10
Авг

Интервју со сликарот Благојче Наумоски, Бане

Здраво Бане, што те инспирираше да станеш уметник и како ги развивaше своите вештини?

Од кога знам за себе знам дека уметноста е составен дел од мене, од моето битие. Моите уметнички вештини ги развивав континуирано почнувајќи од најрани години се до денес т.е завршив средно образование во мојот роден град Кичево и го продолжив моето образование на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде што и магистрирав сликарство.

Кои теми или концепти ги истражуваш во твојата работа и зошто ти се важни?

Во моето досегашно творештво имам изработувано различни теми и концепти почнувајќи од човечкото тело (актот) како инспирација па спој на наука и уметност низ најразлични инсталации, социјално активистички теми преку соработки со колеги, археолошко инспирирани уметнички концепти, феминистички, експериментални,  спојување на наука и уметност преку поинакви медиуми, геометриска апстракција изразена низ дигитални уметнички дела кои прераснаа во сликарски дела и др.

Кој е твојот омилен медиум за работа и зошто? На што работиш во моментов?

Во моментов омилен медиум за работа ми е акрилната техника но има и други бидејќи секоја идеја си бара посебен медиум за изразување. Мојот работен процес или методологија на создавање на едно дело започува од конципирање на идејата се додека не е доволно чиста па се преминува на процес на резлизација кој што знае да биде брз бидејќи кај мене најважно е да идејата е силна.

Работам напоредно на неколку проекти но најнов концепт ми е ,,Урбани Трансформации’’ кој што е спојување на минимализмот преку геометриски форми т.е еден вид абстрактен геометризам. Низ апстрактниот пристап и отсуството на наративни елементи сакав да прикажам чист ликовен концепт, кој сам по себе не се обременува со стилски референци и не отстапува од својата појдовна точка.

Кои уметнички трендови те инспирираат и влијаат на твојата моментална работа? Што те мотивира да креираш?

Црпам инспирација од секојдневните случувања, буквално од се.

Кој е твоето омилено време за создавање?

Мое омилено време за создавање варира во зависост од работните обврски (како професор на факултетот за арт и дизајн) така да создавам и после полноќ но може преку ден.

Како се променил стилот на твојата уметност со текот на времето?

Мојот стил трпел доста промени како што наведов предходно, започнувајќи од реализмот па апстрактен експресионизам кој се движеше кон асоцијативна апракција за да потоа преминам кон енформел и асамблаж техника, па објектност кон инсталациски поставки, светлосни инсталации, перформанси, видео арт, современо сликарство, концептуална уметност, така да сега работам цртежи и секако сликартство.

Опиши ја твојата идеална работна околина.

Моја идеална работна околина е во сликарското атеље со добра музика каде што се случува процесот на создавање.

Како ја усогласуваш работата како професор на Факултетот за уметност и твојот живот како уметник?

Работам како професор на Факултетот за арт и дизајн и тоа треба понекогаш да го усогласам со мојата уметност, односно со моите студенти континуирано работиме, создаваме, така што не ми е тешко да од професор да преминам на мојот ликовен процес бидејќи се доста поврзани.

Идејата за единство и меѓусебна поврзаност како што се рефлектираат во геометриските архетипови ( проект ,,Света геометрија на златните маски’’) често се поврзува со различни филозофски и духовни традиции. Овој концепт сугерира дека постои основна меѓусебна поврзаност помеѓу сите нешта во универзумот и дека одредени геометриски обрасци можат да послужат како симболични претстави на ова фундаментално единство…. “



Може ли да елаборираш како основниот метафизички принцип на единство и меѓусебна поврзаност, како што се рефлектира во геометриските архетипови, влијае на архитектурата на сите форми во природата и како тоа служи како план за разбирање на светата основа на целото создание во проектот „Света геометрија на златните маски’’?

Идејата за единство и меѓусебна поврзаност како што се рефлектираат во геометриските архетипови ( проект ,,Света геометрија на златните маски’’) често се поврзува со различни филозофски и духовни традиции. Овој концепт сугерира дека постои основна меѓусебна поврзаност помеѓу сите нешта во универзумот и дека одредени геометриски обрасци можат да послужат како симболични претстави на ова фундаментално единство. Иако овој концепт можеби нема директна емпириска основа, тој се користи како метафорична рамка за разбирање на односите помеѓу различните аспекти на постоењето, вклучувајќи ја архитектурата и природата.

Дали со тек на времето се осмелуваш повеќе да експериментираш со твојата работа?

Секогаш се осмелувам да експериментирам во мојата работа со секој нов проект има ново експериментирање кое може да е во медиумот а може да е во методологијата на создавање.

Каков совет би им дал на идните уметници кои штотуку почнуваат?

На новите и идните генерации им порачувам да имаат широко гледиште на уметноста и дизајнот денес, затоа што ако се стесни гледиштето се навлегува во еден вакуум што претставува стапица за нив, а тоа не смее да се случи.

Какви се твоите планови за идни проекти?

Мои идни планови се изложбата ,,ПУКНАТИНИ / ТРАНСФОРМАЦИИ’’ во Истанбул во месец октомври па потоа следат други интернационални гостувања.

Повеќе за Бане на неговата веб-страница, Behance и неговиот Инстаграм профил.