Made in Macedonia, Ангел Димовски – Чауш
Интервју со Ангел Димовски – Чауш
Здраво Ангел! Работите во различни медиуми и се интересирате за различни ликовни дисциплини ( цртеж, колаж, слики) но сепак скулптурата е ваш примарен медиум/канал на изразување? Зошто скулптурата?
Љубовта кон скулптурата датира уште од времето кога се запишав во средното уметничко училиште. Во тоа време првата година во уметничкото училиште беше припремна, и ние учениците посетувавме часови во ателјеата на сите одсеци за да се запознаеме со сите техники и можности за изразување. Уште при првиот мој контакт со училиштето бев импресиониран од можностите што ги нуди вајарството, односно тродимензионалното изразување. Така што уште тогаш бев решен следната година да се определам за вајарскиот отсег и тоа се случи. Исто така имав среќа да бидам во класата на основопололожникот на македонската склулптура професор академик Димо Тодоровски кој дополнително ја зголеми љубовта кон скулптурата.
Која е вашата прва скулптура?
Првите мои скулптури беа изработени во гипс, а гипсот не е траен материјал и за жал не се сочувани. А прва посериозна скулптура која ја имам изработено во траен материјал (дрво), е скулптурата “Просјак” која датира од средношколските денови во уметничкото училиште и сега е во сопственост на фамилијата на мојот брат.
Кога за првпат се заинтересиравте за уметност?
Мојот прв интерес за уметност се пројави на моја пет шест годишна возраст, кога во местото каде што живеевме дојде на гости студент од Академијата од Белград и за прв пат видов уметник кој тогаш изработуваше пејзажи од местото. Тоа е дел од моето сеќавање кое што никогаш нема да го заборавам.
Како вашите студии/ликовно образование помогнаа да се обликувате како уметник?
Затоа што во тоа време сеуште немаше факултет за ликовна уметност (ФЛУ) во Македонија, по завршувањето на средното уметничко улилиште, се запишав на факултетот за Историја на уметност и археологија, каде што и апсолвирав. Во меѓувреме се отвори ФЛУ па јас се запишав на истиот и дипломирав. За моето обликување како уметник повеќе придонесоа студиите на факултетот за историја на уметност отколку студиите на ФЛУ, затоа што кога се запишав на ФЛУ јас веќе бев оформен како уметник, со изграден стил кој само технички со работа го усовршив.
Најголемо влијание во тој период?
Не сум имал некакво конкретно влијание од некој уметник, можеби моите професори влијаеле на мене, меѓутоа не со нивниот стил туку со начинот на работа и со начинот на размислување. Влијаеле на мене дека само со работа и експериментирање може да се постигне успех.
Кога ја продадовте првата скулптура?
Никогаш не сум бил оптеретен дека тоа што го работам мора и да се продаде. Меѓутоа сепак кога уметникот ќе продаде свое дело претставува задоволство затоа што тоа е доказ дека некој го цени твојот труд. Првото мое дело беше продадено на мојата втора самостојна изложба која беше одржана во салонот на ДЛУМ и беше купена од една госпоѓа од САД која беше во Македонија во мисија од Обединетите нации.
Дали има некој посебен кој ја потикнал вашата работа и вашиот пат како уметник?
На мојот пат како уметник секогаш сум се пробивал сам. Во мојата фамилија јас сум првиот кој се определил за уметноста. Поттик сум имал од моите постари колеги скулптори со кои бев близок, и тука би ги спомнал академикот Боро Митриќески и Драган Поповски Дада, кои иако беа генерациски постари сепак бевме блиски.
Сте работеле во метал, гипс, бронза, алуминиум, мермер и дрво. Кој ви е омилен материјал?
Сите материјали ми се омилени, но немам некој кој што посебно би го издвоил. Единствено што секогаш сакам да работам во трајни материјали, сакам моето дело да ме надживее. Обично еден период работам во одреден материјал, па потоа се заситувам од истиот, па за промена се префрлам на друг, а ги владеам сите техники. Моето атеље е голема работилница со алати за сите техники. Преферирањето на трајни материјали ми остана под влијание на студирањето на архиологија и честите одења на теренска настава при археолошки ископувања. Секогаш сум се воодушевувал на артефактите кои ги пронаоѓавме на кои времето не им можело ништо.
Дали цртежот секогаш и претходи на скулптурата и е составен дел на вашиот творечки процес или?
Цртежот секогаш претходи на скулптурата, меѓутоа тие цртежи што јас ги ги изработувам како припрема за скулптура се само обично едноставно направена скица која ми е само патоказ за работата и тие цртежи јас не ги сочувувам. Меѓутоа јас многу го сакам цртежот како посебна ликовна дисциплина и така го третирам збогатувајќи го колористично со акрилни бои, акварелни бои и пастел.
Вие сте пред се скулптор, дури и во вашите слики забележливи се елементи на скулптура?
Уште од почетокот на мојата професионална кариера се определив за скулптура меѓутоа уметноста во современите текови нема толку строги граници, понекогаш скулптурата се испреплетува со сликарството и обратно. Па така и во моето творештво во последно време се застапени слики-рељефи. Тоа се тродимензионални слики кои се поставуваат на ѕид, изработени се на платно поставено на блинд рам, меѓутоа асоцираат на скулпторски рељефи- објекти. Тоа е моја специфична техника до која дојдов со многу истражувачка работа и експериментирање, што е многу важно за секој уметник.
Кажете ни нешто повеќе за вашето уметничко ангажирање во монументалната склулптура, споменична пластика?
Предизвик за секој уметник е да му се овозможи реализирање на некое монументално дело. Во проектот Скопје 2014 земав активно учество и конкурирав на повеќето конкурси и скоро на сите освоив некоја од наградите. Јас од тие монументални скулптури изработив неколку. Големиот рељеф над портата на Јавното обвинителство во египетски мермер, Скулптурата “Две форми” излеана од алуминиум поставена пред гимназијата Јосип Броз Тито и три скулптури на фасадата на Министерство за Надворешни работи, истите излеани во лесен бетон. Меѓутоа сепак би кажал дека само скулптурата две форми има мој авторски белег и мој потпис, бидејќи само тука имав потполна слобода на изразување.
Главен мотив во вашата склулптура е жената, односно ја славите женската фигура, тело во сета нејзина раскош, како носител на животот и јадро на љубовта мудроста, и духовната енергија?
Ако се навратиме наназад во историјата на уметноста ќе забележиме дека мотивот жена доминира низ целата историја и тоа заслужено, бидејќи жената од секогаш претставува столб на едно семејство. Нејзината физичка и духовна убавина низ милениумите е опеана во многу песни, претставена на многу слики и скулптури и затоа не изненадува фактот што и јас толку многу посветувам во моето творештво на женскиот принцип.
Какво е чувството да имате заедничка изложба со вашиот син, ликовниот уметник Стефан Димовски во вашиот роден град Велес?
Мислам дека заедничката изложба со мојот син Стефан Димовски беше на наше заедничко задоволство а посебно што се случи во мојот роден град Велес, каде што имам сеуште многу другари и пријатели од младоста, а таму живеат и повеќето од моите блиски роднини. Така што изложбата беше многу посетена и тоа ни направи огромна чест и задоволство. Мојот син Стефан како млад автор се покажа како многу вреден и активен уметник кој ветува многу да допринесе во ликовната уметност. Затоа задоволството од моја страна беше големо за реализација на оваа изложба.
Колку цртежот како медиум е предизвик за вас? Учество на групната изложба “Експериментален цртеж”
На цртежот како ликовна дисциплина во последно време многу повеќе му се посветувам отколку во минатото. Редовно учествувам на изложбите на ДЛУМ – Експериментален цртеж. Вообичаено после напорната работа на некоја склулптура се одмарам со изработка на некој цртеж. Самата техника цртеж кажува многу за самиот уметник, бидејќии тука најдобро се гледа неговата експресија и мајсторија, и затоа од секогаш сум се воодушевувал на добар мајстор на цртеж.
Повеќе за Чауш на неговиот профил на Сингулар Арт.