02
Дек

Кујнска работна плотна

Изборот на работна плотна е една од најбитните работи при опремувањето на кујна. Треба да внимавате на следниве работи кога бирате кујнска работна плотна- дали е водоотпорна, колкава е нејзината издржливост, дали може на неа да се оставаат предмети кои се врели, дали е лесна за одржавање, дали се гребе и слично. Изборот на материјал за кујнската плотна е сериозна работа и поради трошоците, како и поради влијанието на плотната врз целокупниот изглед и функција на вашата кујна. Добро избраната плотна/плоча ќе ја направи вашата кујна поубава и полесна за одржување, а ќе послужи и како важен елемент при дизајн на истата.

Доколку Ви треба дизајн на кујна (2Д и/или 3Д/рендери), како и изработка на истата, побарајте нè.

Прв чекор во дизајнирањето на функционална кујна е изборот на плотна која одговара на Вашите потреби. На крајот на денот, на овие работни површини се случува магијата наречена готвење. Опсегот на материјали што можат да се користат за работни плотни во кујната е неверојатно разновиден. Секој материјал има свои предности и недостатоци, кои треба да се земат в предвид при изборот. Некои материјали, како што се нерѓосувачки челик/инокс, стакло, кориан се прилично скапи, а некои се тешки за одржување.

Дрвена кујнска плотна

Дрвото е природен материјал кој и дава класичен и уникатен изглед на вашата кујна. Дрвото е буквално потопло на допир од многу материјали, како што се плочки, камен и дава топол изглед на целиот простор. Идеално е за остров, шанк во случај на голема кујна. Најголем недостаток на дрвена плотна е потребата од постојаното одржување. Ако не се одржува внимателно, дрвената работна плотна е погодна за развој на микроби. Најдобри дрва се оние кои содржат етерични масла и се природно отпорни на влага (даб, бамбус, орев итн). Новомак нуди масивна плотна од орев со димензии 4200X1210X38мм.


Препораки за одржување на хигиената
За да избегнете микроби на работната површина во вашата кујна, следете ги следниве препораки:
1. Редовно чистење: Чистете ја работната површина најмалку двапати дневно со топла вода и благ детергент. Избегнувајте абразивни средства кои можат да ја оштетат површината.
2. Користете антимикробни материјали: Изберете работни плотни од материјали кои имаат природни антимикробни својства, како што се гранит или Laminam, кои се отпорни на бактерии и лесно се чистат.
3. Избегнувајте влага: Влажните површини се идеални за развој на микроби. Обезбедете дека површините се суви по чистењето и избегнувајте оставување на течности.
4. Користете дезинфекциони средства: Периодично применувајте дезинфекционо средство на базата на алкохол или хлор, особено по подготовка на сурова храна, за да убиете микроби.
5. Чистење на алатките: По секоја употреба, темелно чистете ги сите алатки и садови што сте ги користеле, особено ножевите и даските за сечење.
6. Правилно складирање на храна: Чувајте ја храната во затворени контејнери за да спречите контаминација и ширење на микроби.

Работна компакт плотна/плоча

Компакт плочите за внатрешна употреба се исклучително отпорни на механички оштетувања и влага што ги прави одличен материјал за опремување на простории кои дополнително бараат исполнување на одредени услови, како хигиенски, така и отпорност на влага. Тие најчесто се користат во хотели, лаборатории, купатила, санитарни простории и соблекувални, но исто така можат да се применуваат за изработка на канцелариски мебел. Во Македонија ги нудат повеќе фирми од различни производители Новомак , Про-Дизајн, Солопром и др.

Работна плотна од кориан (corian)

Кориан (Corian) е композитен производ на Dupont со напредни особини кој се употребува како материјал во мноштво архитектонски и ентериерни решенија. Toj нуди разновидност при дизајнирањето, функционалност и издржливост. Се употребува како работна плотна и/или ѕидна облога во кујна. Мана е цената. Пристоен избор на бои има во Солопром.


Работна плотна од инокс/нерѓосувачки челик

Работна плотна од инокс/нерѓосувачки челик е една од опциите за кујна. Иноксот е отпорен на микроби и лесно се одржува хигиена, но плотна од нерѓосувачки челик е многу скапа опција. Вообичаено се користи во ресторани за работна површина.

Орналит работна плотна

Орналитот имплементиран во една модерна кујна како работна површина има голем број позитивни страни. Имено плотните од орналит не впиваат никакви течности, односно течност не може да навлезе во материјалот! Предности на орналитот се следниве: лесна монтажа, одлична замена за дрво, медијапан, керамика, стакло или метал, лесно се одржува, целосно водоотпорен, отпорен на бази и киселини, топлинска отпорност и до 110°С, докажан антибактериски производ и не спроведува струја. Орналитот е совршен материјал за работна плотна за вашата кујна, единствена мана му е цената. Во Македонија може да се најдат во Орнамакс.


Изборот на кујнска плотна е важен процес кој влијае на целокупниот дизајн и функционалност на вашата кујна. Добро избраната плотна не само што ќе ја подобри естетиката, туку ќе обезбеди и практичност во секојдневната употреба. За дополнителни услуги во дизајнирањето на кујни (2Д или 3Д рендери), слободно контактирајте нè.