15
Фев

Made in Macedonia – Калина Брајковска

Интервју со сликарката Калина Брајковска


Што беше пресвртен момент, кога реши да сликаш?

Моментот кога осознав какво искуство ми овозможува процесот на сликање, лудо и незаборавно, престануваш да размислуваш, создаваш паралелни светови заедно со себе си одново и одново, бескрај…

Имаш ли рутина, шаблон кога работиш?

Сѐ уште бегам од шаблони па ќе видиме како ќе оди …

Твојот уметнички процес?

Додека работам настојувам да стигнам до лично ослободување ,додека да бидам заведена и потоа е лесно“.

Омилена боја?

Важам за ултра колоритен сликар, a моја боја е црната. Кога правам црни слики публиката знае да се вознемири …Знаете јас кога сум најсмирена сликам со црна боја, тогаш значи сѐ ми е совршено и јасно во главата.


Омилена песна?

Многу сакам музика… Alice ColtraneTurya and Ramakrishna

Нешто да ни кажеш за интензивниот колорит кој го користиш?

Човекот е прекрасно битие тој чувствува силно и за тоа боите се силни ..само треба малку да се потрудиме повеќе како луѓе и таму сме.

Од каде таа моќ во твоите слики?

Mоќта е на сите, таа е во природата и природноста, колку си поблиску до сопствената природа толку си помоќен во изразот.


Бидејќи си „моќна“ сликарка со изразен ликовен јазик, кои се емоциите, инстинктите кога создаваш, сликаш?

Кога создаваш ги сликаш емоциите? Тоа е една фузија од секакви емоции ..настојувам на крај да поминат преку филтер да остане убавата енергија, како празнење и полнење. Eнергијата која ја вложувам во сликите постојано ми се враќа назад уште помоќно, а кога одам на гости кај што има моја слика, тоа ми е свеченост – уживам повеќе од домаќините. Некогаш не ни знам што сè крие мојата свест и потсвест, еден уметник иако навидум изгледа дека се бави со светот тој постојано се бави со себе си.

Што е тоа што еден сликар/уметник го прави голем?

Еден уметник го прави голем искреноста со себе си.

Идеален ѕид за твоите слики е во нечиј дом, јавен простор, галерија …?

Немам идеален зид, јавен простор,галерија .. имам само идеални луѓе.

Што ти причинува најголемо задоволство?

Многу се лични и поврзани со светот во кој живеам.

Дали имаш и ако одговорот е да, кој е твој омилен сликар?

Имам, повеќе се ..Од Македонија тоа е Вангел Наумовски, со неговото творештво се сретнав најрано. Бев фасцинирана од неговите слики и од едно негово интервју за паметење се воодушевив! Првото влијание ми е од Вангел и од неговите универзуми, природни форми и голи торза во еден суреален стил. Надреалноста секогаш ме инспирира, тоа е нашиов свет ама со update каде сме фантастични битија, подобра верзија од себе си… Тоа е тоа што ме интересира најмногу, исто така и фовистите Henry Matisse , Andre Derain, George Braque, Kees van Dongen..јаки бои, сила во потегот.

Експресионистите, неоекспресионистите доминантни во раните 80-ти години, моите најомилени Ralf Winkler-A.R.Penck број еден заведен од примитивната уметност, Jean Michel Basquiat фантастичен, Kazuo Shiraga јапонска авангарда, Robert Nava, Trush Holmes… Во Македонија Никола Мартиновски, Петар Мазев, Чемерски, Горјан Ѓорѓиев, Сергеј Андреевски, Танас Луловски и млади графичари кои се посебно талентирани и со нови модерни гледања .


Дали имаш агент?

Имам агенти од сајтот Сингуларт, веќе трета година работам со нив. Нивното седиште е во Париз, а имаат продажби во многу земји. Статистиката покажува дека сум популарна во Берлин, Германија и во Италија, додека нашите Македонци се грижат за дистрибуција низ Америка.

Што е потребно да изложуваш надвор од МК?

За да изложуваш надвор од Македонија потребна е желба, пари, организација. Тоа не е ништо ново, потребно е и добро претставување, добри агенти да го сработат сето тоа – луѓе кои со жар влегуваат во ликовниот свет, а не само од бизнис аспект.

Каде би сакала да изложуваш?

Би сакала да изложувам кај мене во двор. Од секогаш си сонувам за изложба на отворено во лето со убаво топло време а до сега изложбите ги правам во најголемата зима, во јануари.

Повеќе за Калина на нејзиниот инстаграм профил и на СингуларАрт.