22
Јан

Made in Macedonia – Калиопи Трпчева

Интервју со сликарка/илустраторка/графички дизајнер Калиопи Трпчева


Раскажи ни ја твојата приказна?

Мојата приказна се моите илустрации, сите работи кои ги правам во моето секојдневи јас ги илустрирам, тука се и тагата и смеата, радоста, децата, фантазијата, уживањето, работата …преку моето ликовно изразување јас ги зачувувам и моментите од животот.

Што те инспирира? Тајната состојка на твоите илустрации?

Ме инспирира животот. Поентата или тајната состојка на моите илустрации е секој да се препознее во убавите и тажните моменти, да го допре нивното срце, да оживее некои чувства .. да се насмевне секој кој ќе ги види и да се присети кога бил во некоја од дадените ситуации што се прикажани на моите илустрации.

Како стана илустратор? 

Илустратор станав сосема случајно. Јас сум дипломиран сликар на факулетот за ликовни уметности во Скопје. Бидејќи имав малку време за моите платна, а многу инспирација, почнав да работам на блокче – скицник и така да се изразувам. По некое време сфатив дека тоа блокче би било добро да биде споделено и да добие друга форма. Поради тоа што многу добро ги познавам и дигиталните програми, моето блокче го средив и илустрациите добија форма на дигитален принт.

Твојот процес?

Процесот на моето ликовно изразување е секогаш различен. Некогаш е само дигитално, а некогаш со денови и со часови сликам, лепам колаж и потоа пак го претворам во принт …Најмногу ме исполнува колажот, уживам кога од ситни мали делчиња во различни бои ќе излезе нешто поголеми и интересно.

Во што уживаш најмногу кога работиш/илустрираш?

Кога работам најмногу сакам да слушам музика, да си направам топло кафенце, да се прилагодам во моето катче за работа и да пуштам мислите и чувствата да цртаат.


Влијание? Кој/и уметници влијале врз твојата уметност?

Конкретно уметници кои влијаат на мојата уметност немам, гледам најразлични видеа од дигиталната уметност, ефекти кои можам да ги применам и во моите илустрации. Од уметниците ги обожавам Basqiat, Frida…и други стари мајстори на уметноста.

Твојата уметност и внатрешното уредување?

Уметноста во Македонија, поготово илустрацијата е се повеќе и повеќе достапна и тоа ме радува. Ме радуваа помислата дека млади автори на дела продаваат, работат и уметнички се изразуваат. Модерни, разнобојни принтови можата да красат сечиј дом.

Дали може да се живее од уметност во Македонија?

Да, може да се живее од уметност во Македонија ако се работи и ако се сака тоа што го работиш .

Каков совет би му дала на некој кој сака да работи како илустратор?

Немам некој посебен совет што би му го дала на некого за оваа работа, освен да се работи со полно срце љубов како и за секоја вид на уметност.

Кажи ни нешто за себе што малкумина го знаат

Незнам што не знаат за мене :). Дека имам потреба да станам во пет сабајле и да сликам :), друго се знаат затоа што како што кажав илустрациите се мојот живот:)


Идни планирани проекти кои те прават нетрпелива?

Планирам да работам на книга посветена за мојата ќерка, прекрасна приказна и модерни колажирани илустрации…

Дали и каде може да се видат и купат твои илустрации?

Моите илустрации можат да се купат на мојата страна на Facebook – Art of Kaliopi или во галерија „Артерама “и галерија „Грал”.