21
Мај

Кога граѓанинот станува куратор, разговор со Изабела Левенска Миљаниќ за уметноста во јавниот простор

Градот Скопје како музеј, уметноста како патоказ

Во време кога уметноста сè почесто се затвора во сали, се курира, се филтрира и се продава, има луѓе кои ѝ отвораат врата кон улицата – таму каде што случајните минувачи можат да ѝ се восхитуваат без билет, без дрес-код, без водич. Една од нив е Изабела Левенска Миљаниќ, креаторка на дигиталната иницијатива Музеј на јавна уметност – платформа која не само што ги архивира скриените уметнички бисери низ Скопје, туку и ги оживува. Со помош на QR-кодови, лична љубопитност и искрена пасија, таа го претвора градот во отворена галерија што комуницира со сите – млади и стари, љубители на уметност или едноставно луѓе што сакаат да го разберат просторот низ кој се движат. Ова интервју не е само разговор за една иницијатива – туку мал повик за будење. За внимателност. За поинаков поглед на она што ни стои пред очи – а често го игнорираме. Во продолжение, читате разговор полн со страст, бунтовност и нежност за уметноста – и за градот кој (можеби) само чека некој повторно да го прочита.

Декорама: Кој беше тој момент кога си рече: „Доста беше чекање – време е да направам нешто за ова“? Дали беше одредена прошетка низ градот, некое дело што те „вознемири, насмеа, изненади“, или едноставно наталожено чувство дека јавниот простор ни бледнее пред очи?

Изабела: Глаголот „чека” во прво лице, го употребувам многу ретко. Всушност, јас постојано правам „нешто”, само што не може сѐ што сакам да направам одеднаш. Предизвик ми е да препознавам простор за подобрување бидејќи секој ден ми треба по една голема или мала победа. Во тоа ја гледам полнотијата на изминатото време. А вградувањето лична идеја во подобрување барем на мал сегмент во животот на мојот градот ја гледам како смисла на доброто граѓанство. Ова можеби изгледа како фраза, но во реалноста тоа е тоа  –  секој од нас треба да е свесен дека убавината или грдоста на градот ја правиме ние коишто живееме денес – сега и тука. Без неконструтивни критики, туку со реална вклученост, со идеи и акција. Во градот секој може да препознае свој простор за делување, нешто што може да го подобри или да го создаде.

Го сакам нашиот град, а она што најмногу го препознавам е убавото во негo. Љубител сум на долги пешачења. Познатите улици, градби, споменици… секој ден се тука, нѐ гладаат како им брзаме во пресрет, а потоа без збор нѐ испраќаат. Илјадапати може да ги одминеме не забележувајќи ги, а имаат толку многу да ни кажат и за себе и за нивниот создател, за времето, за пораката што ја носат… Ги знаеме, а не ги познаваме.

Така го препознав мојот повик, како својот долг кон нив. 

 Во пракса во нашето семејство од идеја до реализиација патот е кус, поради сесрдната поддршката на секој од членовите. 

По една вечерна прошетка пред три недели, кога идејата созреа во комплетен концепт со секој разработен детал, веќе стана и моја потреба за брза реалзиација.

Како од мене да зависеше дали уметничките дела во нашето окружување ќе останат незабележливи и безимени и ќе исчезнаат од нашата свест  или ќе го потврдат своето место и ќе  ги добијат своите права на име, создател, сторија…

Таа вечер си дојдов дома и почнаав: купив домен, хостинг, и почнав да пишувам, да документирам, да откривам, да поврзувам. Не како активист, не како стручњак – туку како граѓанин кој ја чувствува културата како лична одговорност. Сајтот и кодовите  беа поставени и готови за две недели.

Оваа иницијатива не треба да биде сфатена како критика кон иституциите. Јас не сакам својата енергија да ја трошам во забелешки на тоа што не чини, туку сакам продуктивно да ја насочам во моите обиди преку конкретни дела, тивко да го поправам тоа што забалежав дека недостига. Да покажам дека со љубов, упорност и визија, секој од нас може да придонесе.

Декорама: Велиш дека уметноста зборува – само треба да сме отворени да ја слушнеме. Но, колку навистина сме подготвени за тој разговор, како граѓани? Каде мислиш дека ја губиме врската со јавната уметност – во ритамот на секојдневието, во образованието, или можеби во институциите?

Изабела: Уметноста никогаш не молчи – таа секогаш има нешто да ни каже. Но, живееме во време кога вниманието ни е распарчено, кога се тркаме со обврските, кога најчесто гледаме без да видиме и слушаме без вистински да слушнеме. Не верувам дека луѓето се незаинтересирани – само се уморни. И во тој умор, уметноста останува на маргините. Моја цел не е да обвинувам или да прозивам. Сакам да создадам можности за препознавање. Затоа избрав да користам QR-кодови – затоа што се ненаметливи, но нè повикуваат. Со едно скенирање, минувачот станува гледач и сведок. Уметноста отвора двонасочна комуникација и почнува разговор со нас. Ова е обид да потсетам дека уметноста е за сите. Не е сместена само во музеи и галерии, не за елити, туку за секој што минува низ просторот. 

Декорама: Во време кога многумина го гледаат Скопје само како бетонска сенка на некогашна визија, ти го гледаш како музеј под отворено небо. Како изгледа твојата лична борба против урбаната амнезија – и што ѝ кажуваш на таа скептична публика што веќе не верува во градот?

Изабела: Мојот пристап не е борбен – тој е грижлив. Урбаната амнезија не сакам да ја победам со остри зборови, туку со нежна истрајност. Верувам дека секое дело што ќе го истражиме, опишеме и споделиме – станува дел од колективното сеќавање. Ја враќа душата на просторот.

На скептичните им нудам можност повторно да го погледнат градот со други очи. Да видат дека зад секоја скулптура, мурал или заборавен објект се крие приказна што вреди да се раскаже. Сакам преку љубов кон уметноста да ја вратам вербата дека градот ни припаѓа. И дека сите заедно можеме да го направиме поубав – не теоретски, туку практично, со секој мал чин на грижа и внимание.

Декорама: QR-кодовите што ги поставуваш крај уметничките дела не се само технолошка алатка – тие се мост. Дали мислиш дека токму преку вакви дигитални решенија можеме да создадеме генерациски дијалог – младите да ја откријат уметноста, а постарите да се вратат кон неа со нови очи?

Изабела: Токму тоа ми беше и целта. Сакав да најдам начин уметноста повторно да стане блиска, достапна, разбирлива – за сите генерации. QR-кодовите на налепници отпорни на дожд и сонце, ми се чинеше моќна алатка што не ја нарушува физичката форма и естетиката на делото, но отвора врата кон неговата душа.Младите користат дигитални алстки , но често ја немаат историската перспектива. Постарите ја имаат приказната, но можеби им недостига пристапност. Овде не станува збор само за технологија, туку за поврзување. За мост помеѓу знаење и љубопитност. Помеѓу минато и сегашност.Мојата надеж е дека некој родител ќе го скенира кодот со своето дете. Дека некој професор ќе ги одведе учениците на обиколка низ градот за да ги видат и истражат скулптурите и муралите. Дека некој случаен минувач ќе се задржи и ќе се праша: „Кој го направил ова, и зошто?” И дека токму преку тие мали мигови, ќе започне еден нов, жив разговор за уметноста и градот.

Декорама: Скулптури, мурали, експонати – тие се создадени во различни времиња и често зборуваат на различни јазици. Кога ги интерпретираш, како наоѓаш баланс меѓу личното читање и историските факти? Дали некогаш чувствуваш дека „контекстот“ и „вистината“ се во судир?

Изабела: За мене, секое уметничко дело е како живо суштество – има свој контекст и наратив. Кога го истражувам, прво му приоѓам со љубопитност, како што би ѝ пришла на личност што ја среќавам првпат. А потоа, преку истражување по архиви, книги, разговори со луѓе – го откривам неговото вистинско име. Секако дека личното доживување е важно – тоа му дава нова боја на зборот. Но јас никогаш не заборавам дека зборувам за нешто што има свое место во колективната историја. Затоа секогаш се трудам да бидам точна, прецизна, грижлива. Не за да наметнам „авторитет”, туку затоа што  делото и авторот го заслужува тоа. Контекстот и вистината не се спротивставени – напротив, кога ќе ги споиш со почит, тие се надополнуваат. Мојата улога е да бидам посредник – не судија. Да отворам перспективи, не да наметнам заклучок.

Декорама: Проектот е поддржан од семејната фондација „д-р Михаил Левенски”, што додава посебна емотивна тежина. Како изгледа кога една идеја расте во круг на блиски луѓе? Колку оваа доверба ти помогна во најтешките моменти? И – дали се обиде да добиеш поддршка и од државни, општински или културни институции?

Изабела: Тоа е најличниот и најубавиот дел од сè што правам. Поддршката од семејната фондација „Д-р Михаил Левенски” е вкоренета во љубов, во вредности, во заедничко верување дека уметноста е важна. Кога идеја расте во круг на исти вредности, на заемна љубов и грижа, таа не е само твоја, таа станува дел од семејната мисија.  Ние веќе 12 години си  ги поддржуваме идеите коишто иако извираат од различни врутоци се влеваат во иста река на спомени на кои сме горди. Енергијата на таа река со секој нов проект е се посилна. И оваа идеја ќе расте и ќе се развива напоена од таа енергија.Досега не се обратив до институциите, мојата намера никогаш не беше да барам помош или средства за реализација. Институциите сакам да се мои сојузници, посебно во пресрет на 2028 година кога Скопје ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата. Ако некој сака да се приклучи – отворена сум за соработка. Но, јас не чекам. Сакам да покажам дека е можно да се почне од ентузијазам и љубов. И дека тоа е доволно.

Декорама: Ако денес направиме мапа на јавната уметност во Скопје, како би изгледала според тебе? Кои локации светат – а кои се, за жал, „слепи точки“ што никој не ги гледа, ниту признава?

Изабела: Би била мапа со светла и сенки. Има локации што сјаат затоа што имаат душа, приказна, автентичност. Дел од нив се занемарени, но сè уште моќни. Други се речиси изгубени под урбани интервенции или под едноставна рамнодушност.

Но, најтажни се слепите точки – местата каде што некогаш имало уметност, а денес нема ништо. Или уште потажно: каде што постои нешто вредно, но никој не го забележува. Мапата што ја создава museumofpublicart.com е обид тие сенки да станат видливи. И не е комплетна – ниту сакам да биде. Затоа што ја гледам како жив организам, кој ќе расте и ќе се развива и секој од нас може да го храни за да биде покомплетен, повидлив, посјаен, посреќен.

Декорама: Сигурно постои дело што те разнежнило или ти се допадноло до тој степен што си морала да престанеш да го гледаш само низ документарен објектив. Кое дело ти влезе под кожа?

Изабела: Имам лична мапа од светот на која се обележани сите омилени дела и скулптури и често истите ги образложувам на мојот инстаграм профил @izabela_sum. Во Скопје во моментов имам нова омилена скулптура/фигура, многу е мала, се наоѓа во Музеј на Град Скопје и се вика е Адам од Македонија или Адам од Говрлево – мала керамичка фигура на  машко торзо.Датира од неолит односно од 5000-5500 години пред наша ера. Светски научници го прогласија за “милениумско откритие” а истото е постаро и од пирамидите и Партенонот. Посетата во Музеј на Град Скопје е бесплатна. Охрабрувам секој да си дозволи да го види ова дело во живо.


Декорама: Твојот пристап е истовремено нежен и поткопувачки – рушиш елитизам и носиш култура на улица. Но тоа не е лесна борба. Како се справуваш со културната незаинтересираност, рамнодушноста – или дури отпорот?

Изабела: Со трпение и љубов. Не очекувам секој да се вљуби во уметноста – но верувам дека секој човек има нешто во себе што копнее по убаво, по смислено, по човечно.Наместо да се разочарам од рамнодушноста, се обидувам да бидам трпелива. Секое скенирање на QR-код е мала победа. Секој коментар, секое прашање е знак дека нешто се поместува. Дури и отпорот ми зборува дека уметноста допира нешто и дека не е невидлива.Не сакам да го делам светот на тие и ние. Сакам да градиме мостови. И ако треба секој ден да оставам по еден мал траг што ќе ги спои уметноста и секојдневието – ќе го правам тоа, со сета љубов што ја имам.

Декорама: Ако ова интервју стигне до нови очи и уши – што би сакала да се случи после него? Кој е твојот скриен повик? Што може да направи еден обичен граѓанин уште денес за да му даде живот на градот – преку уметноста?

Изабела: Би сакала секој да се обиде да го погледне својот град со нови очи. Би сакала луѓето да се потсетат дека уметноста не е луксуз – таа е потреба. Како воздухот, како светлината.

Моја порака е: не чекајте совршени услови за да придонесете за поубав град. Почнете од она што го имате. Од вашата љубопитност, од вашиот ентузијазам, од  мигот кога ќе  посакате некому да му раскажете за некоја скулптура, нова изложба во градот…

Јас верувам дека градот ни зборува. Ни зборува преку уметноста.