Made in Macedonia, Сара Симоска, Oskashop.mk
Сара, најнапред да ти се заблагодарам за муабетот и да те замолам да кажеш нешто за себе?
Јас сум Сара Симоска, архитект и дизајнер на мебел. Ги завршив моите магистерски студии во 2016-та на универзитетот Полтехнико ди Милано. По моето завршување се вратив во Скопје и започнав да работам на секакви проекти во потрага по тоа што ми е најголема пасија. Во 2018-та ја основав мојата фирма Сара Симоска Архитектура зато што победив на архитектонски конкурс во Русија. Од тогаш почнав дефинитивно да работам независно како архитект, иако секогаш создавам различни соработки со многу други. Во 2020та година ја објавив мојата прва колекција подвижни полици Movable. Оваа година добив грант за разработка на таа колекција и нови производи од Фондот за иновации. Во моментов ја започнувам е-продавницата oskashop.mk каде се објавени сите мои дизајни, но гостуваат и други македонски дизајнери.
Што е на прво место – материјалите или идејата за дизајн?
За материјалите нема сомнеж, секогаш ќе биде дрво. Идејата е многу опширна и неограничена. Може да ми дојде идеја додека купувам во супермаркет (се случува често), додека пешачам или возам велосипед. Ретко идејата доаѓа кога седам на компјутер.
Како ги избираш материјали за изработка на мебелот (на вебстраната стои дека користиш природни материјали од обновливи ресурси)?
Јас се заљубив во дрвото низ годиниве како резултат на многу предмети кои што сум сретнала од дрво. Тоа е за мене благороден материјал кој го хармонизира просторот. Ние живееме опкружени со вештачки иверици, лепаци, метали и сето тоа влијае на нашиот организам исто така како што влијае и облеката која ја носиме. Исто така дрвото е материјал кој не загадува за време на производството. Така што сакам да одам подлабоко и подлабоко во истражување и експериментирање на ова поле.
Што ја прави Оскашоп различна/ поинаква од другите производители на мебел?
Мебелот е уникатен, дизајниран од Македонија, произведен во Македонија, од природни материјали, висококвалитетен, повеќето дизајнери се жени,....
Може ли да опишеш од почеток до крај како се прави парче мебел – да речеме маса. CIRCLE ?
Тоа е исто кога ќе се заљубите. Првиот момент кога ќе ми текне нова идеја за нов дизајн, ги имам истите пеперутки. Тоа е резултат на многу шетање, јадење добра храна, опкружување со прекрасни луѓе, одење на Водно и во природа и ќе се случи да ми дојде идеја за некаков дизајн. Потоа го цртам во една голема тетратка за први идеи. Потоа го внесувам во компјутер и разговарам со столар. Тука имам мали несогласувања затоа што често добивам отпор. Меѓутоа со кратко убедување и тоа де пребродува. Потоа го тестирам дизајнот кај мене дома или кај моите пријатели. На крај го фотографирам и објавувам на веб страната.
Кои се добрите страни/придобивките од тоа да се биде дизајнер на мебел? Кои се недостатоците?
Јас сум сè уште на почеток така што сум целосно go with the flow. Немам многу примери во Македонија кои можам да ги следам така што морам да го разгазам патот сама. Сигурна сум дека ќе згрешам во некои потези, но тоа е дел од играта.
Од сите парчиња досега изработени, кое ти е најомилено и зошто?
Подвижните врати IMPROV, затоа што имаат архитектонска вредност.
Кој е најпредизвикувачкиот дел од вашата работа?
Тоа што на голем дел не им е јасно што е тоа уникатен дизајн, и ќе треба некоја година да сфатат, но тука сме да им појасниме. Имаме трпение.
Кои дизајнери влијаеле врз вас низ годините? Дали постои одредена ера или дизајнерски стил од која црпите влијание или посебно ве инспирира?
Можеби потсвесно да, но не свесно. Имам периоди каде нешто повеќе ме инспирира, некои други нешто друго. Дизајнот од екс Југославија мислам дека е скромен и луксузен во исто време. На пример столицата на раскалапање од Рекс Краљ.
Дали имате совети за луѓето кога купуваат мебел?
Да се консултираат со архитект. Да купат нешто кое ќе трае подолго. Да се консултираат повторно со архитект. Да му веруваат на архитектот.
Доколку не беше дизајнер и изработувач на мебел, што би сакалa да бидеш?
Порано сакав да бидам пејачка, ама имав бенд во гимназија и си ја исполнив таа желба. Генерално се стремам да си ги исполнувам желбите.
Повеќе информации за Сара на Oskashop.mk.