26
Авг

Кујнска ниша

Современите кујни имаат вообичаено елементи со едноставен изглед, најчесто без рачки, во сјајна или мат завршна изработка. Кујнските елементи без рачки се еден од најголемите трендови за 2021 година за поубав, „smooth“ изглед. Друг тренд кој е поврзан со елементи без рачки е вдлабнување на „централниот дел“ = креирање на рамка во која се мијалникот, вградениот шпорет и работната плоча и прв ред на горни елементи кои се со помала длабочина од оние над нив.

Доколку Ви треба дизајн на кујна (2Д и/или 3Д/рендери), како и изработка на истата, побарајте нè.

Горните кујнски елементи не доаѓаат во една висина или ширина и не доаѓаат само во една длабочина. Најчесто, тие (горните елементи) се многу поплитки од долните, понекогаш дури и до половина од длабочината. Во случај на мала кујна, тоа е сериозен простор за складирање што го губите. Еве зошто можеби ќе сакате да размислите да одите длабоко со вториот ред на горните елементи.

Во типична кујна, горните и долните елементи се со различна длабочина. Долните елементи долж ѕидот обично се длабоки околу 58 цм, додека плотната е 60 цм. Горните елементи се поплитки 30 до 35 цм за да не се наруши премногу работниот простор (да не си ја удирате главата).

Кога зборуваме за модерни или современи кујни, со повеќето линии на елементи, можно е најгорните елементи да се дизајнираат со „целосна длабочина“ од 58 цм, да бидат со иста длабочина како и долните елементи.


Всушност горните елементи со целосна длабочина (58цм) преставуваат еден вид рамка која овозможува во централниот дел да употребите различни материјали и бои и/или да го истакнете со интересни плочки или декоративно стакло.

Во кујна со просечна големина (без оглед дали е линиска, во Г или П) секој сантиметар простор е важен. Кога ќе земете предвид дека (нај)горните елементи со целосна длабочина додаваат околу 20 до 25 цм повеќе за складирање, можноста што ја даваат е одлична. Често горните елементи можат да бидат поставени доволно високо што ги прави целосно ненаметливи. Во меѓувреме, сè што ви треба е лесно достапно преку стандардните долни елементи кои се веднаш на дофат. Кујнската ниша обично се формира вдолж еден ѕид, но во одредени случаи истата може да се постави и аголно (кога кујната е во Г). Тоа овозможува дополнителен простор за складирање, а кујната сепак не делува гломазна.


За кујни со мали димензии монолитен кујнски блок е одличен избор, бидејќи на овој начин добивате доста простор за складирање на малите кујнски апарати, садови, како и за поставување на вградената бела техника. За да не изгледа премногу масивно и визуелно да го оптоварува просторот, можно решение е горните елементи со целосна длабочина да бидат со иста боја како и ѕидовите во кујната.

Во отсуство на природна светлина во кујната (прозор) на делот каде се наоѓаат горните елементи со помала длабочина (најчесто на работната плотна) може да се постави ЛЕД осветлување. На тој начин и покрај поголемата/целосна длабочина на вториот ред горни елементи, работниот дел ќе биде добро осветлен и погоден за готвење.