25
Мар

Интервју со Mokko (столарска работилница од Скопје)

Зад секоја извонредна креација се крие волшебна приказна, а кога станува збор за Моко почетокот на приказната е пред шест години кога од спојот на пријателство, љубов, работа и експериментирање со дрво се роди Мокко. Денес, Моко стои како доказ за визијата и посветеноста на тројца креативци, занаетчии: Игор Цветковиќ, Александар Шатановски и Сашо Емшеиревски кои уживаат да ги обединат природните, понекогаш диви карактеристики на дрвото во еден модерен, но сепак безвременски облик. Нивната експертиза ги надминува границите бидејќи мајсторски го мешаат дрвото со епоксидна смола, создавајќи низа производи од различни материјали.

Уште од рана возраст, триото имало длабока фасцинација за обработката на дрво, поттикната од природната љубопитност да ја откријат сложеноста и магијата на изработката на парче мебел. Кога се работи со масивно дрво, тројцата мајстори столари покажуваат длабока почит кон природата и самото дрво. Секое парче дрво што го користат е дел од животен циклус, и затоа се трудат да работат на начин кој ќе го максимизира неговиот потенцијал. Се обидуваат да работат на одржлив начин, што значи дека секое парче дрво, дури и оние делови што обично се сметаат за отпад, се третира со внимание и креативност. Тие отпадни парчиња/делови се можност за нови креации и вредни производи. Преку (ре)искористување на отпадниот материјал, столарите на Мокко создаваат нешто ново и уникатно.

Декорама: Прво да ви се заблагодарам за муабетот и да ве замолам да се преставите. Кои се луѓето позади https://mokko.mk?

Мокко: Позади Мокко се крие интересна приказна. Почетоците на Мокко се од пред 6 години, кога целиот муабет започна од некои мои експерименти со епокс(идна смола). Денес Мокко е составен од тројца столари Игор Цветковиќ, Александар Шатановски и Сашо Емшериевски  кои покрај комбинација на дрво со епоксидна смола работат секаков тип на производи  со користење  на различни матерјали.

Декорама: Дизајнот на мебелот и обработката на дрво не е нешто во кое се занимаваат повеќето луѓе, како влеговте во бизнисот и како стана ваша страст?

Мокко: Од најрана возраст сите тројца имавме интерес и пројавувавме желба за работа со дрво. Како дете барав одговори како е изработен одреден продукт од дрво и како тече целиот производствен процес. Сплет на околности беше мојата претходна работна позиција каде ги стекнав сите контакти и луѓе од кои можев да црпам знаење и експертиза во оваа област на кои сум им бескрајно благодарен и со кои до ден денес имаме одлична соработка.

Декорама: Што е на прво место – материјалите или идејата за дизајн?

Мокко: Дизајнот во секој случај, па потоа се разгледува кои материјали би биле најсоодветни за конкретниот дизајн.

Декорама: Што минува низ вашиот ум при изборот на дрво што ќе го користите за вашиот мебел? Дали барате нешто конкретно?

Мокко: Најчесто користиме тип на дрво кои се достапни на нашето поднебје како орев, даб, бука или јасен. Она што ни е најважно и пресудно кое дрво да се искористи во одредено парче мебел е неговио год (шарата на самото дрво), зависно од намената нели и цврстината на дрвото, но и  дали би ја задржале природната нијанса на дрвото или ќе се користат одредени масла нијансирани или бајцови.

Декорама: Kои дизајнери влијаеле врз вас низ годините? Дали постои одредена ера или дизајнерски стил од која црпите влијание или посебно ве инспирира?

Мокко: Дефинитивно Баухаус,  елегантни стабилни линии и чисти површини. Џорџ Накашима исто така кога станува збор за работи од масивно дрво.

Декорама: Дали работите на одржлив начин? Објаснете.

Мокко: Кога се работи со масивно дрво се трудиме да работиме на одржлив начин, односно максимално да го (ре)искористиме секое парче од одпадниот материјал.

Декорама: Кој дел од процесот (дизајн, избор на дрво/материјали, изработка и завршување на парлето итн.) ве возбудува најмногу?

Мокко: И повторно дизајнот…од тука тргнува се.

Декорама: Дитер Рамс зборува за 10 заповеди на добар дизајн? Кои се вашите вредности и етика кога станува збор за дизајн на мебел?

Мокко: Удобност, долготрајност и безвременски дизајн.

Декорама: Можете ли да ни опишете/објасните каков е процесот на дизајн на парче мебел, да речеме стол – нoвиот модел на фотеља од Моко?

Мокко: Се започнува од идеа и парче хартија, тоа е долг и макотрпен процес кои може да трае и со месеци додека не се изработи нешто што личи на прототип за повторно да помине низ процес на преработка додека да се добие крајниот производ.

Декорама: Колку е предизвик да се работи на високо квалитетен мебел по мерка/нарачка, кога во услови на потрошувачко општество, алтернативата е евтин, масовно/сериски произведен мебел за еднократна употреба?

Мокко: Предизвикот и стресот се големи но сепак кога ќе се погледне завршениот производ сфаќаш дека трудот сепак вредел. Кога работиш на квалитет, а не на квантитет клиентите те наоѓаат тебе и затоа не се грижиме толку околу тој  дел.

Декорама: Што ве прави различни/ уникатни од другите производители на мебел?

Мокко: Се трудиме да имаме и да има дадеме сопствен/личен печат на нашите производи и сме едни од ретките столари во Македонија кои можат технички да изведат било каков производ од дрво.

Декорама: Кој е најдобриот дел од вашата работа? Кој е најпредизвикувачкиот дел од вашата работа?

Мокко: Најдобриот дел од работата е кога од клиентот ќе добиеме одврзани раце за одреден производ и притоа ќе можеме непречено да се изразиме во делот на дизајнерскиот процес.

Декорама: Дали имате совети за луѓето кога купуваат мебел?

Мокко: Да одбираат квалитет наместо квантитет, одберете парче мебел кој ќе ви буди чувство на топлина и дом, гледајте да биде спој од практичност и уживање.

Декорама: Што сметате дека е најголем успех во вашата досегашна кариера?

Мокко: Успех е дека и покрај сите предизвици на водење на столарски бизнис во Македонија, сепак продолжуваме успешно да твориме.

Декорама: Дали вашиот начин на изработка на мебелот се смени за да бидете во чекор со новите технологии?

Мокко: За жал во Македонија е малку потешко да бидеме во чекор со новите технологии бидејки немаме пристап, но и ретко кој има финансиски средства да си дозволи нови „напредни технолошки“ машини. Македонија е мал пазар, и покрај тоа сигурни сме дека може технички да им парираме на сите столари од нашата соседство, сепак имаме богата традиција како земја во оваа гранка.

Повеќе за Мокко на нивните Инстаграм и Фејсбук страни.