Made in Macedonia – Срѓан Миќиќ
Интервју со графичарот Срѓан Миќиќ
Кога откри дека имаш талент за цртање/сликање? Од кога почна да се занимаваш со четките и платното?
Претпоставувам дека комуникацијата преку цртежот отсекогаш била присутна во мојот живот. Можам да издвојам кога за првпат сум бил инспириран од дело создадено од друг автор. Станува збор за цртеж виден како дел од некоја статија во Политикин забавник. Студија на гипсена глава од Милош Црњански, толку се сеќавам. Мислам дека бев второ или трето одделение. Поттикнат од цртежот му направив портрет на дедо ми. Тоа беше првпат да цртам со вистински модел. Можеби тука е точката на пресврт, тешко е да се каже. Од најрана возраст ми беше полесно да цртам отколку да зборувам. Мислам дека преку цртежот и почнав да комуницирам со околината.
Опиши ја твојата уметност во 3 збора?
Тешка задача е да се опише животната преокупација со три збора. Се прашувам дали е воопшто возможно да се сублимира дискурсот на уметничката дејност во концизна форма со толку малку зборови. Звучи како наслов од книга што треба да објасни, но ќе се обидам: филозофско-естетска контемплација.
Во кој тип на уметност најмногу уживаш и зошто?
Во музиката и литературата. Двете ги претпочитувам подеднакво. Ликовната уметност отсекогаш сум ја доживувал на поинаков начин. Поточно, за разлика од музиката и литературата во кои можам да се препуштам, ликовните дела ги доживувам преку сосема друга палета емоции и мисли, потребата самиот да создавам е поголема од вниманието што можат да ми го задржат.
Што се однесува до медиумите, графиката, секако, ми е основна пасија и како што се вели „кога графичарот одмара, тој слика и ваја“. Дигитални илустрации, концептуални скулптури и помала пластика, воопшто сè што влегува во доменот на цртежот, кој сметам дека е основниот јазик на ликовните дисциплини, вклучително и фотографијата и дигиталната уметност. Дали станува збор за парче јаглен, длето или четка, принципот развиен преку цртежот и разбирањето на просторот и материјалите дозволува мултимедијаност во изразот. Медиумите се само средство за одреден креативен израз.
За твоите принтови дали работиш само со линолеум или користиш и други материјали?
За висок печат користам линолеум, дрво, форех, и воопшто каков било материјал кој ми дозволува да цртам со длето и кој може да се отпечати. За интаглио или длабок печат претпочитувам да работам на цинкова плоча со техники како гравура, мецотинта и поретко акватинта.
Дали користиш преса за печатење или рачно ги печатиш?
Кога станува збор за традиционални графички техники, секогаш печатам рачно. Со преса или без.
The Tower, 45x30cm, linocut, 2020 Cityscape I, 45x30cm, linocut, 2018
Преферираш еднобоен/монохроматски принт или …?
Ја ценам едноставноста на изразот што ми ја дозволува работата со помалку боја. Посебно во високиот печат.
Разликата во начинот на перцепцијата на твојата ументост помеѓу возрасна личност и деца?
Ќерка ми од многу рана возраст знаеше да препознае моја слика на групна изложба, без предходно да ја има видено. Денес гледа работи во моите композиции што јас не ги гледам, или ги гледам благодарение на нејзината сугестија. Знае и на повисок тон да ја брани сликата што таа ја гледа. Кога работам на платно често ја менувам првичната композиција и до завршувањето се случува и повеќе од петпати да го пресликам платното. Има платна кои ги памети и ми ги спомнува дека сум ги уништил. Монструм мал.
Доживувањето на моите слики од возрасни лица и деца е сосема различно од моето доживување. Нивното доживување во целост зависи од нивниот светоглед и емотивната реакција на визуелните уметнички дела. Разликата помеѓу перцепцијата на возрасните и на децата е генерално поинаква, не само во однос на моите слики.
Words of Perception III, 60x60cm, acrylic on canvas, 2020 Words of Perception IV, 60x50cm, acrylic on canvas, 2020
Во каков ентериер сметаш дека најдобро одговараат (би одговарале) твоите дела?
Современ, функционално минималистички ентериер би одговарал, претпоставувам.
Инспирација за твојата уметност?
Обично е прашање на одлука. Натаму сè си доаѓа на место. Навистина, има моменти кога морам по секоја цена да создадам некоја опсесивна визија. Но, најчесто сум воздржан и доволно лесно се препуштам во креативниот процес.
3 уметници кои влијале врз твојата уметност?
Алберт Дирер, Фјодор Достоевски и Рамбо Амадеус, можеби, не знам.
Каков совет би му дал на некој кој штотуку излегува до ФЛУ/ликовна академија?
Ако некој нема јасна идеја зошто се запишува на Ликовна академија, нема совет што може да му помогне по завршувањето. Можеби да се обиде во некоја друга област, додека е време.
Дали и колку интернетот влијае на твојата уметност?
Влијанијата одговорни за одредени аспекти во моето творештво се директно поврзани со мојата субјективна перцепција и доживување. Искуството стекнато од нашето секојдневие е неизбежен елемент од нашето развивање како автори. Интернетот е дел од нашето секојдневие и неговото влијание е неоспорно во животниот развој на сите нас, без разлика на дејноста која ја имаме. За уметниците, веројатно, интернетот значи и ново пространство за дејствување. Поголема публика. Дали е тоа добро или се губи нешто важно во текот на транзицијата, останува времето да каже. Засега, сите се прилагодуваме на една нова и во исто време, очекувана реалност.
Планови за 2021 г?
Како затоплува обично почнувам почесто да го користам студиото. Зимата обично ме ограничува како на работа на помали формати, така и на материјали. Посебни планови за 2021 немам, можеби некоја изложба, и секако, доста цртање и сликање.
Mountain village, 60x40cm, acrylic on canvas, 2020 Sunday Portrait, 60x50cm, acrylic on canvas, 2020
Делата на Срѓан може да се најдат во Галерија Артерама.