Кон изложбата „Асиметрична нота нежност“ на Маја Танева
Интервју со Маја Танева
Во Галеријата „КО-РА“ на Зелениот покрив на Ј.У. Дом на култура „Кочо Рацин“ (Дом на градежници) во Скопје на почетокот на Октомври се одржа изложбата на скулптури „Асиметрична Нота Нежност“ од Маја Танева. Вилинските коњчиња се осетливи на промени во животната средина и затоа претставуваат индикатори за состојбата со речните екоситеми – факт врз основа на кој е создадена серијата „Асиметрична Нота Нежност”. Вилините, тема која ја рефлектира сензитивноста на нашата внатрешност, уката која ја имаме како можност да ја преземеме од нивниот процес на адаптација како најстар инсект кон сите промени кои ги искусиле. Предаторската сила прикриена во најнежната на изглед камуфлажа – пишува Танева по повод изложбата. Повод за муабетот со Маја беше оваа изложба.
Асиметриите се важни бидејќи ни помагаат да ги класифицираме неочекуваните промени во формата, односно преку процесот на кршење на симетријата се формираат нови обрасци во природата. Како асиметријата е поврзана со потребата за адаптација и наоѓање на сопствениот микрокосмос?
Асиметријата е несовршенство, животниот циклус е несовршен, на луѓето а и на сите останати живи организми на планетава, животните, во случајот вилините се адаптираат многу брзо на сите несовршености-препреки кои им се случуваат- во случајот минатата година е приметена промена на линиите на крилата на мажјаците, тоа се должи на адаптабилниот момент од глобалното затоплување. Вилинските коњчиња се меѓу првите инсекти- животни кои предовестуваат промена на животната средина. За адаптацијата, самодовербата, доброто чувство можеме многу да земеме, научиме од нив.
Маја, научен факт е дека емоциите се обработуваат асиметрично од човечкиот мозок. Како вилинските коњчиња се вклопуваат во асиметријата на нежноста? Фронталната алфа асиметрија (FAA) мерена со електроенцефалографска (ЕЕГ) моќ во алфа опсегот (8-13 Hz), е чувствителен индикатор за асиметрична мозочна активност во фронталниот кортекс. Серија истражување покажале дека поединците имаат помала алфа моќ на левата хемисфера од десната хемисфера кога гледале нежен филм, односно дека нежноста е позитивна и поврзана со мотивацијата за пристап.
Асиметрична нота нежност … е насловот на оваа изложбена поставка, започнувам од нежноста која ја рефлектира материјалот а кој оргинално е наменет за тешката индустрија, неговата издржливост, истрајност и откако ке се измоделира, цврсината на формата, потоа кон вилината, нежна но всушност таа е предатор во природата. Нежноста е и сила, истото е изрефлектирано и во скулптурните форми, тие се постојано различни, целосно различни на сонце или на сенка, внатре или надвор, секој агол е ново откритие на формата и приказната што се раскажува. Силата и нежноста се совршено споени во овие композиции.
Бидејќи концептот „совршенство“ е културно и општествено врзан, тогаш не може да има универзален договор за тоа што претставува совршенство. Така, концептот на совршенство е субјективен. Кои се твоите размислувања за адаптација преку несовршеност и (себе)прифаќање?
Точно, совршенството е силно наметнато од конзумеризмот, потребна е поголема свесност кон погоре споделеното, од тука и сите фрустрации и очекување кои се наметнуваат на младата популација а секако не се поштедени и останатите возрасти со очекувањата за изглед, однесување. Индивидуалноста е ставена целосно во втор план и често осудувана, доколку (себе) прифаќањето е разнишано, фрустрациите се огромни. Затоа и целта ми е да се зборува и раскажува отворено кон оваа тема, сепак самодовербата е онаа која ги создава промените. Забавен факт, женките вилини можат да направат андрохромна промена на бојата за да избегнат сексуално вознемирување!
Совршенството е идеал што не може да се достигне!!. Дали тоа значи дека може и треба да се задоволиме со помалку, полошо и да не се стремиме кон идеалот?
Ќе го цитирам Вангел Наумовски – насилството раѓа насилство, грдоста бара грдотии. Јас барам уметност на чувствана префинетост, на чиста хармонија, сликарство како празник на животот. Целосно се сложувам со мислата на нашиот генијален сликар, оттука и следи задоволството во сопствениот микрокосмос и совршенство со кое располагаме во мигот.
Вилинските коњчиња ја населуваат Земјата над 300 милиони години. Значењето и симболиката на вилинско коњче вклучува можност, трансформација, спонтаност, мудрост и други мистични квалитети. Овие прекрасни крилести инсекти ги фасцинираат луѓето илјадници години. Направени се од материјал кој се користи во индустријата (жица), сепак твоите вилински коњчиња комуницираат наклонетост, нежност, ранливост, тага, страв, љубов, сочувство???
Измоделирани се од – иноксни јажиња- материјал кој се користи во индустриската опрема за подигнување на кранови и сл. Во минатата серија ги обработував чувствата преку ѕидни инсталации, сега во оваа поставка ја има скулптурата со наслов – Поза на Дишење- претставена преку отворните крила на вилината за длабок здив, полнење на градите со здрав планински воздух, ја има -Одмор во лудото Движење- прекрасно нежно бело вилинско коњче претставено во полна измоделирана извртена форма, -Звучна Нота- инспирирана од музичката нота, стилизирана но полна со движење …
Повеќе за Маја на нејзината вебстрана.