22
Дек

Made in Macedonia – Нина Симовска

Кратко твит интервју со сликарка/илустраторка/графички дизајнер/муралистка Нина Симовска

Колку години имаше кога го нацрта твојот прв цртеж/слика?

Не се сеќавам колку години имав, бев многу мала. Бидејќи татко ми е сликар од секогаш сум имала пристап до бои и четки. Се сеќавам на првиот официјален, беше цртеж со виножито во сите бои, а сестра ми ми помогна да направиме рамка од картон и се сеќавам дека му го поклонив на татко ми. Беше пресреќен. 🙂

Твојот уметнички процес?

Тешко ми е да седнам, уште потешко да ме стане некој после тоа. Добра гласна музика, исклучени нотификации и чувство на слобода. Скоро секогаш ги завршувам своите дела. Нестрплива сум да ги видам готови.

Колку долго трае креирање на на еден мурал?

Зависи од композицијата. Пред сликањето следи добра подготовка. Работење на цртеж/скица, планирање и набавка на бои и материјали. Мапирање, размер, квадратна мрежа…Припрема на подлогата. Сликањето е само завршна фаза. Секој мурал си е приказна за себе. Малку е подолго од што им изгледа на клиентите.


Дали си уметник со целосно работно време? – дали си full time artist или работиш и нешто друго?

Да, веќе 10 години сум сопственик на уметничко студио и работам како full time artist на различни проекти.

За формата и бојата/боите?

Сакам симетрија, минимализам и вљубеник сум во црна боја. Тоа што сакам да го гледам не секогаш значи дека ќе го насликам. Последната серија на портрети на пример изобилува со јаки бои.

Влијание? Кој/и уметници влијале врз твојата уметност?

Сите големи мајстори како Рембрант, Да Винчи, Вилијам Тарнер. Учам од Џексон Полок, Баскијат и целата нова ера на улична и графити сцена. Влијанието се менува и е непрекинат процес кој ќе трае.

Твојата уметност и внатрешното уредување?

Мојата уметност и внатрешното уредување се тесно поврзани. Во последно време е се поактуелно клиентите да сакаат мурали на своите ѕидови па тоа отвара можности своите дела да ги видам на големи површини. Уметнички слики, принтови и други форми на уметност сметам дека се неизбежен елемент во секој дом. Тие даваат топлина, комуницираат со вас, пренесуваат порака и го надополнуваат секојдневието. Треба да бидат избрани внимателно и со многу љубов.

Уметник/уметноста во Мк? Дали може да се живее од уметност во Македонија?

Во последно време многу често го добивам ова прашање и навистина не знам како да го одговорам. Се живее да, но многу е тешко. Треба константно да си креативен и да создаваш. Тоа секој уметник знае дека е невозможно. Има периоди кога едноставно ништо не излегува од мене.

П.С. Нина е визуелен артист/ликовен уметник и сопственик на концепт студиото „Just Because” во Скопје. За Нина повеќе на www.justbecause.com.mk или на инстаграм, фејсбук .