Made in Macedonia – Јорданчо Кицовски – Кицо
Интервју со сликарот Јорданчо Кицовски – Кицо
Здраво Кицо, најнапред благодарам што се нафати да одговориш на нашите прашања. Кажи ми нешто за твојата уметност?
По струка сум графичар од ФЛУ меѓутоа од причина што со уметност почнав да се занимавам од мала возраст на некој начин испорбан сум во скоро сите техники и стилови. Покрај графика лично се имам изразено низ изработка на икони, скулптури, мурали, сликарски платна, цртежи, акварели, колажи…
Твојот уметнички процес?
Како и кај повеќето уметници, така и кај мене ми се буди идеја, потоа од таа идеја правам скица за на крај да ја реализирам во медиум во кој што сметам дека најдобро ќе одговара.
Од каде интерес за фауна/жив свет? Што те батера да сликаш конкретно птици?
За самиот циклус „Птици – за мојата ќерка“ бев инспириран од мирот, спокојот и слободата на самите птици. Фасциниран од нивниот безшумен лет и безгранично освојување на просторот го насликав и нацртав посветувајќи го на мојата ќерка Јована посакувајќи и го истиот дух како на птиците. Изложбата од самите слики беше претставена по повод нејзиниот трет роденден во галериите на КИЦ – Скопје и Домот на културата во Гевгелија.
„За да се долови жив свет, во мојот случај птица потребно е да се разбере нивниот лет, нивниот карактер, нивниот израз и самиот колорит на птицата.”
— Кицо
Дали користеше фотографии како референтен материјал или сликаше во природа (на отворено)?
За дел од птиците користев референци, односно фотографии од птици кои што лично мене ми будат позитивни вибрации. Останатите слики се работени по моментална инспирација и по сеќавање.
Омилена птица која си ја насликал?
Една од моите најомилени птици е бувот кој што самиот по себе претставува мудрост. Го имам насликано повеќе пати.
Совет за некој кој се обидува да долови жив свет на слика?
За да се долови жив свет, во мојот случај птица потребно е да се разбере нивниот лет, нивниот карактер, нивниот израз и самиот колорит на птицата. За да изгледа сликата или цртежен попретставително, според мене, мислам дека е потребно да се наслика самиот карактер на птицата, бидејќи сите имаат свои карактеристики иако сите летаат.
Дали твојата уметност може да ги мотивира луѓето повеќе да ја ценат природата и живиот свет?
Лично, како љубител на природата и човек кој поминува време во природа искрено се надевам дека моите слики ќе разбудат барем една мала искра за зачувување на природата и живиот свет воопшто. Се надевам дека еколошката свест на луѓето полека ќе се буди и ќе почне се повеќе луѓе да уживаат во истата, односно во природата.
Пафин Чапја
Освен во ателје слики, црташ и графити. Кога и како почна да црташ/сликаш графити на јавен простор?
Првиот графит, односно мурал дојде сосема спонтано, не паметам која година беше тоа точно, по предлог на другарите бидејќи тогаш студирав на ФЛУ и по долготрајни разговори и убедувања изработив еден графит во нашето маало. Возбуден од големината на самиот простор за сликање се повеќе се будеше како желбата така и одговорност за сликање на таков простор. Желба затоа што големината сама по себе е голем предизвик, а одговорност затоа што уметноста станува јавна достапна на секаков вид критики.
Дали имаш омилена површина за графити на пр. плочник, зид и сл?
Немам никаква пречка околу просторот за сликање, бидејќи секој простор претставува предизвик сам по себе.
Дали имаш спремно скица пред да почнеш да црташ графит или е моментална инспирација?
Во голем дел од случаевите и кај графитите и во сликрството се трудам прво да ја реализирам скицата, а потоа да пристапам кон реализирање на истата. Кај графититте лично преферирам секогаш да имам скица бидејќи времето за изработка е многу кратко затоа што сепак генерално се работи без дозвола на јавен простор каде што може да има негативни последици и коментари од околината додека се изработува делото без разлика како изгледа тоа.
Angel girl Bob Marley
Идеален ѕид за твоите слики е во нечиј дом, јавен простор, галерија …?
Со самото поставување на слики во нечиј дом, канцеларија, галерија па и јавен простор се збогатува истиот. Не дека сум уметник, моето мислење е дека самите уметнички дела без разлика од каков тип допринесуваат просторот да добие на дух и топлина во која што се наоѓаме.
Од каде црпиш инспириција за твоите слики?
Инспирацијата не може константно да се црпи од едно место затоа што таа се добива сосема случајно и може да бидеш инспиран од се и сешто, дуи и од обичен разговор, чувство, среќа, тага, а исто така и од околината во која што сме опкружени. Исто можеме да бидеме инспирани и од некој сопствен имагинарен свет кој се обидувам да им го претставам на љубителите на уметноста.
Влијание? Кој/и уметници влијале врз твојата уметност?
Првичното влијание по моето паметење потекнува од илустрациите на детските книги и учебници од мала возраст па се до професорите и нормално од нашите и светски познати уметници. Лично не можам да издвојам некои уметници освен што можам да кажам дека имам голем број кои што го направиле и прават без разлика дали се класичари или модерни уметници.
Која е улогата на уметникот во општеството?
Уф, ова е тешко прашање. Улогата на уметниците во нашето општество според мене сеуште не е достигнато на тоа ниво на кое што треба да биде. Со надеж дека полека ќе го завземеме вистинското место бидејќи ние ги правиме финесите во амбиентот на сите луѓе без разлика на професијата.
Идни планови?
Моментално спремам нова изложба за оваа година каде што се надевам дека ќе успеам да реализирам добар дел од замислените слики кои ќе бидат изработени во комбинирани техники односно, т.е. ќе бидат микс на абстрактна уметност со графити. Самата идеја потекнува од моментот да спојам сосема два различна стила на изразување. Во однос на кога и каде ќе биде претставена оваа поставка медиумите ќе бидат дополнително информирани и искрено се надевам дека ќе биде посетена како во добрите стари времиња хехее… мислам на оние од пред ковид пандемијата.
Дали би сакал да додадеш нешто за себе или за твојата уметност?
Лично за себе си имам зададено задача да испитувам и учам во доменот на уметноста што повеќе техники и медуми бидејќи тие го збогатуваат мојот дух и го прават полесен начинот за реализација на моите идеи. Мислам дека уметниците не треба да се ограничуваат бидејќи самата уметност не познава граници и со самото лично ограничување на уметникот прогресот на реализација на делата е потешка и покомплицирана бидејќи не секоја идеја одговара на само еден стил.
Делата на Кицо може да се најдат во Галерија Артерама.