрација, дали поврзана со тој ден или нешто ново од мене. После тоа ми почнува работниот ден. Како фриленсер си имам поставено план на работа пола за клиенти пола за мене ( тоа влијанието на електро факултететот во мене) и се држам до тој план да 50% од времето работам за кленти а 50% за мене ( некоја илустрација за моја душа) . Еве по толку време гледам дека ваквиот пристап на работа ми функционира  и задоволен сум. Единствено проблем ми е дека многу саати работам и тоа тешко се менува.

Кои уметнички трендови ја инспирираат твојата моментална работа?

Арт деко и Поп арт стиловите во уметноста имаат огромно влијание во моето творење. Некако овие уметнички стилови влијаеа  илустрациите да ги доближам до тие стилови. Но тука е влјианието на Руската Авангарда која  одигара голема улога во моето творештво, стил кој го обожувам и редовно се навраќам на него.

Уметниците често мора да прават компромис кога станува збор за нивната уметничка визија за да ги задоволат потребите на своите клиенти. Кој совет можете да им го дадете на помладите колеги за да помогнете оваа интеракција да оди поедноставно?

Тоа што го работам мора мене да ми се допадне, не творам за да им се допадне на другите. Мислам дека ако творите или дизајнирате нешто што вас ви се допага и сте задоволни со тоа секогаш ќе има клиенти кои тоа ќе го ценат. Голем дел од клиентите ми се имаат јавено од кога виделе некои мои дела кои сум ги работел за мене и токму тој стил им бил потребен ним за некоја нивна кампања и сл.На помладите дизајнери често и на моите предавања тоа им го кажувам мора они да се задоволни со тоа што ќе го понудат, со таков пристап многу полесно ќе дојдат до очекуваните резултати. Да бидат секогаш активни и да ја споделуваат својата работа.

За влијанието на руската/советската авангарда врз некои твои илустрации?

Огромно, го обожавам тој стил, години проучуван, многу елементи и нивниот начин на размислување може да се види и во моите илустрации. Многу агенции и компании од надвор баш ме ангажираат за илустрации или дизајн во тој стил. Тоа е едно непоисиво уживање да илустрирате на тема или стил кој го обожавате.


Колку се важни социјалните медиуми за промоција на твоите илустрации/ументост?

Големо е влијанието на социалните мрежи за промоција. Јас сум меѓу ретките дизајнери кои се уште не користи мобилен, но тоа не ми е пречка да бидам активен по социалните мрежи и платформи поврзани со уметност и дизајн. Редовно постирам мои работи и тоа носи нови клиенти од надвор кои имаат потреба од мои илустрации направени во мој стил. Тоа е многу важно и за новите дизајнери и уметници мора да се присутни за да може да се види нивната работа. Не се знае кој се може да ги види делата и тоа да биде отскочна даска за понатамошната нивна кариера.

Дали мислиш дека уметниците имаат моќ да го променат светот преку уметноста?

Активен сум и на тоа поле и мислам дека со илустрацијата многу повеке се влијае односно некоја порака да ја илустрирате многу полесно ке стигне до таму за кого е наменета.  Преку уметноста мора да се бориме за подобар свет посебно во ова време во кое се наоѓа целиот свет. Мора уметноста да биде таа светла точка кон која треба да одиме.


Дали и каде може да се купат твоите илустрации?

Мои илустрации може да се купат по неколу амерички сајтови, има во некои престижни галери во светот со кои имам договор за соработка, а кај нас обично функционаира преку социјалните мрежи.


Повеќе за Кардула на неговиот Инстаграм и Behance профил.