01
Фев

Made in Macedonia – Андреј Митевски

Кратко интервју со скулптор/вајар Андреј Митевски


Кажи ни нешто за себе, што те натера да се занимаваш со скулптура?

Мојата определба да имам професија која за цел има создавање, креирање или пак осознавање на животот преку форма се случи во средното уметничко училиште. Таму почнаа да ми се откриваат тајните на занаетот и љубовта да расте.

Првата скулптура?

Мојата прва вистинска скулпура беше портретот на Мојсие на познатиот Микелеангело кој професорот Ангеле Нацевски ми ја беше доделил задачата да го моделирам. Тогаш открив дека глината може да прозбори, дека се околу нас е израз на животот.

Еден типичен ден на Андреј?

Мојот ден започнува со утринско кафе и лавина на идеи како да се искористи денот. Скоро секој ден се наоѓам во моето ателје во кое другарувам со колегите, но и со мермерите.

Твојот уметнички процес?

Тој материјал во кој се вљубив уште како бруцош на факултетот за ликовни уметности ми остана како еден порив или како еден непокор на времето. Тој мермер создаван со милиони години стои пред мене тивко, шепотејќи ми ја неговата приказна, приказна за почетокот, за животот и за енергиите.


Што чувствуваш додека создаваш едно уметничко дело??

Затоа се трудам да вметнам во моите дела една безвременост, едно отсуство на рецентност. Уметноста и трагањето по одговори ги брише границите на лимитираноста, секое ново истражување е нов хоризонт, нова перспектива. Така да во моето творештво се имам послужено со интерактивни помагала, како сензори за движење, светлечки ефекти и се што е на располагање за да се раскаже една идеја, еден прозорец низ кој може да погледне секој. Токму тој прозорец кој несебично го отвараме пред јавноста, не насочува кон нова потрага по нови сознанија и така до бескрајноста. За мене работата со мермер е еднаква на медитација, ништо не постои ништо не е битно, тука сум во својот свет кој постои сам за себе. Тука нема ништо друго освен наредната скулптура која чека да биде ослободен од каменот.

Применета уметност? Твоите дела и внатрешното уредување?

Секое дело кое е изработено од камен има своја уникатност па дури и да е обична маса или лавабо кое ќе биде употребувано од некого можеби цел живот. Тој пристап го имам за било кој дизајн, без оглед што сака да каже или која му е функцијата. Делото треба да инспирира да доловува убавина и да биде допрено од човечка рака. Така да дел од мојата уметност и го посветив на дизајнот на ентериерни предмети. Како инспирација го имам светот со сите свои убавини и будалаштини. Но пред се, се осврнувам на работите кои даваат живот, – сонцето, пчелите , цветовите, водата ,земјата и се останато во големиот космос. Нашата фантазија го изгради светот во кој живееме.

Уметник/уметноста во Мк?

Во Македонија постои една голема бројка на креативци , уметници кои со својот долгогодишен труд успеале да го заслужат своето место под сонцето и само преку културата и уметноста, Македонија може да го завземе своето место во светската култура како народ, како нација.


Колку е лесно/тешко да се изложува надвор од Македонија?

Мојата најголема среќа е тоа што никогаш не се ослонив само на работа во нашата држава која и после 20 години не најде начин да го вреднува и заштити тоа што заслужува, така да и мојата приказна започна и се уште трае надвор од Македонија. Учесник сум на повеќе од 30 интернационални симпозиуми на монументална скулптура во светот од кои најдраги ми се претстоите во Јапонија, Кина, Аргентина, Бразил, Тајван и Италија. Како нешто најново и за мене изненадувачко, беше веста од Тајванската академија на уметности да ме покани како полуфиналист во светскиот престижен настан ЛИПао награда во ТајПеј. Откако по пат на селекција ме одбраа од 460 апликанти од цел свет, после оваа вест ми стана многу мило што за прв пат еден Македонец ќе биде на листата на уметници на овој настан со долга традиција.

П.С. Повеќе за Андреј може да се најде на …. http://andrejmitevski.com/