07
Јан

Made in Macedonia – Ерина Богоева

Кратко твит интервју со Ерина Богоева, фотографКА


Како почна да се занимаваш со фотографија?

Мојата приказна со фотографијата започна во средно. Учев во програмата за Меѓународна Матура во гимназијата „Јосип Броз- Тито“ и имав одлична професорка по уметност, Ангелина Дамјаноска Наумоска, која навистина ме научи да ја сакам и почитувам уметноста. Од таму некако се ориентирав кон фотографија (бидејќи за сликање искрено не ме биваше).

Кој е твојот стил како фотографКА? Како дојде до тоа?

Лично не знам да си го дефинирам мојот стил. Најчесто сум водена од емоциите кога фотографирам, па она што излегува од апаратот е директен производ од нив. Секогаш повеќе ме привлекувала потемната и мрачна уметност, па веројатно и тоа си има некакво влијание.

Каков апарат користиш?

Моментално работам со Nikon D750.

Омилен објектив и зошто?

Навлечена сум на користење фиксни објективи. Омилен ми е веројатно 50mm, бидејќи тоа е најблиску до видното поле кое го имаме и тој најмалку ја дисторзира реалноста пред нас.


Дали внимаваш на техничкиот аспект на фотографијата (композиција, светлина и сл.) или е битна искреноста можеби, приказната?

Секако дека да. Сите тие технички моменти ми работат во позадина кога пробувам да доловам кадар. Но техничките точности не гарантираат добра фотографија, додека пак точниот момент или емоција или приказна- тоа секогаш ќе даде добра фотографија.

Фотографија и декор на дом?

Искрено многу сакам фотографии како декор на дом. И не само моите, нормално J Наскоро ќе уредувам дом и планирам да закачам фотографии од уметници кои секогаш ме инспирираат.

Дел од моите бруталистички фотографии од изложбата „Затемнетиот Град“ се достапни за купување во Outlet Concept Store by Abeille Maison, во А1 Арената во Скопје.

Имаш ли серијал или сингл фотографија на тема/под импресии на КОВИД 19?

Откако почна пандемијата почнав да работам многу на себе и тоа се гледа и преку моите фотографии. Често сум работела автопортрети, но оваа година особено се посветив на нив и се обидов да ги покажам сите емоции кои можев низ тој медиум.

Фотографијата е љубов, хоби, работа или ….?

Сè погоре наведено.


Со Ерина пробавме и видео формат, па видете како изгледа тоа.

10 занимливости за Ерина

  1. Омилен сликар: Спасе Куновски.
  2. Омилена книга: High Fidelity на Ник Хорнби.
  3. Омилен филм: Dogma на Кевин Смит, Исцелител на Ѓорче Ставревски.
  4. Омилен музичар: David Bowie, Rammstein.
  5. Сакам: допири и мирис на кафе.
  6. Не сакам: снег, лед и болници.
  7. Верувам: во промаја.
  8. Можам: да бидам многу строга по потреба.
  9. Не можам: да бидам многу строга со оние кои ги сакам.
  10. Се восхитувам: на дрег културата низ светот.