19
Апр

Made in Macedonia – Трајче Чатмов

Интервју со сликарот Трајче Чатмов

Твоето прво уметничко дело?

Не знам, откако знам за себе шкртам и од секогаш сум сакал да шкртам.

Дали сметаш дека си природен талент и дека не би можел да правиш ништо друго во животот освен да си уметник?

Не верувам во терминот природен талент, за мене уметноста е континуирана работа, забава и истражување . Како и сите во животот имаме премрежја и ситуации кои не наведуваат на патишта кои се далеку од уметноста и уметникувањето  па така и јас често сум се бавел со работи кои ни од далеку не се блиски на уметноста и креирањето, но паралелно секогаш во континуитет сум сликал. Жалам што во Македонија немаме вистински услови да се занимаваме со уметност и да можеш со тоа да обезбедиш услови за егзистенција, па така тоа останува (сега за сега) мој неостварен сон.

Во твоите слики доминираат јаки, колоритни бои, тонови, изразени линии. Зошто баш таков уметнички израз?

Секогаш сум користел чисти бои во пастозни наноси, нанесени директно од туба и последователно самата хартија или платно го користам како палета користејќи ја случајноста при мешањето на боите едноставно препуштајќи се на играта на случајности секако прилагодувајќи ја на првичната идеа но никако не дозволувам таа првична идеа да ме заглави и доведе до ќорсокак , а цртежот го користам како финален наратор на таа приказна. ,,Зошто таков уметнички израз“, во суштина јас и кога раскажувам го правам на тој начин со драматика, многу гестикулација, едноставно тоа сум јас.

За значењето на „бруталноста“ во твојата уметност?? Гледав едно интервју и често го користиш зборот? – брутална вистина, брутална искреност итн.

Брутална  вистина како парадокс на самата вистина, земајќи го во предвид моментот дека колку и да викаме дека ја сакаме вистината ретко сме спремни да ја согледаме или прифатиме. Кога зборувам за оваа брутална вистина зборувам за самиот себеси за мои лични искуства, доживувања или фантазии, мои прикази како јас се справувам со својата вистина, а таа е најбрутална.

Приказните што ги раскажуваат твоите слики?

Од лирични љубовни, еротски сцени до насилни, саркастични и критизерски сцени преку кои се трудам да раскажам некој мој став или доживување.

Идеален ѕид за твоите слики?

Само да не е бел .


Музика додека сликаш?

Да секогаш слушам музика додека сликам,впрочем неможам да работам без неа , а каква зависи од моменталното расположение, од панк до џез и не ретко дури и оставам таа да ме води.

Потекнуваш од Велес, дали си запознаен со стрип сцената во Мк ?

Не знам колку сум добро запознаен со стрип сцената во Македонија, иако дечките од Велешкиот стрип центар ми се добро познати.

Теми кои ги истражуваш и те привлекуваат? Каде наоѓаш инспирација?

Насекаде околу себеси  и во себеси.

За публиката во Македонија vs надвор од другите градови на Балканот?

Во Македонија имаме квалитетна публика но е многу мала, кај нас се случуваат навистина квалитетни културни настани но некако имам чуство дека не се толку медиумски подржани, еве како илустрација јас како аудсајдер за Бугарската ликовна сцена имав директно вклучување во ударен термин на дневник на националната телевизија од отварањето на мојата изложба во Софија. Во Белград исто така непознато име за таму на отварањето на изложбата дојдоа од „Политика“ да направат интервју. Со самото тоа го популаризираат настанот и секако има повеќе публика, му даваат значение. Порано и кај нас беше така но сега местото во нашите информативни медиуми ни го завземаа целосно политичарите, за жал.

На што работиш сега?

Сѐ уште го немам исцрпено експресионистичкиот израз, иако во континуитет си експериментирам, така да планирам да продолжам со она што и до сега го работам, надевајќи се дека нема да навлезам во некој манир.

Планови за годинава?

Во ваква „нова реалност“ во која живееме е многу тешко да се планира и да се има планови, единствено ми е со сигурност договорена една изложба во Скопје во МКЦ (Младински Културен Центар) на 20 Мај, а за останатото ќе видиме би сакал да ја прошетам последователно низ некои гредови во Македонија, но за тоа потоа.


Делата на Трајче може да се најдат во Галерија Артерама.