01
Авг

Интервју со сликарката Бојана Артиновска Трпческа

Како ја опишувате вашата уметничка визија и стил?

Го сликам начинот на кој го чувствувам светот околу мене. Сакам да донесам убавина сведочејќи за универзалната поврзаност на нештата, човекот со природата и сите живи суштества. Да ја видам и почуствувам големата слика, енергијата која струи , создава и уништува се. Новиот свет кој се раѓа низ мене, најчесто носи мир во себе. Целта ми е да постигнам хармонија меѓу сите елементи вклучени во композицијата. Надминувајќи го духот на класичниот академизам, чекорам кон вредностите на апстрактниот експресионизам, полека ослободувајќи се од строгоста на формата.

Како е вашето искуство во живеењето и работата во САД како слободен уметник? Како тоа влијаеше на вашето творештво?

По завршувањето на студиите, неколку години живеев во САД, стекнувајќи нови искуства, запознавајќи нови култури и средини, луѓе и начини на живот. Потопувањето во новата средина доведе до зголемено чувство на свесност и набљудување, и ми обезбеди драгоцено време за креативно истражување. Природните чуда и пејзажи кои ми го одземаа здивот беа океанот, планинските масиви и Нијагарините водопади. За жал бев сведок на немилиот настан од Септември 11, 2001г. кој остави длабоко и трајно влијание во мојот живот , отворајќи нови егзистенцијални прашања.

Кога работите со фотографија, дали имате одредени теми или стилови на кои најмногу се фокусирате? Како се разликува вашата креативен пристап во однос на сликарството и фотографијата?

Со фотографија активно почнав да се занимавам кога ми се роди моето трето дете, Јована, која ме инспирираше да поставам и креирам неколку сцени ,сакајќи да создадам визуелена приказна од нејзиниот ран живот. Предизвик имав околу концептот и обезбедување контекст на темата со цел да се раскаже приказната. Создавав свои сликани позадини, реквизити и додатоци. Научив многу за осветлувањето, фотографските техники, композиции и стилови, како и постобработката и презентацијата. Дозволив фотографијата и дизајнот на фото сетот да ме води во мојата уметничка визија, препуштајќи се на креативниот процес, на сличен начин како во сликарството. Продолжив со работа воглавно со портретна фотографија, која многу често ја користам како подлошка за сликаните портрети.

Кажете ни нешто повеќе за вашите учества во групни изложби и перформанси? Кои се некои од најзначајните искуства кои ги имате споделено со други уметници?

Член сум на повеќе друштва на уметници во Македонија, ДЛУМ, ДЛУБ, ДЛУП. Во последниве години одкога ми пораснаа децата почнав да посетувам и ликовни колонии. Да се биде дел од уметничка заедница им помага на уметниците од многу аспекти, споделување знаења и вештини, инспирација и креативна размена, конструктивни повратни информации, соработка и проекти. Тоа е средство за потхранување на креативноста, наоѓање поддршка и придонес за колективното богатство на уметничкиот свет. Сите мои изложби се збогатени со учество на уметници од другите бранши, музичари, поети, фотографи, во иднина планирам, танчери, костимографи, светло мајстори и др. Сметам дека со комбинитација на своите таленти и експертиза уметниците можат да создадат нешто поголемо од она што би можеле да го постигнат поединечно, со цел публиката да го препознае тој универзален јазик и да ужива во делото.

Во вашата кариера, имате искуство во соработка со НУЦК Марко Цепенков и Театарска Работилница за изработка на костими, сценографија и шминка за различни претстави. Како ја дополнува вашата сликарска уметност оваа соработка во сферата на театрот?

Љубовта кон театарот како медиум кој ги обединува сите уметности, ја негувам од многу рана возраст. Благодарна сум што имав шанса на факултетот за ликовна уметност да одберам подсмер сценографија каде можев да добијам основа и искуство за понатамошно истражување во оваа област. Широк е спектарот на изразување на еден визуелен уметник во театарот. Покрај сценогравските решенија, имам работено костимографија, шминка, дизајн на рекламен материја и секогаш е забавно, но и предизвик да се соработува со театарските луѓе. Насликаните елементи во театарот нудат можност за уметничко изразување надвор од самите претстави. Работата на сценскиот сликар и сценограф може да донесе уникатен стил и уметничка визија во продукцијата, подобрувајќи ја естетика и креативноста на целокупното театарското дело, но истовремено да влијае врз сопствениот ликовен израз и пат.

Во вашите изложби, има ли некои теми или пораки кои сакате да комуницирате на вашата публика? Како сакате вашата уметност да влијае на оние кои ја гледаат?

Сакам другите да ја видат мојата поврзаност со реалноста, начинот на кој го перцепирам просторот, светлината и образувањето на формите. Движењето и статичноста, односот помеѓу боите, структурите. Магијата која ја чувствувам додека го посматрам светот околу мене, во неговите фрагменти и во неговата целост. Секој фрагмент образува контраст со неговото опкружување, давајќи му вредност, суштинско значење. Во последните проекти се посветив на основните елементи како ликовно истражување. Освестувајќи го влијанието на уметноста и општо елементите кои не покружуваат, човекот ќе може полесно да се адаптира во просторот. Ако се трудиме да оствариме некаков ред во нашиот физички свет , кој подложи на универзалните закони на природата, светот ќе стане похармоничен и функционален. Ќе се смени нашиот однос кон нашата животна средина, полесно ќе можеме да ја почувствуваме енергијата која ни ја дава природата и да и возвратиме на сличен начин.

СĖ е игра на петте елементи. Нашето тело ги има истите елементи од кои е составена нашата животна средина, 72% вода,12% земја, 6% воздух, 4% оган, 4% етер. Елементите во нас се едно со елементие надвор од нас..Земјата е тоа што ни е заедничко на сите. Таа е насекаде, над нас ,под нас, околу нас и во нас. Ние сме земја и секогаш ја носиме во нас… “



Кажи ни повеќе за влијанијата на креирање на изложбата “ЗЕМЈА” и какво влијание има древниот кинески систем фенг шуи ВРЗ истата?

СĖ е игра на петте елементи. Нашето тело ги има истите елементи од кои е составена нашата животна средина,72 % вода,12%земја, 6% воздух, 4% оган, %4 етер. Елементите во нас се едно со елементие надвор од нас..Земјата е тоа што ни е заедничко на сите. Таа е насекаде, над нас ,под нас, околу нас и во нас. Ние сме земја и секогаш ја носиме во нас. Поврзувањето со овој витален аспект од природата може да не неучи важни лекции за нашиот внатрешен и надворешен свет. Сакам луѓето да стануваат посвесни за средината во која живеат. Да посветат внимание на сензациите кои ги добиваат при одредено влијание, конкретно во овој случај преку боја, форма и линија, за понатаму да стекнат сличен приод кон се што ги опкружува. Практикувајќи го овој начин на перцепција , стануваме присутни во сегашноста а со тоа чувството на одговорност кон себе и кон другите е на поголемо ниво. Секој од основните елементи има особено влијание и моќ да го лекува протокот на енергија во просторот. Уметноста исто може да лекува, делото вибрирајќи со одредена фрекфенција, делува врз физичкото, менталното и емоционалното тело на човекот. Мојот обиде е да преку претставувањето на основните елементи индиректно да делувам врз физичкиот простор. До оваа идеја дојдов истражувајќи ја древната кинеска практика Фенг шуи според која, секој од основните елементи има посебно влијание и моќ да го лекува протокот на енергија во просторот , зависно од тоа на која страна на светот е поставен. 2022 беше година посветена на елементот земја, оваа година работам со водениот елемент . Изложбата е планирана да се реализира како мултимедијален перфоманс во Битола, кон крајот на ноември.

Апстрактните пејсажи, зелениот и кафениот пејзаж се исклучително впечатливи. Можете ли да споделите повеќе за вашата употреба на боите и кажете ни повеќе за изборот на зелена која ја симболизира животот, дарежливоста и плодност на земјата и кафена како симбол на потпора и стабилност.

Учев да ги слушам земјените енергии и оставив да да ме водат. Низ самиот процес , открив нови тоналитети и форми . Користам палета на бои кои резонираат на чувството кое се раѓа во мене додека сум во контемплација со овој елемент, сите нијанси на кафеава, окер, зелена и црна. Преовладува густа , топла атмосфера, со цврсто структурирана композиција. Зародиш на бујноста е мојата зелена тема посветена на земјата . инспирирана од зелените нијанси на земјината вегетација, преку кои земјата раѓа, дише и не храни. Ја нареков бујност ,односно изобилство бидејќи од неа извира целиот живот … Таа е плодна, негува, приземјува, силна e и постојано се трансформира . После зелената, или подобро кажано пред зеленилото е земјиното тло, составено од почва, камења,песок. Материја низ која продира животот, материја која има памтење. Низ темните кафени и црни тоналитети, сакам да ја претставам таа основа , која ги прима семињата на сите други елементи и ни дарува живот. Земајќи ги основните карактеристики на 3емјата како елемент, решив да ги имплементирам, односно препознаам во портретот. Целта ми е преку пронаогање вредности како стабилност , смиреност, непоколебливост, дарежливост , толерантност, бујност , женственост , во портретите, понатаму публиката да може да ги воочи во себе.

Што и каде најмногу Ве воздушава како уметник? Има ли некои места, луѓе или искуства кои ве инспирираат и/или влијаат позитвино на вашата креативност?

Инспирација може да добијам од било кој објект кој рефлектира светлина, чија вибрација станала дел од мојата приказна. Исто и убава мисла, уметничко дело, музика, сцена. Нечија насмевка , поглед, движење, животно, фотографија, звук, мирис, вкус, боја, форма, промена,етер… Самиот мотив, во последните дела не доминира врз целокупната композиција. Станува дел од нејзе, како да е тука само за да ја објасни, надополни сликата. Како една ѕирка во тоа што ме инспирирало. Додека сликам се спојувам со тоа што го сликам чувствувајќи како создавам, оживувам нови светови, вредности и хармонии. Вибрациите со кои располагам продираат и го надополнуваат секој нареден момент и простор, оставајќи зад себе потег, трага , нова претстава. Свесна сум дека работата на себе е клучен аспект на личниот раст, развој и исполнување. Тоа вклучува континуирано само-подобрување, самосвест и саморефлексија за да станеме најдобрата верзија на себе. Грижата за здравјето, за физичкото тело и умот е дел од моето секојдневие. Практикувам јога, медитација, гледам колку што можам да поминувам повеќе време во природа, да се хранам здраво, да се дружам со убави луѓе и да посетувам убави настани.

Повеќе за Бојана на нејзината веб-страница и нејзиниот Инстаграм профил.