26
Јан

Работен простор во рамките на детска соба

Почетокот на училишната година или на полугодието преставуваат важни датуми за секое дете и вообичаено му претходат одредени подготовки. Имањето убаво дизајнирана детска соба помага, но подеднакво е важно да се посвети внимание и на функционалноста; вашите малечки да имаат свое место за играње, читање и извршување на училишните задачи. Една од најбитните работи е да се обезбеди соодветен работен простор со цел процесот на учење да се одвива непречено. При креирањето на една детска соба идеално е да има консензус помеѓу родителите и децата како за дизајнот, така и при изборот на (квалитетен) мебел и соодветен работен простор погоден умовите на децата да се развиваат слободно. Важно е кога се креира работен простор за деца, да биде исто толку забавен колку што е и функционален.


И на децата им треба работно биро. Без разлика дали тоа е само простор за цртање, за подготовка на домашните задачи, играње со пластелин, на децата им треба простор на работна маса за да бидат продуктивни. Идеално е работната соба да е во близина на прозорецот, за да се обезбеди многу природна светлина. За да биде комплетен работниот простор покрај работното биро, вообичаено е да се постават и полици со цел да се обезбеди простор за складирање на книги или училишен прибор.


Доколку тоа го дозволува просторот работната маса може да биде пропратена и со мала комода со отворени или затворени полици и фиоки, за да се обезбеди дополнителен простор за складирање. Бидејќи секоја детска соба е приказна за себе и носи свои специфики од аспект на димензии, осветленост, позиција во станот најдобро е при изборот на мебелот да се одлучите за изработка на мебел по мерка.

Доколку Ви треба помош при на дизајнирање на детската соба за вашите најмили,  (2Д и/или 3Д/рендери)и/или изработка на мебел, побарајте нè.

Овој пристап во изборот на мебел преставува наједноставно и најдобро решение, бидејќи во процесот на дизајн сигурно ќе се појават интересни идеи кај вас или кај вашето дете. Имајќи во предвид дека детската соба не се уредува секоја година, при дизајнот како и при изборот на мебелот треба да бидете практични; треба да преовлада и да пресуди родителскиот разум, а не детските желби. Се разбира дека како ќе расте детето, собата ќе трпи промени и ќе се адаптира на развојот и растењето на детето. То значи дека и работниот простор ќе се менува, следејќи го темпото на промени на детето. Неопходно е да се остави простор за сите уреди кои ги сакаат во собата, и да не се заборави дека секогаш ќе има куп хартии кои ќе лебдат околу работниот простор. Затоа папки или голема плутана табла на ѕид ќе остават повеќе чист простор на нивната маса, за навистина да си ја завршат домашната работа.


Доколку во семејството имате две деца на приближна возраст добра идеја е организација на заеднички простор за учење. На тој начин ќе се создаде подобра врска меѓу децата, со заеднички сили ќе развиваат навики и самиот процес на учење ќе биде поинтересен. Доколку децата се предучилишна возраст или тукушто започнале да одат на училиште, акцент може да се стави на простор за креативна игра и забава.

Тинејџерската возраст бара посериозен работен простор, осносно како растат децата растат и нивните обврски и одговорности и потребата за пријатна работна маса, бидејќи очекувано е повеќе време да поминуваат пред компјутер и со книга. На оваа возраст децата веќе имаат развиени креитериуми и вкус за тоа што им треба, па можеби е попрактично да им се дозволи сами да го одберат бирото (ако се менува), плакар или мала комода.