NEXT GENERATION, Made in Macedonia, Ангела Петровска
Интервју со младата фотографка Ангела Петровска
Да почнеме од почеток. Како стана фотографка?
Од дете сакав да го користам апаратот на татко ми, кој постојано ги документираше важните моменти од нашиот фамилијарен живот, така да веројатно од тој мерак и јас да ‘шкљоцнам’ некој кадар станав ‘фотограф’. Формално, првиот дигитален апарат го купив во летото пред втора година средно, а почнав посериозно да сум ‘фотограф’ во периодот околу четврта година средно-прва година факултет. (Зборот фотограф е во наводници затоа што не се чувствувам како целосен професионалец се уште, не заработувам од фотографирање.)
Каков апарат користиш?
Дигиталната опрема ми се состои од Nikon D3100 и 2 објектива- Nikkor 18-55mm и Nikkor 35mm. За аналогна фотографија го користам наследениот Porst Reflex CX4 со објектив Porst Color Reflex 50mm. (За Instagram stories – мобилниот телефон Huawei P30 Pro.)
Омилен објектив и зошто?
Веројатно Nikkor 35mm затоа што го користам цело време, ама не сум некој што многу е фокусиран околу собирање и испробување опрема, работам со тоа што ми е при рака.
Документираш луѓе во урбан/јавен простор?
Да, тоа е една од темите кои периодов почесто ја фотографирам. Некако сакам да ја фотографирам комбинацијата на човековиот размер во урбаната средина.
Колку е важен техничкиот аспект на фотографијата (композиција, светлина и сл.) или е битна само приказната?
Во мојот ум двата аспекта се преплетуваат постојано, за да пренесеш некоја приказна мора да имаш добра композиција/убаво осветлен субјект итн. Така да, двете се подеднакво важни иако во одреден момент може едното да доминира во фотографијата како квалитет на прв поглед.
Фотографија и декор на дом?
Зошто да не. Би рекла само дур има значење за жителот на тој дом.
Имаш ли серијал или сингл фотографија на тема/под импресии на КОВИД 19?
Искрено не сум сигурна, веројатно. Фотографирам во периодов, но не ја гледам темата пандемија како нешто што треба да доминира во моите фотографии. Можеби некој би сврзал одреден кадар со темата, ама проактивно не сум размислувала тоа да ми е главен елемент.
Што е фотографијата за тебе – љубов, хоби, работа или ….?
Љубов и хоби, а кога може да е работа е бонус успех. Би рекла дека еден збор најдобро ја опишува- мерак!
Освен фотографија, што друго прави Ангела?
Моментално студирам (втора година магистерски студии на Politecnico di Milano, отсек Архитектура и урбан дизајн), па со тоа би рекла и дизајнирам архитектонски проекти. Освен тоа до пред да започне пандемијата танцував хипхоп и современ танц, но тоа е моментално на пауза од лична претпазливост. На лето пливам, на зима скијам, кога се може возам точак, нормални работи што секој втор човек ги прави.
Аналогна или дигитална фотографија?
Двете! Зависи за што е. Аналогната е за мене некое фаќање на момент, со поголема безгрижност за финалниот резултат, додека со дигиталната имам посериозен пристап кој подразбира и саати поминати во преработка на фотографијата во Adobe Lightroom/Photoshop.
Црно бела или фотографија во боја?
Во боја. Покомфорно се чувствувам прикажувајќи ги фатените моменти така. Сега почнувам да експериментирам со црно-бела така да можеби овој одговор ќе е наскоро подложен на промена.
Кои фотографи влијаеле на твојата работа?
Веројатно сите што ги следам на Instagram (многу досаден одговор, знам). Но, ако мора да се наброи, би рекла следниве локални фотографи: Александра Костадиновска (@aaaesthete), Ерина Богоева (@poison_grl), Елена Василевска (попрециозно нејзиниот профил за аналогна фотографија @ednaskazna)… Има многу и секогаш се мачам кога треба да набројам вака, извинете…
Повеќе информации за Ангела на нејзиниот Инстаграм профил и на профилот само за аналогна фотографија. Портфолио на Behance.