30
Дек

Ново во старо

Без разлика дали станува збор за употреба на геотермални пумпи и соларни панели или за рециклирање на постоечки згради, одржливата архитектура, како модерна градежна практика стана многу привлечна ширум светот. Подемот на еколошката свест на архитектите влијае на револуцијата во пристапот на просторот, па така адаптација на работниот и просторот за живеење повеќе не е само потреба поттикната од недостаток на ресурси. Реновирањето на постоечките напуштени објекти станува прашање на престиж и прашање на разликување во архитектонскиот израз. Еден таков проект е Куќата Ролф, која се наоѓа во Утрехт, Холандија. Нејзиниот сопственик е и нејзин автор.


Куќата Ролф е амбициозен проект за трансформирање и реновирање на гаража од крајот на 19 век во современ спектакуларен дом и работен простор. Она што е навистина интересно и фасцинантно кај овој проект е што апсолутно целиот материјал користен при реновирањето на гаражата потекнува од урната деловна зграда која се наоѓала покрај неа. Авторот успешно ги интегрира материјали од стариот објект и гради единствена просторна форма како функционално – естетска симбиоза на старото и новото, што добива израз на нова просторна организација и композициска поставеност.


Простор во простор

Дефинувајќи го просторот во контекст на двојноста, создаден е „простор во просторот“, кој на посебен начин создава корелација помеѓу надворешната обвивка и внатрешната празнина. Имено, просторниот состав на внатрешните елементи е таков што во централниот дел на приземјето има затворен простор околу кој е можно движење од сите страни.

Доколку Ви треба помош при на дизајнирање на вашиот дом во современ или     модерен стил (2Д и/или 3Д/рендери)и/или изработка на мебел, побарајте нè.

Во приземјето се сместени дневна соба, кујна со трпезарија и тоалет, додека на првиот кат се спална и работна соба, гардеробер, бања со туш кабина и посебен дел за када, која е целосно отворена и нуди поглед на целиот ентериер. Кубничните форми во целосно дрвена материјализација и автентичен дух добиваат длабочина во карактерот на претопување на рамнината на просторната организација, која истовремено е одвоена од позадината и споена со неа.


Просториите на првиот кат се поврзани со коридор кој делумно е поврзан со ѕидот на објектот, додека приземјето останува целосно слободно по периферните делови. Овој концепт создава доживување што ја надминува архитектонската убавина разоткриена во ерупцијата на просторот што се распрснува нагоре и остава околу патека за непречено движење.


Трансформација

Свеста за односот на меѓусебните влијанија и взаемната променливост на просторот и настаните секако е присутна кај авторот, а воедно и сопственикот на овој објект. Неговото гледање на односот помеѓу изградениот простор и настаните подразбира способност на настаните да го изменат просторот.

Нагласувајќи го овој потенцијал за трансформација, авторот создава можност за раст и развој на просторот преку впишување на нови значења за кои овој простор примарно не е проектиран. Со својата идеја, уметнички израз и архитектонски јазик, архитектот пренесува многу повеќе од старата зграда отколку самата материјализација и на тој начин создава емотивен набој кој се рефлектира на набљудувачот.

Целиот процес на трансформација го нагласува дијалогот на надворешниот и внатрешниот простор, бидејќи тој всушност се одвива во ентериерот, додека мембраната на поранешната гаража останува речиси непроменета. На задниот дел на фасадата поставен е голем стаклен панел, кој го воведува феноменот на транспарентност создадена како внатрешно својство, осветлено и проѕирно поле кое претставува проширена сфера на перцепција внатре и надвор и постигнува физичка размена со околината така што границата помеѓу архитектурата и контекстот исчезнува.


Благодарност до Порта3 кои ни дозволија да го преземеме текстот во целост.