25
Фев

Карактеристики на минимализмот во внатрешното уредување

Како изгледа еден дом со минималистички ентериер? Се зависи од вкусот на сопственикот и од тоа колку минималистички сака да изгледа неговиот простор. Што всушност го прави ентериер дизајнот „минимален“ и како да го постигнете во домот? Ова се некои совети и/или карактеристики на кои треба да обрнете внимание доколку сакате да постигнете минималистичка естетика во домот:

Квалитет наместо квантитет

Минимализмот во домот не бара голем број на парчиња мебел и декоративни предмети. Подобро инвестирајте во природни материјали како мермер, порцелан, природно дрво итн. Ова не значи дека целиот мебел треба да е од дрво или сите ѕидови не треба да бидат обложени со мермер. Може да  обложите еден ѕид со мермер, природен камен-травертин или оникс и со тоа истовремено би добиле и фокална точка. Исто наместо да имате повеќе работи во домот, минималист би одбрал неколку навистина добри парчиња мебел или уметнички и декоративни предмети кои му значат и често ги користи. На пример, подобро е една квалитетна кафе масичка од неколку евтини од иверица.

Чисти геометриски форми

Минимализмот претпочита чисти линии, меки облини и едноставни форми. Избегнувајте мебел со премногу детали.


Доколку Ви треба совет за внатрешно уредување (дневна, спална или кујна на пример) во минималистички стил, побарајте нè.

Отворен простор

Кога зборуваме за искористување на просторот, минималистичкиот дизајн користи простор за да создаде визуелен тек наместо да го пополнува со предмети. Креирањето на отворен простор за да може да дишат останатите елементи во собата е составен дел од минималистичкиот дизајн. Треба многу внимателно да го одредите делот од просторот што треба да го зафатите со мебел и декор.


Помалку мебел

Мебелот во мали станови вообичаено зазема голем дел од просторот во просторијата. За да ослободите простор и креирате отворен „слободен“ простор, мора да ги имате на ум парчињата мебел со кои располагате и колку од нив можете да поставите во собата. Ако сакате да купите нов мебел, ви предлагаме да изберете мултифункционални парчиња. Главниот фокус треба да биде на тоа да имате мебел кој не е огромен и не зазема многу простор.

Ограничена палета на бои

Минимализмот во ентериер дизајн  се однесува и на боите. Многу често тоа подразбира и не користење на боја, односно молерисување на ѕидовите бело. Светло сиви и земјени тонови се исто често користени.  Нема да згрешите доколку користите било која од неутралните бои (црна, бела, кафеава и сива). Монотонијата на неутралните бои може да се разбие со  додавање акцент, перница, вазна, слика (во некоја од примарните бои црвена, зелена и плава). Внимавајте само да не претерате со акцентната боја, зошто може да го уништите целиот ефект.

Рамнотежа преку фокална точка

Уметнички дела (слики, фотографии, таписерии, скулптури), мебел и декоративни парчиња може да имаат улога на фокална или централна точка во еден дом. Фокалната точка типично се однесува на место кое веднаш го привлекува вашето око штом влезете во собата. Целта е да се направи просторот примамлив, убав и естетски врамнотежен.


Декорирајте мудро

Минимализмот не забранува користење на украси и декор. Но, не претерувајте со декоративни предмети. Некоја билка во убава саксија, може да биде перфектен избор. Убава слика/фотографија, скулптура голем формат е секогаш подобар избор од повеќе мали.

Природна светлина

Минимализмот претпоставува користење на природна светлина во просторот. Таа ги надополнува белите ѕидни површини и го прави просторот поголем и поудобен. Исто така ги покажува и нијансите на боите на мебелот, подот, декорот. За да се искористи максимално природното светло, пробајте со светли или проѕирни завеси и се разбира имајте чисти прозори.

Заклучок

Минималистичките дизајни на ентериерот отсекогаш биле во тренд, но денес тие се враќаат во полн ек. Се повеќе се дизајнираат домови со подобра функционалност и помалку парчиња мебел и декор.