14
Авг

Специјализирана пржилница за кафе во Белград

Проектиран како повеќенаменски простор, овој локал од 75 квадратни метри во Белград, сместен е во склоп на објектот во кој се наоѓа хотел „Белград“.

Проектот на ентериерот е на бирото ENND, истовремено е пржилница за специјализирани видови кафе, работилница каде се вршат обуки и презентации, продажен простор, канцеларија, а воедно и простор за релаксација и дружење на љубителите на кафе.

Прегледен простор со голема висина

Барањето на клиентот било со реновирање и адаптација да се добие повеќе светлина и транспарентност на просторот, но и да се подобри неговата употребна вредност.

„Во склад со тоа, еден дел од плочата на горното ниво е отстранет за да се добие прегледен простор со голема висина во предниот дел“, велат архитектите.

„Во овој локал, едно покрај друго фигурираат челични скали и мека завеса, технички канали за вентилација и пржилница за кафе од инокс покрај ѕидни лампи од порцелан“, објаснуваат авторите на проектот.


Овие соочувања на материјалите присутни се во обликувањето на ентериерот на целиот простор.

„Во овој локал, едно покрај друго фигурираат челични скали и мека завеса, технички канали за вентилација и пржилница за кафе од инокс покрај ѕидни лампи од порцелан“, објаснуваат авторите на проектот.

Големи стаклени портали

Атрактивни спирални скали кои делуваат како инсталација во просторот додадени се како нова врска помеѓу долното и горното ниво. Посебен дизајнерски детал е оградата на скалите изработена од полно дрво.

Уличниот фронт на локалот е обликуван од големи стаклени портали кои можат целосно да се отворат, бришејќи ја границата помеѓу екстериерот и ентериерот. Локалот тогаш станува составен дел од животот и атмосферата на улицата.

Стаклените портали дополнително се нагласени со дрвени рамки, кои одговараат на бојата и текстурата на мебелот во внатрешноста на локалот.

Проѕирните завеси, долги цела двојна спратна висина, овозможуваат лесна промена на атмосферата така што по потреба се постигнува целосна интимност во однос на надворешниот простор.

„За подна облога избрано е бледо зелено терацо со дискретна гранулација од камен. Оваа боја на подлогата со својата нијанса, меѓу другото, асоцира и на бојата на сировото кафе“ – велат архитектите.

Благодарност до Порта3 за текстот и фотографиите.