24
Авг

Made in Macedonia, Стефан Димовски

Кратко интервју со сликарот Стефан Димовски

Стефан дали го паметиш твојот прв цртеж или слика?

Првите спомени од раното детство за цртеж се обид да направам слика од нашето фамилијарно возило, кое наликуваше на карикатура од самото возило, секако имам и цртежи кои ги сочувал мојот татко, а за кои не се сеќавам дека сум ги нацртал, со оглед дека сум имал само неколку години..

Што беше пресвртен момент кога реши посериозно да се занимаваш со сликарство?

Животот во уметничка фамилија полека но сигурно го разбуди уметничкиот ген во мене и предизвика да ја засакам уметноста уште како дете, но пресвртен момент за посериозен пристап кон уметноста беше моето присуство во Франција секоја година во периодот на летото, каде што имав можност да посетам многу галерии, да се запознаам со многу уметници, и да научам многу за уметноста, поготово за акварелот како техника.    

Сакаш да експериментираш со техниките? На што се должи комбинирањето на различни техники, медиуми, како акварел, колаж, пастел, итн?

Долгогодишното творење во техниката акварел и мојата желба за експериментирање ме доведе во една позиција на комбинирање на акварелот со други медиуми и техники. Првично акварелот почнав да го комбинирам со цртеж, и разни пигменти, за потоа да следи колажот и пастелот. Сакајќи да избегам од хартијата и да творам на поголеми формати, акварелниот пристап на работа го задржав и моментално користам акрилни бои со кои исто така експериментирам и ги комбинирам, но моментално работам многу повеќе на платно отколку на акварелна хартија.

Имаш ли рутина/шаблон кога работиш/сликаш?

Генерално не сакам да влегувам во рутина, и секогаш кога ќе се приметам дека можеби такво нешто претстои пробувам нешто да променам и да експериментирам.


Твојот уметнички процес?

Идејата која треба да излезе на платното, полека извира и врие во мислите, се додека не ја одберам големината на платното на која ке биде сместена, потоа следува грубата скица, која оквирно ја позиционира идејата, и најпосле следи борбата со боите..

Вода, бои, пигменти, негде колажи, текстури, и се тоа во еден здив експресивно се додека не ја почуствувам назад енергијата која сум ја дал на сликата како таа излегува од платното, тогаш е готово.

Делото е потпишано, но некогаш и не е готово, го гледам повторно и повторно и некогаш ме мачи преку ноќ, па добивам желба нешто да додадам. Можам да кажам дека во кратки црти ова е мојот уметнички процес.

Омилена боја?

Генерално боите кои ги користам во моите дела зависат од моменталното расположение при самиот момент на цртање.

Секоја боја добива посебна убавина кога е експонирана до друга боја.

Сакам силни бои за кои понекогаш потребна е храброст да се стават на платно. Но анализирајќи го ова прашање, можам да заклучам дека можеби тиркизната боја е присутна во приближно секоја моја слика.

Идеален ѕид за твоите слики е во нечив дом, јавен простор, галерија..?

Посебно го ценам присуството на моите дела во нечиј дом, затоа што енергијата која ја зрачат има секојдневна инимна интеракција со домот и со луѓето кои го набљудуваат делото. Исто така, многу мои дела се присутни во галерии, каде што го привлекуваат вниманието, но сметам дека  круната  за едно дело е јавен простор или музеј каде што може да постигне одредена монументалност.


Дали имаш и ако да кој е твој омилен уметник кој те инспирира?

Генерално инспирацијата како енергија ја црпам од секојдневието, од животот, од љубовта…Но секако не можам да останам рамнодушен на творештвото на одредени уметници.

Секој познат уметник не би го достигнал нивото кое го достигнал да не се надоврзал и надградил на претходната генерација светски уметници. Различни генерации на уметници оставиле трага врз моето творештво, почнувајки од мојот татко Ангел Димовски-Чауш, од основоположниците на Македонската уметност, од поновата генерација на македонската модерна уметност како Милош Коџоман, Петар Мазев, Чемерски…секако светските класици од би ги издвоил Picasso, Jean-Michel Basquilat, William de Koenig….


Рибите се една од темите кои ги истражуваш и те привлекуваат?

Во право сте, во последно време работам на циклусот Риби кој што пробувам да го реализирам во многу варијации и да дојдам до посакуваниот ефект. Инспирацијата од рибите не се базира само на различниот колорит и богатството на форми и големини, кај рибите посебно плени синергијата која ја постигнуваат како јато и тоа јато знае да функционира како еден организам до перфекција , за разлика од нас луѓето.

Уметник/Уметноста во МК?

Можеби доколку во Македонија имаше ист број на галерии, музеи и објекти од областа на културата колку што има кладилници и коцкарници ќе можевме да кажеме дека уметноста е на високо ниво етаблирана во општеството. И покрај фактот што во Македонија има одлични уметници, има редовна публика која сака да ужива во уметноста, имајќи ја во предвид куповната моќ на народот, да се биде уметник во Македонија е навистина предизвик.


Дали работиш со агент?

Моментално соработувам со неколку галерии од Македонија, но моите дела успеаа да го најдат патот и надвор од Македонија. Ексклузивно соработувам со SINGULART, најголемата галерија во светот за продажба на слики од Париз, Франција. Во последната година успеав да влезам во 5% најпосетени уметници кои оваа галерија ги застапува во конкуренција од уметници од целиот свет. Се радувам што побликата која ги сака моите дела нема граници.

Повеќе самостојни и групни изложби во земјата и странство, планови за следна изложба?

Во годината која измина и покрај сите предизвици учествував на сите групни изложби во организација на ДЛУМ во Македонија. Од учество на изложби во странство во организација на ДЛУМ за претходната година би ја издвоил групната изложба експериментален цртеж во New York, USA во галерија MC. Во однос на планови за реализација на следна самостојна изложба,  би почекал до моментот кога ќе може да се реализира нормална изложба на каква сите ние сме навикнати, со многу дела, голема гужва и секако без маски…да почекаме да заврши пандемијата  

Повеќе информации за Стефан на неговите профили на SingularArt, SaatchiArt, Artmajeur.