Ваби саби и внатрешното уредување
Во денешниот свет, каде што совршеноста и перфекцијата се на цена, постои еден концепт од далечна Јапонија што се издвојува со својата уникатност и длабоко значење. Ваби саби, како што го нарекуваат во Јапонија, е уметноста на наоѓање убавина во несовршеноста. Со корени што водат од далечната историја на Јапонија, овој концепт е повеќе од стил – тој е начин на живеење, филозофија и начин на размислување.
Што е она што го дефинира стилот Ваби саби? Западниот свет тривијално го поврзува со концепти како несовршеност, зрелост/старост, органско/природно. Но во јапонската култура тоа е многу повеќе.
За почеток, „Ваби саби” е јапонски збор/термин кој преносно го има следново значење „наоѓање убавина во несовршеноста“. Ваби (Wabi) се однесува на „живеење со понизност/скромност и едноставност, додека истовремено си едно со природата“, додека саби (sabi) е способноста да се прифати циклусот на животот каков што е, со сите мани и недостатоци. Живеење во дом каде ваби саби е применет во внатрешното уредување, подразбира дека сопствениците ја прифатиле минливоста и несовршеноста на животот. Во пракса тоа би значело ценење и уживање во неочекуваната убавина на несовршените и/или оштетени предмети, суровите и природни материјали кои се околу нас, како и наоѓање хармонија и мир во автентичноста и несовршеноста. Овој пристап е тотална спротивност од светот опседнат со совршеност и перфекција.
„Основниот концепт на ваби саби може да се сведе на: Ништо не е конечно. Ништо не е совршено. Ништо не е целосно. Сите нешта имаат предефиниран тек: раѓање, живеење, умирање“.
Затоа и не е за изненадување што во традиционалната јапонска архитектура, за разлика од западната, многу често се користи дрвото, материјал кој има временски лимит. За разлика од бетонските градби кои даваат лажна слика дека ќе постојат вечно, јапонските куќи и храмови честопати се обновуваат и доградуваат, притоа дури и менувајќи го првичниот дизајн.
Во Зен философијата, постојат 7 естетски принципи за да се постигне или примени ваби саби во домот:
- Kanso — едноставност
- Fukinsei — асиметрија или нерегуларност
- Shibumi — убавина во потценетото
- Shizen — природност без претензии
- Yugen — суптилна милост/благонаклоност
- Datsuzoku — ослободеност
- Seijaku — мир
Многу често за да се објасни ваби саби се користи примерот со скршената шолја. Во западниот свет кој е дефиниран од конзумеризмот, кога ќе ја скршите шолјата за кафе или чај, дури и да ви е омилена – вие ќе ја фрлите. Од друга страна, древната јапонската уметност кинцуги ги поправа и лепи скршените или оштетени керамички садови со специјален лак, а потоа користи златен прав за да ги декорира. Ваквите садови се потсетник на основниот концепт на ваби саби дека ништо не е конечно, дека судбината на сите нешта е еден ден да се повредат или скршат, и дека сите носат лузни од своето постоење, но и дака таа несовршеност или лузна не треба да се крие, туку да се прифати и дури да се нагласи за да може да добие нова вредност.
Денес можеби безвременската мудрост на ваби саби е порелеванта од било кога. Ваби саби е најблиску до минимализмот, но не како свесна одлука. За разлика од минималистот кој би се откажал од одреден чајник или сандук кои многу му се допаѓаат, но не се во склад со ентериерот, оној кој го практикува ваби саби би ги задржал истите, па дури и да се поткршени или изгребани, само затоа што будат носталгија кон некои други поинакви времиња.
Во контекст на ентериер дизајн и декор, ваби саби дом вклучува автентичност, наоѓа вредност во еродирани, патинирани, огрубени и избраздани од времето парчиња мебел, промовирајќи чувство на мир, едноставност и спокојство. Меѓутоа, како и секоја апстрактна идеја, ваби саби не е лесен за разбирање и примена. Доколку сакаме ваби саби да го примениме или уште повеќе, да го препознаеме во ентериерното уредување, тогаш треба да ги одбегнуваме парчињата кои се сјајни, нови и совршени, парчиња кои се последен моден детал и повеќе да се фокусираме на елементите или парчињата мебел на кои се познава забот на времето, парчињата кои се различни, оштетени и оние кои во себе носат приказна.
Ваби саби можеби и не е класичен стил во уредувањето, туку повеќе е начин на гледање на работите, прифаќање и наоѓање убавина во нештата такви какви што се. Овде не зборуваме за стил кој е декоративен, за стил кој може да го примените во една соба бидејќи другите се веќе реновирани, ниту за стил кој може да го постигнете доколку залепите тапет, одберете нерамна ѕидна обработка или пак закачите огледало кое сте го купиле од ИКЕА претходниот ден.
Исто така, ваби саби не е изговор за лоша изработка, не е прифаќање на лошо нареден паркет во вашиот нов стан бидејќи мајсторот “толку знаел” ниту лепење на гипсани плочи кои имитираат тули бидејќи тоа е шик, повеќе е употреба на стара маса која има пукнатини на површината, рѓосан метал или поткршен мермер кои сте ги спасиле и сте им дале нов живот без притоа да се обидете да ги избришете трагите од нивниот претходен живот.
Неколку начини како да го внесете ваби саби во вашиот животен простор:
- измешајте материјали со најразлична тексура, мазни и нежни површини како свила и груби и нерамни како бетон;
- користете патинирани и рѓосани метални елементи;
- одберете масивно дрво, па дури и парчиња кои се носовршени и не се докрај обработени, такви кои имаат чворови и кора;
- преферирајте текстил направен од природни влакна, како памук, јута, лен или волна;
- не го стругајте и лакирајте паркетот после неколку години користење, прифатете ги гребаниците и разликите во боја кои се појавиле;
- избегнувајте ги масовно произведените парчиња мебел и секогаш одлучете се за локалните занаетчии;
- одбегнувајте ги спот светлата и ЛЕД лентите и наместо нив потрудете се да го осветлите просторот со природна светлина.
Доколку Ви треба совет за внатрешно уредување во јапонски, јапанди или во минималистички стил, побарајте нè.