08
Авг

Реалноста зад 3D Визуелизациите – Што треба да знаете пред да ангажирате ентериер дизајнер? – гостински текст на Тајана Цазин, Хрватска

Поздрав до сите следбеници и читатели. Пред да нурнеме во темата, дозволете ми накратко да се претставам. Јас се викам Тајана Цазин, доаѓам од Хрватска и стојам зад брендот за визуелизација 3D ZiNT. Веќе 24 години (од кога влегов во гимназија шумарство и дрво во Карловац), jа негувам љубовта кон дрвната индустрија и во последните 15 години се посветив на проектирање и дизајн на ентериер.

Но, не се залажувајте! (хаха). Јас не сум дизајнер(ка) на ентериер, туку горд техничар(ка)-дизајнер(ка) за обработка на дрво.

Како таква, спаѓам во онаа категорија експерти кои кога ќе видат убав рендер, веднаш ја проверуваат изводливоста на истиот – и верувајте, сепак успевам да останам шокиранa. Кај 3Д визуелизациите многу е важно тие да се остварливи, односно да се направени со вистински и достапни материјали на пазарот. Затоа што искрено – каква корист е визуелизацијата на вашиот ентериер ако не можете целосно да го реализирате истиот.

Вистинската удобност, визуелна и физичка е од витално значење за секоја соба.
Марк Хамптон

Кога ќе заврши проектот за 3Д визуелизација, клиентот го презема проектот и ангажира изведувач (столар кога зборуваме за мебел по нарачка). Столарот тогаш јасно разбира кои материјали се користени, кој декор, фитинзи, каде е обезбедено осветлување, а каде не… и така натаму. Освен што ја олеснува комуникацијата, 3D визуелизацијата исто така ги забрзува перформансите и прецизноста на проектот.

Во последните 15 години, „ентериер дизајн“ стана многу популарен, што резултира со плејада курсеви и обуки за дизајнери на ентериер. Но, факт е дека многу од оние учесници кои „успешно завршиле некој курс/обука/академија за дизајн“ никогаш не виделе ниту дрво, а камоли иверка, медијапан, фурнир… во живо. Значи, не треба да нè чуди неизводливоста на многу 3Д визуелизации.


На пример, нема смисла 3Д визуелизација да прикажува телевизор како лебди во средината на собата – затоа што тоа едноставно не може да се направи во реалниот живот. Или, на пример, полица од иверица со дебелина од 18 mm и должина од над 1500 mm, која изгледа како да е прицврстена на ѕидот без никакви потпори. Такви примери има многу, буквално на дневна основа. Чести се случаите кога клиентот гледа такво „уметничко дело“ на Pinterest и сака да го реализира по секоја цена.

Важно е да се предупредат клиентите за таканаречените комерцијални рендери уште од самиот почеток. Нивната работа е да изгледаат неверојатно и привлечно – со прекрасни украси, бои, просторна хармонија и искористеност на просторот. Овие дизајнери на ентериер воопшто не се замараат со тоа како ќе се направи нешто и со какви материјали, тие се на мислење дека некој друг треба да се погрижи за тоа – сосема грешат – тие се тие што треба да размислуваат и да се грижат како нешто се прави и на кој начин – и од кои материјали може да се направи.

Секогаш се сеќавам на мојата покојна баба која велеше: „Амбалажата го продава производот“. И таа добро го знаеше тоа – судејќи според купот суви бисквити што ги купи само поради убавите метални кутии. (Ги чувам како спомен до ден денес).


Вашиот дом треба да ја раскажува приказната за тоа кои сте и да биде   збирка на она што го сакате.
Нејт Беркус

Кога барате 3Д визуелизација на ентериерот, знам дека цената е важна за сите нас. Но, ве молам бидете внимателни. Секогаш барајте портфолио од фирмите на веќе завршени проекти, следете ги малку на социјалните мрежи за да видите колку навистина ја познаваат темата.

Зошто би платиле за визуелизација која на крајот не е изводлива и менува 70-80% од вашиот дизајн, во кој веќе сте се заљубиле? Не плаќајте двапати за иста услуга. Бидете трпеливи, информирајте се навреме и доверете ја идејата за вашиот иден дом на некој кој навистина ќе го оживее она што е нацртано во 3Д визуелизацијата.

Конечно, би сакала да се заблагодарам на Декорама што ме покани да учествувам на нивниот „гостински блог“!“