20
Дек

Tree Loft, поткровје со стебло кое како скулптура го поврзува просторот

Во поткровје, со современ ентериер, во кој доминираат природните елементи и материјали, свое место пронашло и едно стебло, кое како скулптура го поврзува просторот, но и потсетува на запуштената природа која е насекаде околу нас.

Архитекти од италијанското биро QOS Studio работеле на реставрација на напуштена зграда во градот Асти (Пиемонт, Италија). Некогашно складиште, од крајот на 19. век, било ослонето на средновековна куќа во историскиот центар на градот. Со проектот требало да се усогласи старото и новото, да се најде баланс меѓу историското наследство и современиот стандард на домување.

Davide Querio, главниот проектант, вели дека големиот, празен простор го инспирирал да создаде хармонична, неутрална целина во која ќе го остави видливо она што го сочинува традиционалното наследство. Дрвото е тука со идеја да донесе природност и топлина, а во исто време да служи како елемент што ги поврзува подот и таванот. Како необичен детал, дрвото станало симбол на целиот проект на поткровјето наречено Tree Loft.

Поткровјето е решено на две нивоа, на долното ниво има дневна соба, кујна со трпезарија, гардеробер и тоалети, а на галеријата е спалната соба, од која се излегува терасата.


Кујната и трпезаријата се одделени од дневната соба со систем на комбинирани проѕирни и непроѕирни лизгачки врати. Таванот под галеријата е обложен со дрво во метална рамка.


Изборот на архитектите бил да користат само неколку материјали во внатрешноста, а тие да бидат природни, видливи и внимателно комбинирани. Доминантни се дрвото, металот и бетонот, а во дневната соба посебна топлина дава изложениот ѕид од тули.

До галеријата, каде што се наоѓа просторот за спиење, се стигнува со конзолни метални скали. Тенки, елегантни форми, дискретно осветлени, за разлика од ѕидот од тули на кој се ослонети, тие се уште еден впечатлив детал.

Пронаоѓајќи ја убавината во едноставноста и линеарноста, авторите создале удобен и релаксирачки модерен стан, полн со топлина, скриени простори и оригинални детали.

Благодарност до Порта3 за текстот и фотографиите.