Најдобри растенија прочистувачи на воздухот
Откако со месеци сме приморани да седиме дома и што помалку да се движиме поради пандемијата со Ковид 19, дополнително со доаѓањето на есента воздухот надвор се почесто ја надминува дозволената граница на штетни честички. Кои се растенијата кои би ни помогнале во нашиот дом и канцеларија, едно – за да го прочистат воздухот, и друго – за да го направат просторот позелен и попријатен?
Сансеверија
Кај нас познато и како индијанско перо или свекрвин јазик, ова е доста отпорно растение кое е лесно за одржување дури и кога го занемарувате, идеално за почетници во одгледување и поседување на собни цвеќиња. Може да бидат ниски и високи и се прекрасен декор во домот или канцеларијата, а се одлични прочистувачи на воздухот. Ноќе ослободуваат кислород и го прочистуваат воздухот од формалдехид, бензен, толуен и трихлороетилен, па се идеални за чување во спалната соба.
Драцена
Трихлороетилен и ксилол се едни од загадувачите против кои се бори ова бавнорастечко растение со шпицести листови кои може да бидат еднобојни или со линии. Има околу 40 вида и зависно од тоа, може да пораснат од 1 до 3m во височина.
Аглаонема
Ова тропско растение се покажало како ефикасен прочистувач од формалдехид и бензен, кои често се среќаваат во детергентите и козметиката. Бидејќи сака слабо осветлени и влажни простории, би можело да успее во вашата бања. Доколку одлучите да го чувате на друго место, не заборавајте повремено да му ги оросите листовите.
Спатифилум
Ова е растение кое е лесно за одгледување, а го прочистува воздухот од бензен, карбон моноксид, формалдехид и трихлороетилен. Сака светли места и влага, и сака да му ги прскате листовите со вода. Во зима е потребно да го наводнувате на секои 5-6 дена, а во лето на секој трет ден.