02
Апр

Made in Macedonia – Валентина Илијевска

Интервју со графичарка и сликарка Валентина Илијевска

Благодарам за муабетот Валентина, кажи ни нешто за себе.

Уф! Едноставно прашање, но со тежок одговор. Не би сакала да звучи како клише, иако графиката ми е дел од приматот на уметноста. Како уметник ќе оставам на публиката да говори за нас, за нашите дела, за подвизите, достигнувањата, остварувањата. А за себе, ќе му се препуштам на Малото девојче во светот со големи очекувања за Човекот.

Дали го паметиш твојот прв цртеж?

Многу работи паметам, но како целосна композиција и завршно заокружен дел во цртежот, се оствари малку во подоцнежните години. Ретко кога ние уметниците сме задоволни во творечкиот опсег. Понекогаш се навраќаме, намерно го оставаме “да прележи или да преноќи“ делото, да се искристализира во целост таа негова идеја. Од која што последователно ќе произлезе поуката за говорот на уметничкото делување. Што зад себе ќе остави универзални вредности.

Работиш и комбинираш различни техники. Имаш ли омилена?

Не би класифицирала ниту би дефинирала, особено не во тој сегмент на таа т.н. техничката подготовка. Но, сепак се зависи од период на творење и осознавање. Осознавање како дел од процес на сублимирање низ годините кои го оформува искуството, дисциплината и истрајноста.

Според Борхес „не постои оригинално дело, туку постојат само редакции што преземаат теми и мотиви една од друга“. Дали вложуваш напори да пронајдеш нови теми, или како Борхес се навраќаш на теми кои веќе биле безброј пати бил обработени од други автори/уметници?

Со ова ме навративте да помислам на систематско размислување, од оние школски денови во средно уметничко, па се до стручното усовршување и согледување како во образовниот систем на педагошка мерка така и во интуитивното препознавање и себеспознавање во делото на твовречкото дејствување. Всушност ќе се надоврзам на Јунг, како последователен одговор на прашањето и ставот на Борхес. Секоја личност подреди на равој на персоналитет и индивидуалност, без разлика колку децениски и милениумски години проструија низ човечките животи. Во самото тоа се согледува и уникатноста и посебноста во секој од нас. Иако ни е неизбежно колективното опсервирање, без разлика на тоа колку да било свесно или несвесно. Секако дека ние сме дел од природата и нејзините случувања. Повеќе или помалку смесвесни за промените околу нас и во нас, но не верувам дека тие циклично се преповторуваат. Возможно е да се преклопуваат но, на изменичен начин на делување. Па така и во уметноста, помеѓу онаа корелација на уметникот и предметот на согледување и перцепирање и следното негово реплицирање. Да, треба да ги читаме и препознавање знаците во природата, бидејќи сите одговори подлежат во неа. Уметникот го забележува истото тоа случување, кој не секој е во можност истото да го забележи и да го претвори и проследи во уметничка творба. Никогаш таа творба или дело не е исто, ниту слично. Но, можеби потсеќа, наликува или не присеќава на истото но не е исто. Ниту како графичар ниту како реставратор не би можело да се засити тој порив на истражување при неговата обработка. Илјадници копии се направени и се прават, многу отисоци се втиснуваат и впечатоци се забележуваат, но ниедна од нив не е копија на истата. Ниту пак ние луѓето, не сме копија или меѓусебно мултиреплицирање. Мистеријата на природата плени со своите загатки и предизвици, во взаемна неистраженост со незвесното. Сеуште истражуваме и осознаваме, сепак малку знаеме. Чудни се патиштата Господови.


Како би ја опишала својата уметност и влијанија врз истата?

Уметноста моја се врти во кругот на коцката. Така започна така и ќе се заврши. Сликање на нејзината слика, приказ на нејзиниот цртеж. Исцртување до отворените нејзини граници. Точка по точка, линија. Линија по линија, триаголник. Триаголник по триаголник, квадрат. И ете! Го заокруживме кругот на коцката. Во тој квадрат е впишан Човекот. Подолго време се раководам со паролата на Роден;-За да станеш уметник, првин треба да станеш човек па потоа уметник. Многу разумна и рационална порака, срочена во една реченица. Во уметноста особено во ликовниот сегмент допридонесе конструктивизмот на Баухаусот преку создавање на цртежот. Додека пак оној идејниот дел, на Дирер и сакралната уметност. Посебно акцент и чест ќе оддадам на нашите идејни творци и големите мајстори како што се меѓу останатите имињата на Дичо Зограф, Томо Шијак, Димитар Кондовски и др. Италијанските мајстори се незанемливи, но исто така воодушевуваат и руските како што е и Андреј Ремнев.

Симболи и знаци кои провејуваат во твоето творештво?

Во творештвото претпознатливо е создавањето на симболот на Човекот, колку се препознатливи тие знаци за истото, за тоа ќе препуштам на времето да ја донесе таа проценка. Влијанијата постојаното се преобликуваат што не доведуваат на секојдневното преиспитување. “Човекот и неговите симболи“ делото на Карл Густав Јунг. Кое ме заинтригира, неуморно да ја преипитувам симболиката и Човекот. Неговата мистерија во дуалистичката природа која тежнее кон совршенството, преку многу падежи и препреки и искушенија. Во вртлокот на преврирања на рациото и емоцијата па се до неговото боженствено воздигнување. Нерешливата метазифика која постојано не измачува како една математичка задача која ја имаме пред се како животна задача. Преовдадува принципот. Машкиот и женскиот принцип. Репрезенти на впишаната коцка со затворен изглед, а отворен, на крст која единствено е остварлива во метафизичкиот свет. Од дамнешни времиња, големите цивилизации си дале задача да ги пронајдат и откријат симболите и знаците, кои успешно ги кодирале за идните генерации. Не учеа да читаме директно од природата, според Толстој; таа навлегува во нас и е дел од нас и воедно и ја чувствуваме како дел од себе. Сметам и коцката е дел од нас. Забележете ги нашите домови и урбанистички простори, налик на квадрат и коцка се. Неговото соединување, развлекување и разиденување. Кога сме кај делот на сакралнта уметност, зографите и уметниците истото тоа го насликале како дел од претстава над инкарнатот на ктиторите. Со впишан квадрат над ликот. Додека пак светителите се со репрезент на впишан круг, на ореол над нивниот инкартнат, односно лик. Воочлива е таа динстинкција во живописувањето исто така и кај Творецот на универзумот, со впишан триаголник на инкарнатот. Сите тие знаци и симболи се дела на природата и се дел од нас. Затоа уметниците комплексноста на животот ја изразуваат на поедноставен начин на прикажување, додека пак научниците, едноставните работи умеат да ги комплицираат непотребно.  


За боите?

Преовладува примарната боја на двата главни елементи. Поистоветувајќи се со сината боја како пандан за опстанок на самиот човек, во смисла на неговата половина од дуалистичката негова природа, во форма на материја.  Сината боја е препознатлива на извор на енергија на човековото опстојување. Со графички приказ на цртежот се надополнува и композицијата на уметничката формулација.

На што работиш сега?

На многу работи паралелно, не оставајќи празен простор на одвишок. Го обработувам симболот на Човекот. Неговата лева и десна хемисфера, движејќи се по нагорната линија на вертикалата и надолжната линија по хоризоталата, впишувајќи го машкиот и женскиот принцип на постоење во едно. Налик на впишан крст, односно на отворена коцка, со отворени светогледи. Доколу истата се затвори, нејзините страни се преклопуваат и формираат слика на коцкат. Затворен круг на квадрат. Паралелно го одржувам и воздигнувам световниот свет, од каде што извираат праисконските прапочетоци на нашето постоење. Сведоштвата за трансцеденталното и возвишеното. Записи врежани во сакралните објекти како доказен показател на нашата култура и уметност.

Идеален ѕид за твоите слики?

Зарем такво нешто и постои?! За секое добро дело секогаш подлежи и добар ѕид. Но, во делот на професионалната деформација, ѕидот и те како може да се преформулира и да тежнее кон идеалното. Идеална ѕидна слика или идеален ѕид за ѕидно сликарство?

Кој е твојот најголем момент во кариерата досега?

Сеуште го немам достигнато и покрај тоа што успешно го дочекав јубилејот од десет години творештво. Тој голем момент ќе биде дури тогаш кога ќе го пронајдам Човекот.

Кои области/техники на професионален развој би сакала да ги истражуваш во иднина?

Едно е што можеме и умееме, а друго е што сакаме. Како што веќе и напоменав во погоре наведеното. Творештвото не се сведува на една одредена техника, периодот на творење ја одредува таа техника на изразување. Додека пак времето и искуството го обликуваат и потврдуваат неговиот квалитет.

Планови за 2021 г.?

Планови? Овие неполни две години барем не научија  да не планираме. Не научија да се носиме со т.н. планови.  Животото не се планира, во него се ужива, а за уметноста се живее.


Делата на Вале може да се најдат во Галерија Артерама.