24
Јун

Минималистичко внатрешно уредување

По појавата како стил во внатрешното уредување во раните 90-ти на минатиот век, минималистичкиот дизајн на ентериер не исчезна. Тој е сличен на модерниот дизајн на ентериер и вклучува употреба само на неопходните елементи (мебел, декор, бои, текстури, природни материјали) со цел да се создаде смирен и пријатен простор. Се карактеризира со едноставност, чисти линии и монохроматска палета на боја која се користи како акцент.

Доколку Ви треба помош при уредување на вашиот дом во минималистички стил   (2Д и/или 3Д/рендери), побарајте нè.

Главната мантра на минималистичкото уредување на домот е едноставноста. Не трупајте мебел, намалете со декорот, ослободете го секој аспект на просторот и живејте согласно идејата „помалку е повеќе“ и „на сè му треба место и причина“.

Бидејќи минималистичко внатрешно уредување ја цени убавината на рафинираното, преку внимателен избор на (неколку) парчиња мебел и декор може да се уреди едноставен, но удобен и пријатен дом.  Вообичаено минимализмот и функционалноста одат рака под рака. Минималистички дизајниран простор вклучува отворен план, многу светлина и едноставна гарнитура за мебел која не само што изгледа добро, туку е  и удобна.

Самиот минимализам е вкоренет во принципот на ослободување од непотребните работи во животот и се фокусира на едноставни животни навики, вклучително и континуирано средување на вашиот простор преку поседување на неколку значајни предмети, наместо постојано да акумулирате повеќе парчиња мебел, декоративни предмети и непотребни работи. Оваа филозофија на дизајнот промовира и почисти, поодржливи и поефикасни начини на живеење.

Чисти линии, среденост/уредност, внимателно користење на бои, едноставност, „помалку е повеќе“ – ова се некои од поимите и концептите што веднаш доаѓаат на ум кога размислувате за минимализмот. Невозможно е да се одрече спокојството и едноставната убавина кога ќе се соочите со добар минималистички ентериер, но постигнувањето на ваков изглед не е едноставна задача.


ЗОШТО МИНИМАЛИСТИЧКИ СТИЛ?

Потрошувачкото општество во кое живееме сака да трошиме сè повеќе,  а минимализмот вели „Еј! Дали некогаш сте размислувале за намерно да имате помалку? “Помал долг, помалку неред, помалку стрес, помалку мебел, помалку предмети во домот! Минимализмот во домот вели да се фокусирате на работи што навистина ви се потребни

Навидум строг дизајн пристап кој се карактеризира со употреба на функционален мебел и минимален декор, геометриски форми и комбинација на обично не повеќе од две основни бои.

Минимализам како стил во внатрешното уредување е одличен за малите простори(и). Имено среденоста и едноставноста прави просторот да изгледа поголем.

Едно од подобрите работи доколку се решите за минимализам во домот е дека тој е „evergreen“. Имено, минималистичкиот декор и практики никогаш не излегуваат од мода


Како до миминалистички стил?

Едноставноста, неопходноста и функционалноста се неизбежни и главни одлики на минималистичката естетика за дизајн на домот, без било која да преовладува. Минимализам подразбира оправдано постоењето на секое парче мебел, секој еден декоративен елемент и внимателен  внес на нови предмети во домот.

Вежбајте помалку е повеќе и обидете се да живеете согласно таа мантра. Во пракса треба да го направите следново

  • Исчистете ги сите површини од нередот.
  • Изберете квалитет над квантитет.
  • Инвестирајте во стилско складирање.
  • Дадете приоритет на функционалноста и стилот.
  • Бидете воздржани и внимателни при избор на мебел, бои, тесктури, декор.