06
Дек

Разговор со реставраторот и трговецот со стар мебел Светозар Ѓукичин од Србија

Разговор со експертот за реставрација на мебел Светозар Ѓукичин

Основана од Светозар Ѓукичин во 2007 година, ArtCore Studio е компанија која врши реставрација и тргува со „стар“ мебел. Со Светозар разговаравме за предизвиците и радостите кои ги носи овој бизнис и зошто ја одбрал оваа необична кариера.

Како започна?

Во 2007 година купив нов стан кој, нормално, мораше да се намести со мебел. Решив да купам модерен мебел, но непосредно пред да ја потврдам нарачката, отидов на битпазар и најдов 2 наткасни во стилот на Луј XV и ја откажав нарачката. Останатото е историја.

Кажете ни повеќе за вашето формално образование??

Немам формално образование од областа на реставрација и конзервација (на мебел), но страста што ја чувствував кон мебелот ме профилираше во професионалец. Исто така, би сакал да додадам дека не е само фраза кога некој вели „ако ти се допаѓа тоа што го правиш, никогаш нема да работиш ниту еден ден во животот“, туку е општа вистина. Иако имам диплома од областа на претприемачки менаџмент, веќе не се гледам себеси како работам со полно работно време затворен во канцеларија.

Кој е вашиот омилен стил на мебел?

Јас лично најмногу сакам неокласика, виенски Бидермаер и империјален стил на мебел и декоративни предмети. Мојата филозофија која почнав да ја практикувам од неодамна е подигање на свеста за еколошките проблеми и консумеризмот. Сакам на моите објави на социјалните мрежи да додадам реченица – ниту едно дрво не е повредено во овој проект, хаштаг #savetheplanet. Дефинитивно, најмногу ме фасцинира Бидермаерот како стил на мебел. Најлесен начин да се разбере филозофијата на Бидермаер е дека на некој начин тоа беше Икеа од почетокот на XX век. Тоа беше првиот стил што буржоазијата го измисли за буржоазијата. Мебелот беше обичен и едноставен, а декорот беше само од дрво. Коренот од орев, бреза, цреша и јавор беше природен избор. Денес, парчињата мебел од Бидермаер од почетокот на XX век се најпосакуваните меѓу колекционерите


Како го бирате мебелот кој ќе го обновите/upcycle или рециклирате?

Кога би можел да бирам, би го обновил и реискористил секое едно парче мебел. Многу клиенти имаат едно исто прашање – дали може да се зачува? Секое парче може да се зачува, или ако е во неверојатно лоша состојба може да се искористи како „резервен дел“ за друго парче мебел. Нашата филозофија е борба против консумеризмот. Зачувај го мебелот и спаси ја планетата.


Ваше омилено парче мебел во домот?

Јас сум колекционер на антикварен мебел и декоративни предмети. Моето омилено парче е всушност салонска колекција во стилот на доцниот Бидермаер, составен од 2 фотелји, 2 столчиња, маса и софа, изработени во орев и цреша.

Што ве инспирира?

Секое парче мебел што е маестрално изработено ми дава инспирација, без разлика дали тоа е тросед од компанијата Danhauser (Josef Ulrich Danhauser, производител на мебел) или лустерот Carl Fagerlund (шведски дизајнер на стакло и осветлување) или комода направена од Андре Чарлс Бул.

Совети кога купувате антикварен (обновен) мебел?

Најдобриот совет што можам да го дадам е „подобро купете едно парче, ама тоа да биде вредно“. Претпочитам да имам една дизајнерско или историски вредно парче отколку еден куп просечни парчиња мебел. Исто така, бидете храбри, комбинирајте мебел од средината наХХ век со француски провинциски или кој било кралски стил.

Повеќе за Светозар на негвоиот инстаграм профил.