01
Апр

Интервју со Николче Манев, развоен инженер на мебел и ентериери

Декорама: Здраво Николче, може ли да ми кажеш малку за себе и за твоето искуство во дизајнот на мебел/столици? Што те привлече на ова поле?

Н.М.: Здраво Декорама и ви благодарам за поканата. По струка сум развоен инженер на мебел и ентериери кој има  пасија да експериментира во различни стилови на дизајни. Вториот дел од прашањето ќе го спојам со следното,  а она што мене ме привлекува  е комплексноста на процесот при самиот развој на еден продукт како што е столицата од  идеја, 3д цртеж, прототип и краен продукт.  И тука ќе си дадам слобода да  цитирам големо име како  Mies van der Rohe  кој вели дека „Столот е многу комлициран објект дури и високoкатницата е по лесна за проектирање“.

Декорама: Изгледа дека твоите дизајни на мебел честопати вклучуваат природни форми и материјали. Може ли да ја елаборираш твојата дизајнерска филозофија и што те инспирира?

Н.М.: Кога се работи на развој на еден продукт кој треба да опленемени еден простор, филозофијата  на дизајн која ја користам дури и со нејзините нај основни алатки, а тие да бидат во синергија е инспирација и предизвик сама по себе.  

Ако ја следиме само функционалноста на производот естетиката многу често доаѓа во втор план.  

Балансот помеѓу овие две работи е есенцијален и сакам тој да го следи целовкупниот процес на развој на еден продукт.

Фала на Бога природата е совршено дизајнирана и во неа наоѓаме неисцрпна инспирација од органски форми или облици кои можат да бидат основа за разработка, па дури и целосно имплементирани во индустрискиот дизајн. А ние како дел од неа лесно ги воочуваме истите.

Декорама: Каков е твојот процес на дизајнирање, од почетниот концепт до готов производ? Кои се некои од предизвиците со кои се соочуваш при дизајнирање на мебел/столици кои се уникатни и удобни?

Н.М.: Идејата најчесто доаѓа како импулс, едноставно кликнува.

Не брзам да ја пренесам веднаш на хартија, оставам да созрее, а од како добро ќе ја визуелизирам и почувствувам дека е вредна за разработка се формира почетниот цртеж на кој има потенцирани детали, бои, текстури и  материјали. Почетната идеја е едвај 5% останатите 95 се буквално борба со ергономијата, пропорциите и стандардите во димензиите за да се реализира во компактен 3д цртеж. Од како тој е формиран, следи конструктивната разработка. 

Тоа е сериозна и предизвикувачка фаза за да може да се развие прототипот, на кој треба да се дефинираат сите позитивни и негативни работи.  Буквално се набива километража на релација погон-биро,  за да се усовршат сите технички карактеристики. 

Се бара изработка на прецизни детали и споеви, се репрограмираат машините. За среќа денеска технологијата е на високо и прецизно ниво  и овозомжува реализација на комплицирани детали, а таа одговара на барањата на дизајнот кој наметнува полесни и чисти форми на сегментите од производот.

Од како производот ќе биде лабораториски тестиран и стандардите за квалитет се исполнети следи планирање и подготовка на производство. Целта тука е да се намалат трошоците на ресурси и време за да се постигне подобра цена и профит на производот. 

Декорама: Некои од твоите дизајни ги поместуваат границите на традиционалните форми на мебел. Како ја балансираш иновативноста со функционалноста во работата?

Н.М.: Кога една форма доживува трансформација добиваме на максимална искористливост од неа.  Модуларните производи се добродојдени во помали простори за домување кои ја наметнуваат нивата употреба.

Размислувањето за таков производ ме водеше од една интересна идеја која произлегува од решавање на геометриски проблем и лего коцките на внук ми. 

3Q  или three quarters  е модуларна кафе масичка каде една квадратна форма без една четвртина е поделена на четири еднакви по форма делови по дадена површина. Тие се различно екструдирани во висина  и нивното комбинирање дава различна површина на искористливост а воедно и скулптурален изглед на масата. Една од формите е изработена од дрво, а останатите од рециклирачки полиуретан. Склопена може да биде како мала странична масичка или расклопена односно комбинирана од формите во поголема.

Декорама: Како остануваш во тек со најновите трендови во одржливи материјали и еко-пријателски дизајн практики?

Н.М.: Свесноста и одговорноста за природата околу нас и дека биодиверзитетот за жал е одамна нарушен се причина сите ние да бидеме во тек со еко трендовите.  

Индустријата за мебел е многу иновативна и за пофалба од аспект на користење на еко одржливи материјали. 

Погледнете ги најновите производи  на Kvadrat од рециклирачки текстил, како и технологиите за пвц влакна на becker-brakel.    Таквите материјали нудат голема можност за трансформација на формата.  Одамна веќе се  користи дрво од обвновливи извори, рециклирачка пластика собрана дури и од морињата , био разградливи материјали , обновливи извори на енергија за производство.  А пазарот денеска бара не мал број на сертификати дека се е еко-пријателски, па дури и пријателски кон животните. 

Декорама: Кои се некои од твоите омилени материјали за работа и зошто?

Н.М.: Дрво. Дефинитивно.  Со самата своја природна  убавина која е дефинирана од текстурата, бојата па дури и мирисот, неможете да најдете два исти сегменти од него. Различно го доживувате и визуелно и на допир. Таквите карактеристики кои ги нуди како материјал за дизајнирање дава можност на единствена и уникатна експресија на секое парче мебел поединечно.  

Декорама: Каков е твојот пристап кон ергономијата при дизајнирање на мебел/столици, особено за оние кои имаат повеќе скулпторска форма?

Н.М.: Иако естетиката е важна, столицата сепак треба ефикасно да служи со својата намена. Ова значи да се земе предвид како луѓето ќе ја користат, а таа да ги задоволува функционалните потреби, клучно е да се разбере како човечкото тело се движи и комуницира со столицата. Секој елемент на столот, од седлото и потпирачот за грб, за раце и нозе, треба да е ергономски прецизно  поставен  за да создаде чувство на баланс и комфорт.

Сепак сметам дека столицата треба да е присутна во просторот не само визуелно, туку и да се почувствува нејзиниот карактер. Да имате поинакво  доживуање кога ке ја погледнете од различно перспектива.

Скулптурниот дизајн на стол може да се опише како хармоничен спој на функционалност и уметнички израз, каде што линиите, облините и пропорциите го надминуваат обичниот утилитаризам за да станат уметничко дело само по себе. Тоа е еден процес кој бара многу труд и енергија.

Декорама: Може ли да ми кажеш за проект на кој си особено горд, и зошто? На што работиш моментално? Дали имаш некои проекти во тек што би сакале да ги споделиш?

Н.М.: На секој каде клиентот ке го доживува на свој начин  и со задоволство ке го користи. Така мислам дека сум ја постигнал целта. Поединечно не сакам да се врзувам за проект или дизајн, следниот е секогаш најдобар, тој носи свои предизвици а предходните се тука да му кажат дека јас ги пишувам правилата  😊

Во последно време ги истражувам  јапонските артисан мајстори во Хида-Такајама. Самата планинска област која со прекрасна природна убавина и архитектура дава спокој и  инспирација за творење. Нивната култура, начин на размислување и префинетост во работата се инспирација за неколку дизајн концепти кои се во развојна фаза.

…Ке бидеме во контакт, ветувам.  

Повеќе за Николче Манев на Инстаграм.