08
Фев

Made in Macedonia – Влатко Деков

Кратко твит интервју со Влатко Деков

Омилен фотоапарат?

Засега се 2 , Canon 6D I Ricon GR.Сепак фотографијата не ја прави фото камерата туку оној кој ја користи или поточно неговата имагинација.

Според тебе, која е одликата на добра фотографија?

 Фотографијата која ќе разбуди нешто кај гледачот и ќе го натера да и се врати повеќе пати

Од кого имаш најмногу научено за фотографија?

Најмногу од самиот себе  :).   Исто така многу време имам поминато гледајќи ги фотографиите на Henri Cartier – Bresson  и Josef Coudelka , па веројатно потсвесно многу сум научил од нив.


Што те мотивира или што правиш за не ја изгубиш волјата/пасијата за фотографија?

Мислам дека е клучна љубовта кон фотографијата. Се додека таа постои  ќе фотографирам.

Дали има некоја фотографија која ја замислуваш, но сѐ уште не си успеал да ја направиш/уловиш? 

Во моментов работам на два долгорочни фото проекта и има неколку фотографии кои би сакал да ги снимам ама засега никако да ги уловам.

Дали сметаш дека генерален концепт кој секогаш ќе биде “in”  е изложување/поставување на фотографија (на која се фатени посебни моменти или сцени на убавина која е релевантна секогаш) во ентериер на еден дом?

Не можам да тврдам дека секогаш ќе биде ин, но знам дека од кога се појавила фотографијата па се до денес, домовите најмногу ги красат фотографииите. Мене лично многу ми се допаѓа кога ќе видам дом со многу фотографии на зидовите.  А посебна убавина е кога ќе се закачи фотографија во голем формат  која покрива цел зид  или најголемиот дел од него.

Од каде идејата за фотографското истражување на базените кои денес пропаѓаат, а се изградени во некој друг општествен систем со паролата „во здраво тело, здрав дух“?

Тој фото проект има социјална димензија . Сакав да го свртам вниманието кон овие објекти кои се градени најчесто со пари од самопридонес на граѓаните за време на Југославија, а сега пропаѓаат.  Таков е случајот во речиси сите градови во Македонија. Базените се места каде останале многу сеќавање и емоции. Секое минување покрај нив и глетката дека сега се руини како да ги нагрдува тие сеќавања.  Некои од базените се отворени, други покриени, но сите се во очајна состојба.   Интересно е што неколку месеци после наградата од Телевизија Телма за овој фото проект започна со реконструкција базенот во Струга. 


Како успеваш да најдеш или да забележиш таква убавина во навидум обични секојдневни работи?

Не знам како . Веројатно затоа што убавината е насекаде околу нас. Треба само да бидеме малку поотворени кон нејзе, да бидеме посензитивни.

Имајќи во предвид дека секогаш завршуваш со „улична фотографија“ – streets photos, кога би можел да  работиш заедно се некој фотограф, жив или мртов, кој би бил?  

Има неколку фотографи  но најмногу би сакал со Henri Cartier – Bresson.  

Кои елементи сметаш дека се услов за навистина добра улична фотографија?

Добра улична фотографија за мене е онаа која содржи барем една од следниве 2 работи: приказна и композиција. Ако ги содржи и двете тогаш станува збор за одлична фотографија.

Нешто да ни кажеш за книгата Prague Intima?

Prague Intima е мојата прва фото книга која содржи 66 црни бели фотографии од некои скриени делови на Прага. Една интимна приказна помеѓу мене и овој прекрасен град.  Книгата беше дел од изложбата со ист наслов која во 2019 и 2020 година беше претставена во Куманово, Кавадарци, Струмица и Скопје. Издавач е Или Или и нивната книжара е местото каде може да се купи.

Дали можеби си размислувал или планираш поинаков формат (eBook) на Prague Intima?

Да, наскоро ќе ја има и во електронска верзија.

Идни планови?

Постојано фотографирам и доколку состојбата со коронава дозволи, оваа година ме чека патување во Франција каде би требало да го завршам проектот кој го работам еве веќе 3 години.

Дали имаш некоја препорака за колеги фотографи кои би  им помогнале да пораснат уметнички?

Да  го следат сопствениот инстинкт и интерес во фотографијата и да не подлегнуваат на моменталните трендови. И да, за малку ќе заборавев. Нека посветуваат повеќе време и  внимание на класичните и постари фотографии на големите мајстори. Таму се емоциите и од нив многу може да се научи.

Повеќе фотографии на Влатко на на неговата вебстрана.