28
Мар

Интервју со Филип Конески архитект и креативниот ум зад проектот “Сувенири Скопје”

Филип Конески, архитектот и креативниот ум зад проектот “Сувенири Скопје”, го внесе своето уметничко гледање на градот со дигитални илустрации од Скопје печатени на бетонски плочи. Преку овие уникатни сувенири, Филип ги претстави најзначајните градски обележја на еден нов и поинаков начин, сакајќи да не потсети на нивната безвременост.

Идејата за овие дигитални илустрации произлегува од постземјотресната архитектура на Скопје, каде армираниот бетон е главниот применет градежно-конструктивен материјал. Воедно, Филип инспириран е и од уличната уметност, каде што бетонските ѕидови често служат како платно за креативно изразување.

Врзувајќи ги овие две точки на инспирација, Филип изработи 60 бетонски плочи со димензии 20/20cm, на кои презентира два авторски и еден експериментален концепт на аплицирање илустрации. Овој проект ја истакнува креативноста и иновативноста на македонскиот дизајн, претставувајќи го Скопје на необичен и еденствен начин.

Воедно Филип е и основач на Марх, нет простор посветен на промоција на македонската архитектура пред пошироката јавност, преку минатите и денешните реализации, проекти, концепти, идеи.

Декорама: Здраво Филип, кажи ми нешто за колекцијата “Сувенири Скопје”?

Филип: Здраво Декорама 😊 „Сувенири Скопје“ е името под кое го брендирам моето делување во делот на сувенирите. Официјално постои од 2016 година кога ја направив facebook страната, но делувањето е од многу порано, бидејќи рачно изработувам сувенири од факултетски денови. Инспирацијата е секако Скопје, од која произлегува илустративниот спомен.

Декорама: Што те поттикна да ги одбереш токму тие градски обележја и аспекти на Скопје за вашиот проект? Коцка!!!

Филип: Конкретно за она што е последно од „Сувенири Скопје“ е поврзано со 60 годишниот спомен од катастрофалниот земјотрес, за што ја направив првата своја самостојна изложба под наслов „Илустрации од постземјотресната обнова на Скопје“. Самиот наслов укажува на архитектурата на „Новото Скопје“ додека појавата на историските симболи се врзуваат со минатото на градот но и нивното реставрирање во процесот на обнова на градот по катастрофата.

Коцка по коцка за целата слика која ја чини мозаикот 😉

Декорама: Кои се најизразени аспекти на врската помеѓу твојата колекција и архитектурата на Скопје, специфично постземјотресната архитектура?

Филип: Во центарот на сите аспекти е желбата тие објекти да бидат препознаени како модернистичко архитектонско наследство на градот кое има особена вредност и значење. Потикнат од начинот на кој ги доживувам работите и желбата да се пренесе дел од таа љубов за градот, пред се пред скопјани е аспект кој ве предизвикува да делувате во различни форми. Меѓу повеќето е и моето работење на илустрации од градот кои добиваат различни форми и медиуми во насока на промоција.

Декорама: Како се разликува твојата употреба на бетонот во креирањето на сувенирите од обичната градежна употреба на бетонот?

Филип: Не се разликува воопшто, токму тоа беше и целта. Најмасовно употребената формула на 3 /1 во однос на песок со цемент и вода 😊.

Идејата за бетонот како носач е поврзана со неговата масовна употреба како  материјал во постземјотресната обнова на градот. Од тука квадратните плочи, рачно и грубо изработени се откинато парче од Скопје. Техниката и идејата ја носам 10тина години, но прв пат јавно ја промовирам, а таа пак е врзана и со исцртувањето на графитите и уличната уметност, каде повторно артистите бараат некое слободно и чисто бетонско платно каде би ја аплицирале својата уметност.

Симбиозата на овие неколку работи, го даваат овој производ.

Декорама: Можете ли да споделите идеите зад различните концепти на аплицирање илустрации на бетонските плочи, вклучувајќи ги истражувањата со ВИ (вештачка интелегенција)?

Филип: Првиот концепт претставува дигитален цртеж, печатен директно на бетонските плочи, додека кај вториот илустрацијата е печатена на форекс, со цел да се издвои цртежот во посебен слој и да се наддаде на плочите. Во еден дел од изложбата се претставени и илустрации работени со примена на ВИ (вештачка интелегенција), без притоа да се дефинира позитивен или негативен став кон оваа алатка, туку едноставна експериментална примена.

Првиот концепт веќе го образложив во претходното прашање, додека вториот е паралела на рачно работените сувенири во факултетските денови, каде за да добијам форма на 3-та димензија, делови од илустрациите ги сечев и наддавав над картонот. Така објектите беа издвоени над позадината, облаците лебдеа и се постигнуваше поинаков ефект на слоевитост. Од тука тоа претходно колажирање во идејата со бетонот беше природен развој на мојот начин на творење.

Во делот на примената на ВИ, истата беше експериментална но во насока на илустрација, не замислени светови и менување до непрепознатливост. Чисто скокоткање со предизвиците што AI тек ќе ги донесе и во нашата (архитектонска) професија.

Декорама: Кои предизвици ги искуси во изработката на сувенирите со примена на ВИ, и како  ги надмина?

Филип: Предизвикот беше да се скрши прво мојот личен мраз, а со тоа и прва моја комуникација со интелегнтниот софтвер преку давање на пишувани насоки. Пробав повеќе достапни платформи со цел да добијам илустрација доволно блиска до препознатливост. Сепак не секоја AI платформа работи исто па од тука потрагата траеше некое време. Соработката со нашиот иден конкурент или соработник беше интересно, но повторно ќе напоменам за сега експериментална 😊

Декорама: Како се надеваш дека оваа колкеција ќе влијае врз перцепцијата за градот Скопје?

Филип: Во оваа мисија да се засака Скопје, сум уште од детски денови. Постојано говорам за градот и неговите предизвици, го преразмислувам, критикувам, предложувам решенија, се спротивставувам, архивирам, пишувам итн. Од тука овој производ е само континуитет на моето делување веќе 3 децени без застој. Ова се сувенири пред се за своите граѓани, кои треба да го препознаат ова Скопје. Од моите почетоци во оваа мисија, до денес има сериозни промени кај општата маса, особено кај младите за што се надевам дека преку моите делувања сум придонел бар малку.

Декорама: Во каков степен сакаш оваа колекција да има едукативен аспект за посетителите и жителите на Скопје?

Филип: На првите разгледници кои ги работев пред повеќе години, на задната страна имав приложено QR код, кој директно ве носи на страната marh.mk од каде пак љубопитните можеа да прочитаат повеќе детали за  авторот, архитектурата на објектот преку текст, фотографии и технички цртежи. Тоа ќе се повтори во втората серија на печатење каде повторно ќе има можност да се задоволи желбата за едукација. Таа треба да резултира со препознавање на работите околу нас. Да прашате минувач на улица да спомне неколку македонски уметници или глумци, верувам секој би усепал да спомне бар три, но да го поставите прашањето за познати македонски архитекти, тврдам дека доминантниот дел од луѓето не познаваат ниту еден со име и презиме. Затоа прво треба да се воспостави некаков предизвик за окото, а потоа да се појави интерес и така со ред. Степенот ќе го одреди самиот корисник, идејата е да се отвори можноста и да постои опција за оној кој сака нешто повеќе.

Декорама: Кои се твоите планови за иднината на “Сувенири Скопје”, вклучувајќи нови проекти и иновации во креирањето на сувенирите?

Филип: Сувенири Скопје е нешто кое се појавува, па на моменти исчезнува, па повторно се појавува. Тоа е поради моето делување на повеќе страни, кои подеднакво ми даваат креативен немир да ги создавам. Сепак се случува некои идеи ( впрочем како и оваа со бетонските плочи) да отстојат 5-10 години пред да успеам да ги реализирам, за што искрено се надевам дека тоа ќе се промени.

Кулминацијата секако подразбира еден личен простор – повеќенаменско студио каде ќе може да се вдомат сите тие сегменти и конечно да се реализира целата палета што недостасува преку соодветен континуитет.  Се надевам дека ќе се случи истото во следните неколку години, сепак бара многу финансии, додека идеите не се проблем, стојат дузина во фиока и секојдневно се појавуваат нови.

Повеќе за Сувенири Скопје на Инстаграм и Фејсбук страни.