02
Сеп

Сè што сте сакале да знаете за минимализмот во внатрешното уредување (а не сте знаеле кого да прашате)

Што е минимализам? – дизајнирање на едноставен простор неоптоварен со декор и акцентирање на архитектонските карактеристики на истиот. Палетата на бои е монохроматска и боја се користи само за акцент. Најчесто минимализам и функционалност одат заедно, па минималистичкото внатрешно уредување вклучува многу светлина, отворен простор без преградни ѕидови и мебел со едноставни линии, но удобен и комотен. Минимализмот генерално подразбира и поседување помалку работи и поедноставување на животот. Денес во сржта на минимализмот е одбивање на брзиот консумеризам и трошењето, кое во случајов се пренесува и на внатрешното уредување.

Доколку Ви треба помош при уредување на вашиот дом во минималистички     стил   (2Д и/или 3Д/рендери), побарајте нè.

Минимализмот оригинално е концептуализиран од Баухаус (Bauhaus), германска дизајнерска школа од 30-тите години на минатиот век. Оттаму и фразите „формата ја следи функцијата“ и „помалку е повеќе“. Она што можеби прво ви доаѓа на ум кога се зборува за минимализам во ентериер дизајн се празни соби/простор со малку мебел, без декоративни предмети и бели ѕидови.


Појавата на  минимализам во ентериер дизајнот е реакција на традиционалниот (секогаш конзервативен) и премногу класичен стил на внатрешно уредување од почетокот на 20-тиот век. Минимализмот е всушност соголување на дизајнот на неговата основна функција, намена и елиминирање на сè што е вишок.  Оваа естетика ја истакнува едноставноста и практичноста. Корените може да се лоцираат можеби во јапонскиот традиционален дизајн кој се фокусира на „зен“ ентериер и каде целта е да се создаде перфектна рамнотежа помеѓу расположивиот простор и мебелот.

Доколку се стремите кон таква естетика или само сакате да си го олесните животот, ова се некои основни карактеристики на минималистички ентериер дизајн кои ќе ви помогнат да го претворите вашиот дом во минималистичко ремек дело.

  • Едноставност. Ослободетете се од некои работи кои заземаат место во вашиот дом. Фрлете или подарете некои работи доколку не ве прават среќни.
  • Ограничена палета на бои. Изберете неколку бои и не заборавајте дека „помалку е повеќе“. Се препорачуваат природни тонови и нијанси на бои.
  • Природни материјали. Имено минимализмот се поврзува со користење на тоа што е расположиво во природата, камен во купатило или ходник, цемент или дрво на под, дрвени греди на плафон итн.
  • Фокална точка или внимателно акцентирање. За да избегнете креирање на монотон простор, изберете некое парче мебел кое ќе отскокнува или некој ѕид кој ќе го истакнете.  

Вообичаено минималистичкиот ентериер дизајн зрачи со смиреност и едноставна практична убавина. Примената на теоријата „помалку е повеќе“ не подразбира само бели празни површини или „cool“ ултрамодерен мебел, туку  пред се е концепт кој претпоставува примена на функционален дизајн кој креира едноставен, но поквалитетен и посмирен начин на живот.

Може ли минимализмот да биде здодевен и како да го направите интересен?

Минимализмот, иако популарен, понекогаш може да се перципира како здодевен поради својата едноставност и ограничена палета на бои. Меѓутоа, тоа не мора да биде така. Клучот е во внимателното избирање на елементите кои ќе создадат визуелен интерес и персоналност во просторот.

Како да го избегнете монотониот изглед?

  1. Додајте текстура: Наместо да се фокусирате само на боите, играјте со различни текстури. Мешавината на мат и сјајни површини, природни материјали како дрво, камен или платно, ќе му додадат димензија на просторот.
  2. Искористете го светлото: Природната светлина игра голема улога во минималистичкиот дизајн. Распоредете го мебелот така што ќе овозможите максимален внес на природна светлина и користете светилки кои создаваат топла и пријатна атмосфера.
  3. Вметнете персонализирани акценти: Не плашете се да вметнете еден или два уникатни декорации или уметнички дела. Овие елементи можат да го разбрануваат просторот и да внесат карактер.
  4. Контрастни детали: Играјте со контраст. Додадете парче мебел или уметнички дел во поинаква боја или материјал, кое ќе го привлече вниманието и ќе го направи просторот поинтересен.

На крај, минимализмот не мора да биде здодевен. Со правилна примена на некои едноставни техники, може да создадете простор кој е и функционален и естетски задоволувачки, а истовремено и многу интересен и пријатен за живеење.