18
Мај

Made in Macedonia, Игор Јовчевски

Кратко интервју со Игор Јовчевски, стрип автор и илустратор

Кој е Игор Јовчевски?

Игор Јовчевски, стрип автор и илустратор, оженет, татко на Марија, вљубеник во стрипови, филмови, серии, добро еспресо,…

Како и зошто избра ваква неконвенционална, невообичаена и фасцинантна кариера – цртач на стрип?

  • Мислам дека стрипот ме одбра мене уште како многу мал. За прв пат бев изложен на стрипот уште во трето, четврто одделение и комплетно ме маѓепса. Пред тоа, во градинка и првите неколку одделенија цртав, многу цртав, но секогаш тоа беа детски мотиви и инпирации. Но кога го запознав стрипот тоа беше нешто сосема друго, приказна во слики, авантура, акција, каубојци, индијанци, полицајци, трапери, варвари, супер херои… Првата насловна страна од стрип што ја видов во киоск и ме стаписа беше една од епизодите на Тарзан (тогашна југословенска продукција, значи од тогашни наши автори). Го купив, одејќи го разгледав и за прв пат си помислив дека би било најубаво на свет кога ќе пораснам и јас да цртам стрипови.

Како би им ја претставил твојата работа на читателите на блогов?

Макотрпна, но возбудлива и нормално креативна. Кога се работи поготово стрип тогаш едноставно нема работно време. Цртате додека цртате, но и кога не сте на цртачката маса размислувате за тоа, планирате, кадрирате во вашата глава. Зафатени сте цело време, но тоа ми стана веќе нормално, ме исполнува и прави среќен. Најубави денови ми се оние кога работам стрип, секогаш било така. Работата на илустрации за деца исто така исполнува, но не така како стрипот. Секогаш бил посебна магија.

Како дојде до тоа да црташ стрипови? Кое е твоето прво искуство со стрипот?

Како што кажав претходно, во самиот момент кога ги запознав стриповите некако одлучив дека сакам тоа да го работам, можеби наивно и детски во тоа време, но ете низ животот секогаш ги штимав работите навистина тоа да го работам и некако успеав. Тврдоглав сум за тие работи. Кога нешто го сакам страстно, обични правам СЕ за да го реализирам. Учев други школи низ животов, но не станав ниту електротехничар ниту архитект. Љубовта кон цртањето и стриповите победи. Инаку првиот стрип кој го имам нацртано беше во преубавата 1988 година кога имав 12 години и мислев дека стрипови се цртаат во тетратка голем формат (без линии) и тоа директно со туш. Се сеќавам дека бев превозбуден кога го завршив (имаше 30-тина страни). Сепак тоа беа детски обиди, но многу значајни за да влезе чивијата. Редовно цртав стрипови по тетратки (голем формат) и несвесно го печев занаетот. Првиот објавев стрип ми беше во ревијата “Стрип Арт” некаде во 1999-та година и тоа беше еден од најсреќните денови дотогаш во мојот живот. Потоа следеа посериозни стрипови, соработки и почести објавувања во тековни стрип ревии. Тоа би било околу почетоците.


Твојот креативен процес? Дали може да ни го доближиш на пример скица, позадина,….

Се почнува со скица, нормално претходно треба да имате во глава макар и груба претстава што треба да нацртате. Откако фино лепо ќе искицирате (може да потрошите и доста време на тоа додека го добиете тоа што го барате) преоѓате на фин финален молив и на крајот туширате или ако треба да биде во колор додатно боите. Сите овие постапки важат и за класичен традиционален начин на работа на хартија и за дигитален начин. И во догиталната работа прво скицирате па потоа финализирате. Јас кога е работам стрип го користам традиционалниот начин.

Дали си користел некогаш табла стрип како декор во домот?

Досега не. Во моментов мојот дом е издекориран само со илустрации и тоа од мои омилени автори. Ова најмногу важи за мојата работна соба во која по ѕидовите има 40-тина слики. А конкретно стрип табли можеби во иднина би закачил и тоа пак не мои, туку од мои цртачки херои, луѓе од кои сум учел и сеуште учам.


Како избираш на кои стрипови ќе работиш?

Тука доколку има избор е лесно. Најубаво е да црташ тематики кои ги сакаш и навистина ти лежат. Тогаш се дава максимумот. Јас некако се справувам со тоа како што ми одговара и цртам теми кои ги сакам. Отсекогаш сум го сакал вестернот како жанр (и во стриповите и во филмовите, па дури и во музиката) па најкомотно се чувствувам кога цртам вестерн. Исто и фантази или меч и магија жанрот го сакам па и често го посетувам во стрип и илустрација. Доколку немаме избор и едноставно мора да цртаме работи кои не ни се блиски тогаш само стискаме заби, наоѓаме референци за тоа што треба да се црта и седнуваме да работиме, нема друго. Сум работел и на стрип проекти кои чисто онака професионално сум ги одработил затоа што морало, а и ми требале пари хахаха. Но мора да кажам секогаш коректно и фер сум одработувал со давање максимум.

Каков е односот помеѓу сценаристот и цртачот?

Во моите досегашни случаи јас би рекол прво пријателски/другарски, а потоа професионален и фер. Секогаш кога сум работел по туѓо сценарио сум имал здрава соработка пред се внимавајќи да ја задржам оригиналната идеја на авторот (сценаристот). Колку што знам и тие биле задоволни од сработеното.


Кој стрип што си го завршил бил најголем предизвик?

Ух, сите стрипови се на свој начин предизвици без разлика дали се работи за подолг или пократок стрип. Можам да издвојам дека посебно бев возбуден и ми се виде како голем предизвик работата на стрип албумот “Џек Сиборн” кој беше работен за хрватски издавач. Специфично беше тоа што тој албум беше групен проект, па требаше сето тоа да биде добро вклопено, посебно цртачки затоа што работеа повеќе цртачи. Главен во цртачкиот stuff беше Бане Керац еден од моите најголеми идоли и токму тој ме одбра за работа на стрипот. Освен со Керац бев во друштво и со Бранко Плавшиќ, Миодраг Ивановиќ-Микица и Предраг Ивановиќ-Пека сите легенди на југословенскиот стрип. Сценаријата беа на хрватскиот сценарист Дарко Мацан и српскиот сценаристички великан Тоза Обрадовиќ. Токму поради тоа предизвикот беше многу голем, но на крајот мислам дека сите бевме презадоволни од резултатот.

Дали си се обидел да се изразиш преку други медиуми (слика, скулптура и сл.) или би сакал да работиш?

Освен стрип само со илустрација и тоа најмногу со илустрации во доменот на детската литература. Сега за сега сум презафатен со тие две работи, па многу немам ни време да експериментира си други изрази и медиуми. Скулптурата сакам да ја гледам, а сликарството е нешто што верувам дека некогаш ќе го пробам.

Што освен стрипот ја инспирира твојата работа?

Мислам дека после стрипот, најмногу филмот. Секогаш ме инспирирале филмови. Сакам да гледам филмови, се сметам за филмоман, но пребирам, не гледам се и сешто. Си имам некои рамки во кои се движам. Стари, па и нови добри вестерн филмови и те како можат да ме инспирираат, исто така и претежно стари фантази филмови. На времето, до пред десетина години, сакав да гледам (па и собирав во домажната видеотека) и суперхеројски филмови, но откако сето тоа ми стана пренапорно, банално, натрупано каде што главен збор имаат CGI ефектите, а сценаријата, приказните, па и кастинзите испаѓа дека не се толку важни ги баталив и сега сум раат.

Совет за млади амбициозни илустратори на стрип?

Мојот совет секогаш е да бидат упорни, тврдоглави, да си го бркаат сонот и најважно да цртаат и вежбаат секојдневно. Можеби ова звучи бајато и неизводливо во Македонијава, да не се лажеме овде од стрип не се живее, но секогаш тука е интернет работата за било кои странски издавачки куќи па вреди да се проба. Кај нас од цртање може да се заработи само со илустрации и тоа најмногу за детска литература, па комбинацијата на едното и другото може да е добар избор.


Делата на Игор Јовчевски може да се најдат во галеријата Артерама.