
ЗОШТО МНОГУ АРХИТЕКТИ СМЕТААТ ДЕКА СЕ КОМПЕТЕНТНИ ДА ДИЗАЈНИРААТ МЕБЕЛ?
Се среќаваме сѐ почесто со феноменот: архитект испорачува рендер со мебел што не може (или не треба) да се изведе — со материјали кои не се соодветни, со детали кои технички не се издржани, и со очекувања кои ја игнорираат реалноста на производството.
Во некои случаи, **не може** – технички невозможно е поради типот на материјал или конструктивната логика.
Во други случаи, **не треба да се изведе** – бидејќи би резултирало со:
– неквалитетна изработка
– краток век на траење
– непрактична или дури и небезбедна употреба
– скапи ревизии и компромиси кои никого не задоволуваат
👉 Само затоа што нешто „изгледа убаво на рендер”, не значи дека заслужува место во реален простор.
❗ И сето тоа со став: „Јас знам, јас сум архитект.”

📌 КАДЕ Е ПРОБЛЕМОТ?
1. Образованието создава “уметници на компјутер, визуелни концептуалисти” наместо “решавачи на проблеми”
Архитектонските факултети едвај допираат до конструкција на мебел. Се изучуваат стилови, пропорции, материјали… теоретски. Студентите учат да прават убави слики, но никогаш не ги тестираат своите идеи во реалност.
Реалноста: Никогаш нема директен контакт со плочест материјал, ниту со производствен процес. Никогаш не се држани во рака ни иверица, ни медијапан, ни шперплоча. А камоли знаење за типови на спој: штраф, ексцентар, tip-on, шарки, водилки…
Ова е како да учиш хирургија само од учебници – техниката изгледа совршено на хартија, но во операциска сала е катастрофа.


✅ ДА НЕ БИДЕМЕ ПОГРЕШНО РАЗБРАНИ – ИМА ИСКЛУЧОЦИ
Архитекти кои:
– Соработуваат со дизајнери на мебел
– Доаѓаат во работилница
– Сакаат да учат, не само да наложуваат
– Направиле барем еден мебел од почеток до крај
„Со нив се работи со задоволство. Но тие се малцинство.“


2. Мислењето дека „дизајнот” завршува со рендерот
За добар дел од архитектите, дизајнот завршува со рендерот. Но добар дизајн „почнува токму каде што завршува“ SketchUp, V-Ray, 3ds Max, Photoshop:
– Дали материјалот дозволува CNC гравирање?
– Дали фурнирот ќе се подигне при влажност?
– Како се фиксира внатрешната преграда без видлив штраф?
– Дали шарката ќе се вклопи во 18 мм или треба за 25 мм?
– Како се однесува конструкцијата под тежина?
3. Културен проблем, занаетот не се цени
Архитектите често се однесуваат како да се “над занаетчиите”. Не сфаќаат дека „мајсторот што работи со мебел 20 години знае повеќе за конструкција отколку што тие ќе научат за цел живот“.
Ако некој не направил барем еден прототип со мајстор во работилница, нема реална слика за мебелот. Но многумина архитектонски его-системи не признаваат ограничувања – сѐ додека не стигнат до производител кој вели: „Ова не се прави така.”


💰 ПРАКТИЧНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ
– Клиентот плаќа за ревизии бидејќи првиот нацрт е неизводлив
– Мајсторот губи време објаснувајќи зошто нешто не работи
– Финалниот производ е компромис кој никого не задоволува
– Губење на доверба помеѓу сите учесници во процесот
👉 И не, ова не е ИКЕА каде сè се решава со инбус клуч. Овде материјалот, спојот и техниката ја прават разликата меѓу добар мебел и фрустрација.
ПРЕДЛОГ ЗА РЕШЕНИЕ
Програмите на архитектонските факултети треба да вклучат задолжителна пракса на терен/работилница.
Не една недела “да видат како изгледа” – туку „реално да направат мебел од почеток до крај“:
– Да чувствуваат како се однесува иверката, медијапанот кога ја сечеш
– Како се монтира шарка
– Зошто ексцентарот не работи на тенки плочи
– Како се решаваат проблемите во реално време
🔧 ЗАКЛУЧОК
Мебелот не се црта. Се изработува. 📐 Не е слика. Тоа е нешто што луѓето секојдневно го користат – отвораат, затвораат, седат, ставаат предмети, трпат тежина, влага и време. Затоа дизајнот на мебел не е „микс на Pinterest инспирации”.
Дизајнот на мебел е занает, прецизност, и почит кон материјалот. Добриот дизајн не е само идеја, туку и разбирање како таа идеја станува реалност.