Made in Macedonia – Андријана Мациев
Интервју со сликарката, графичар Андријана Мациев
Дали го паметиш твојот прв цртеж?
Интересно прашање, сакав од мала да цртам но секогаш мислев дека не сум доволно добра во тоа. Постојано барав од мајка ми да ми помага, мислам јас ќе нацртав нешто а потоа таа да каже дали е во ред. Уште од дете сакав да ги апстракирам формите, сакав да експериментирам и да играм со боите.
Најсилната меморија од твоето детство поврзана со уметност?
Јас сум дете од уметничко семејство. Во нашиот дом постајно се купувале уметнички дела, секој пат со посебна љубов се пристапувало кон уметноста. Талентот сум го наследила од двајцата родители. Иако мајка ми работи со музиката , има талент за сликање, пишување, сценски настап. Креативна е на многу полиња. А татко ми бил правник но имал талент за цртање, мојот чичко Борис Мациев (брат на татко ми) беше познат и признат уметник кој живееше и твореше во Белград, сега веќе починат. Како дете многу сакав да посетувам изложби, театарски претстави, а посебно уживав во балет и опера.
Утрински ритуал? Кафе или чај??
Ние лугето живееме со утринските ритуали, кафе, цигара, телефони и социјални мрежи, уште од рано наутро. Јас веќе подолг период не се будам со кафе, иако некогаш мислев дека без него не можам. Сега од наутро прво го пијам мојот свежо подготвен сок, може да биде лимон со сода и топла вода или исцеден сок од цвекло,морков,јаболка и лимон или друга коминација. После доручекот пијам кафе. А во текот на денот пијам литар до два чај или вода.
Зошто го правиш тоа што го правиш? Зошто сликаш?
Јас завршив на ФЛУ одсек графика и секогаш сум се залагала за промоција на графиката, како посебна дисциплина во уметноста. Графиката бара посебни услови за работа, затоа и многу графичари се одлучуваат да сликаат во недостаток на графичко атеље. Јас некако успеав во моето сликарство да вметнам графички израз. Сакав да направам спој помеѓу овие два медиуми. Цетежот и црната боја од четката кои се појавуваат на платната и на цртежите е токму тој графички израз.
Теми кои ги истражуваш и те привлекуваат?
Теми за истражување има во изобилство. Уметникот е едно привилегирано битие. За него не постојат граници. Моите теми се инспирирани од животот, од емотивниот статус, од многу животни случки, од се што ја допира мојата душа. Од среќата, радоста, тагата, верата, љубовта. Јас ги апстрахирам формите, ја сакам бојата, и уживам во сите тие игри додека ги исликувам платната. Голем предизвик е да застанеш пред тоа белило и да почнеш да играш со бојата, формата, потезите на четката.
На што работиш сега?
Сега сум во еден специфичен период од животот, се соочив со големи предизвици. Мојата здравствена состојба не дозволуваше да се посветам на сликањето. Како одминува времето и јас сум подобра така си зададов задача, секој пат кога можам да сликам. Во овој период почнав да ја спремам мојата нова изложба. Оваа година се надевам ќе ја реализирам, бидејќи сакам да го прославам мојот мал јубилеј 10 год, кој требаше да биде минатата година, но поради пандемијата и мојата здравствена состојба се одложи. Неколку дела се готови, но повеќето чекаат ред. Впрочем во овој период уживам во секоја линија, боја, момент… инспирација!
Од каде црпиш инспириција за твоите слики?
Инспирацијата не може константно да се црпи од едно место затоа што таа се добива сосема случајно и може да бидеш инспиран од се и сешто, дуи и од обичен разговор, чувство, среќа, тага, а исто така и од околината во која што сме опкружени. Исто можеме да бидеме инспирани и од некој сопствен имагинарен свет кој се обидувам да им го претставам на љубителите на уметноста.
Има многу енергија и движење во твоите слики. Кажи нешто за тоа како му пристапуваш на платното/хартијата и за твојот метод на сликање?
Јас сум динамична кога сликам, го сакам тој слободен израз. Понекогаш работам повеќе платна или цртежи одеднаш. Сакам да маневрирам со нив, сакам да се движам околу нив, го сакам моментот кога нанесувам боја, кога потезите со четката го изразуваат мојот темперамент. Затоа мислам дека и публиката ја чувствува таа моја енергија.
Користиш интензивен колорит. Како се развивал твојот стил и користење на боите со тек на годините?
Додека бев на факултет почнав во моите графики да вметнувам бои, подоцна многу бои, постојано експериментирав со техниката. Кога почнав активно да сликам истиот тој колорит го ставив на платната, на цртежите, со примеси на графиката, црна боја, потези, плохи, цртеж. Денес моите дела се препознатливи токму поради тој мој израз, колорит, динамична линија, живост, енергија!
Како сликарка, постојано си визуелно стимулирана, но што друго те инспирира? – Вкус? Мирис? Звук? Допир?
Уметникот може се да го инспирира, од овие сетила кои сте ги навеле. Јас најчесто или посуштински ова го чувствувам на некои мои патувања, во други земји, култури… бидејќи ние сме навикнати на нашиот, мирис, вкус, звук. Но кога човек ќе посети некоја нова дестинација, тогаш е по сензибилен на овие сетила. Инспирацијата е неминовна, веднаш се забележува дека нешто имало влијание во делото.
Идеален ѕид за твоите слики?
Моите дела можат да се вклопат на секаков ѕид :). Во модерни ентериери, домови, хотели, фирми, ресторани, институции и секаде каде што е потребно да се внесе живост, радост, среќа, љубов!
Музика додека сликаш?
Ја сакам музиката. Знам и да си пуштам нешто што ме опушта додека сликам. Но најдобро се чувствувам во тишина, кога интеракцијата е помеѓу мене и платното.
Која е улогата на уметникот во секојдневниот живот, политиката, модата?
Сметам дека уметноста е најважна во едно ново модерно општество. Уметникот низ своите очи гледа и пренесува, прави записи од еден друг агол. Уметниците не се занимаваат со политики, но во денешно време и тоа како се засегнати, бидејки целата културна сцена е ставена на маргините. Ние уметниците сеуште се бориме за своите права на еден начин, и бараме разно разни решенија за да бидеме поддржани во нашите проекти. Секогаш присуството на уметникот игра важна улога во општеството, без оглед на кој сегмент од животот се заснова.
Кажи ми нешто за твојот живот надвор од ументоста?
Јас сум мајка на една прекрасна девојка, Стефанија 21 год, студент на Факултетот за драмски уметности. Вљубеник сум во природата, со голема страст кон животните, кои во нашиот дом се во голем број, 5 кучиња, 10-на мачиња. Поборник сум за правата на животните и нивната благосостојба. Сакам спорт. До пред мојата здравствена состојба, активно одев во теретана и на јога. За оние кои незнаат, пред 6 месеци ми беше дијагностициран карцином на дојка,со метастази. Бев во многу лоша состојба. Благодарение на Бог, вербата која не ме напушти, искуството на мојот доктор Нино Васев, сега веќе се враќам во нормална состојба, иако сеуште следат испитувања, нови терапии, опоравување на организмот. Среќна сум што имам пријатели и колеги, драги личности кои постојано ме поддржуваат.
Што или кој те инспирира?
Ме инспирира животот! Замислете колку многу тој ни нуди, а ние незнаеме да го искористиме! Ме инспитира тоа што сфатив дека сум дојдена на овој свет со посебна мисија. Уште колку многу имам да дадам од себе. Ме инспираат моите храби жени, мајка ми и керка ми! Секој нов ден е нова инспирација, зракот, светлината, сонцето, ветерот, облаците, звукот на птиците, љубовта, верата, божјата сила.
Најдобар совет кој ти е даден?
Не можам да одвојам некој посебно, примам совети. Секојдневно мајка ми ме советува, на мене е што ќе одлучам. Впрочем како родител таа го сака најдоброто за мене. Работиме постојано на личниот раст и развој од како знам за сњбе. А сега посебно на техники и методи за здрав живот! А кои се однесуваат на љубовта кон себеси, на вреднувањето на личноста и поставувањето на граници. За изборот кој лично го бираме, здравје, љубов, работа, односи итн. За да бидеме здрави и среќни треба да знаеме да поставиме здрави граници кога,каде и колку! Да се вреднуваме себе и да се засакаме онакви какви не создал Бог! Да се прифатиме со сите доблести и мани, и да работиме на нашиот ментален ум како би го надоградиле со животна енергија!
И тогаш нашиот живот ќе тргне во нагорна линија. И тогаш ќе се почувствуваат сите убавини за кои можеби не сме биле свесни дека ни се на дофат на рака. Само така го имаме животот во сопствени раце и можеме да чекориме низ него, смело, храбро, во хармонија и баланс, во љубов!
Професионално, која е твојата цел/цели?
Споменав дека ја спремам мојата нова изложба, се надевам ќе се реализира во нормални услови и со публика. За оваа година од Министерство за култура е одобрен проект изложба и во НУ Центар за култура Трајко Прокопиев во Куманово. Секако ако можеме да патуваме ќе се реализира и некое патување надвор од државата, или во Македонија. Пред нас е летниот период, исполнет со колонии, хепенинзи, културно уметнички дружења итн. Најважно ми е да ме послужи добро здравје за да можам сите овие цели да ги реализирам!
Делата на Андријана може да се најдат во Галерија Артерама.