26
Мај

Made in Macedonia, Ивана Горичан

Кратко интервју со Ивана Горичан, илустратор и тату мајстор

Охриѓанка која живее и работи во Скопје. Дипломиран ликовен уметник. Кажи ни
нешто за себе и твоето животно патешествие?

Во Скопје дојдов во 2014 година, да студирам графика на Факултетот за ликовни уметности. Желбата да се занимавам со уметност беше присутна откако знам за себе, а самата одлука да го учам тоа, се случи кратко време пред приемниот испит на ФЛУ. Студентските денови поминаа со многу творење, учење, пронаоѓање на сопствениот израз и поминување голем дел од времето на изложби кои тогаш ги имаше во многу поголем број отколку последните неколку години. Кога бев четврта година на факултет, се создаде можност да пробам да тетовирам и тука е моментот каде што ја “баталив” ликовната уметност и се насочив потполно на тетовирањето, а дипломирав во 2019 година. Тетовирам две и пол години и се уште сум целосно фокусирана на тоа поле. Одвреме навреме ми се појавува желба да се занимавам со графика , но сето тоа го насочувам кон илустрација или дизајни за тетоважи.

Тату артист во едно од култните македонски тату студија. Од каде и како започна оваа приказнa?

Приказната со тетовирањето започна пред скоро 3 години, кога бев последна година на факултет. Желбата ја имав уште многу одамна само никогаш не потегнав кон остварување заради тоа што мислев дека ретко кој тоа може да го работи. Во 2019 година се укажа можност да пробам да тетовирам и после првата тетоважа знаев дека тоа е тоа и дека би станувала секој ден сабајле со ќејф за на работа. Веќе една година година сум во Lucky 7 Tattoo каде што работам со прекрасен тим и учам од најдобрите tattoo мајстори.

Уметност на кожа или уметност на платно?

Тешко прашање, но во овој момент ќе изберам уметност на кожа. Мојата професија е уметноста на кожа, а моето звање е графичар, така што со платното никогаш не сум била блиска.

Што те инспирира тебе како уметник?

Искрено ме инспирираат Инстаграм профилите на големи тату артисти од целиот свет. Стигнавме до момент каде што Инстаграм е една од позначајните платформи каде артистот може да се покаже и продаде, а конкретно за тату уметноста, можеби и најзначајна платформа.


Ја создаде и издаде првата боенка за возрасни. Од каде оваа идеја и што е следно?

Идејата за боенка за возрасни дојде како и самиот бран. Во 2016 година целиот свет беше преплавен со таа идеја а јас се најдов во книжарница ТРИ во вистинскиот момент и сето тоа се оствари за помалку од 4 месеци. “Боенка за креативен ден” деновиве ќе излезе во рекордно 8мо издание заедно со третото издание на боенката со инспиративни пораки “Најдоброто допрва доаѓа”. Покрај овие две боенки, самостојно ја издадов боенката за возрасни “Euphorbia”, во 2018 година. Сега засега освен нови изданија на веќе постоечките боенки, нема да има нешто ново затоа што чувствувам дека тој бран полека замре и луѓето не се толку заинтересирани.

Кои уметници влијаат на твојата уметност?

Не можам да издвојам никој конкретно затоа што се наоѓам во фаза каде што гледам да научам, украдам и да се инспирирам од премногу артисти чии имиња можеби и не ми се познати заради потписот на Инстаграм. Додека се занимавав со уметност надвор од тетовирањето ете можам да ги спомнам M.C.Escher, Hieronymus Bosch, Dali, Rothko, Васко Ташковски и Вангел Наумовски.


Дали во Македонија може да се живее од уметност??

Ако се работи со многу страст и љубов и ако квалитетот на крајниот производ е врвен, секако дека може да се живее.

Дали наскоро ќе гостуваме на изложба кај Ивана Горичан?

Плановите  се тука веќе многу долго време, но бидејќи засега не творам ништо надвор од тетоважите, самостојната изложба ќе причека.


Нешто за крај?

За крај ги охрабрувам сите млади уметници да не се откажуваат од својот сон и да не слушаат никој кој е против нивната желба

Делата на Ивана може да се најдат во галеријата Артерама, а за тетовирање побарајте ја во Lucky 7 tattoo.