18
Мар

Кујнски аголни елементи: недостатоци и како да се решат?

Во речиси сите случаи на проектирање на кујна во Г или П облик, се соочуваме со истиот проблем: како најдобро да се искористи слепиот агол? Тоа е оној тажен и мрачен простор во аголот кадешто се среќаваат два линиски дела од кујната, местото кадешто најчесто завршуваат пластичните садови за чување храна кои го изгубиле својот капак, или цветниот сет за јадење кој сте го добиле како подарок.

Самото име кажува многу: тоа е елементот во кој „на слепо” се обидувате да најдете нешто, и е подеднакво проблематичен и кај долните и кај горните кујнски елементи.

Главните проблеми на овие елементи се следните:

  • длабочина – вообичаено, длабочината на долните кујнски елементи изнесува 55-60cm, но кај слепите аголни елементи длабочината е поголема за околу 50%, па самото тоа ги прави потешко достапни.
  • недостапност – без разлика дали елементот кој е поставен во аголот е линиски и има „слепо крило”, аголен елемент со 2 крила, или пак аголен елемент со дијагонално поставено крило, најчесто дофатот до самиот агол е отежнат или невозможен.
  • видливост – освен ако самиот елемент не е внатрешно осветлен со специјално светло, овие елементи се мрачни и со самото тоа и потешки за користење.

Се разбира, во денешно време постојат различни решенија и механизми како да се зголеми искористеноста на овие елементи

  • Кружна ротациона полица, или „Мрзливата Сузан”, како што ја нарекуваат Американците, е наједноставното решение за аголниот елемент. Проблемот со овие полици е во нивниот дизајн, односно пречникот на полицата кој е намален за да може да ја собере во елементот со квадратна/правоаголна основа (дури и кај елементот со дијагонална врата), па самото тоа остава многу неискористен простор од страните.

  • Ротационата ¾ полица го задржува принципот на работа како и обичната ротациона полица, со многу повеќе корисен простор благодарение на отсечокот од 90⁰, кој ја прави одлично решение за аголен елемент со 2 крила. Самите полици може да бидат жичани или изработени од специјална пластика која е високоотпорна на механички удари.

  • Извлечните аголни механизми се појавија како решение на проблемот со искористувањето на просторот во аголните елементи со слепо крило.  Од обичните жичани корпи кои се извлекувааат истовремено, до заоблените форми кои можат да се извлекуваат поединечно, со делумно или целосно отворање, овие механизми гарантираат поголема искористеност и подобра прегледност, а изборот на бои и материјали нуди можности за совршено вклопување во дизајнот на кујната. Она на кое мора да се внимава при користењето на вакви механизми е димензијата на вратата, која не треба да биде помала од 45cm. Изборот на вакви механизми на нашиот пазар е голем, а наша препорака е да ја разгледате понудата на Продизајн, Солопром и Новомак.

  • Аголните фиоки се уште еден, сеуште не толку прифатен, начин за искористување на просторот во аголот нудејќи целосна прегледост на внатрешноста на фиоката. Висината на фиоката може да биде различна за да може да собере кујнски садови и помагала со различна висина, а со додавање на различни прегради и организатори добивате слобода во креирањето на простори според вашите потреби.

  • Поставување на садопер во аголот е уште еден начин да се искористи аголниот елемент, а сите инсталации, сифони, нискомонтажно бојлерче и слично (кои и така одземаат голем простор) да бидат сместени во самиот елемент. Секако, ова решение зависи од поставеноста на водоводните инсталации. Самиот садопер треба да ја следи линијата на елементот под него, односно може да биде за елемент со 2 врати поставени под агол од 90⁰, или за елемент со дијагонално поставена врата.