NEXT GENERATION, Made in Macedonia, Софи и Ангела/Frozen Time Drops
Кратко твит интервју со Софи и Ангела/Frozen Time Drops
Можам само да замислам како влијае комбинацијата на љубов, талент, его и уметнички темперамент на креативноста. Во случајов помножено со два? Како е да се работи во пар?
С: Прекрасно! Отсекогаш сме работеле заедно, некако уште од самиот почеток се сложуваме за многу прашања, иако нели се случува да имаме различни мислења, но секогаш доаѓаме до компромис. Всушност се создава фузија од нашите креативни размисли и токму тоа се отсликува во Frozen. Според мене најубавото од работењето во пар е што постојано циркулираат идеи и проекти кои заеднички се стремиме да ги оствариме.
А: Со Софи се дружиме од мали и заедно го истражувавме светот на уметноста. Таа е мојата сродна душа и многу е убаво кога работиш со некој со кој сосема се разбираш…таа е мојата поддршка, ме турка надвор од удобната зона и продолжение на мојот ум.. се надевам и јас неа! 😊
Каков апарат користиш?
С: Nikon d750.
А: Наследени Praktica и Zenit, Nikon d3200 кога сум го потрошила филмот и телефон за секој ден.
Омилен објектив и зошто?
С: Сега за сега ми е Nikkor 50mm 1.8 затоа што со овој објектив истовремено се чуствувам и доволно блиску и доволно далеку до тоа што го фотографирам.
А: Тотално сум заљубена во стари/ винтиџ објективи. Пред се’ бидејќи доловуваат една искривена реалност. Ме ослободуваат, во смисла на тоа да вежбам да се опуштам и да не сум контрол фрик- конечната фотографија нема да биде перфектна од технички аспект, ама ќе биде уникатна искривена реалност. Helios 44-2 58mm и Takumar 1.4f 50mm моментално.
Дали сте формално едуцирани за фотографија или сте самоуки?
С: Иако студирам италијански јазик и книжевност, имам посетено неколку курсеви кои ми помогнале да го совладам техничкиот аспект на фотографијата.
А: По вокација ќе бидам дипломиран Илустратор. Но сум слушала предмети по фотографија во склоп на програмата на Академијата за уметност и дизајн во Љубљана. Како и во другите визуелни уметности, формалното образование треба да те научи како да истражуваш и размислуваш.. бидејќи без тоа фотографијата е само точно осветлен материјал осетлив светлина.
Дали преферираш геометриски (остри) или органски (заоблени) форми/облици во твоите фотографии?
С: Преферирам заоблени форми во фотографиите бидејќи се помирни и понежни.
А: Немам особена преференца бидејќи двете се многу потребни кога треба да го доловиш посакуваното психолошкото чувство за некоја фотографија.
Од кого имаш најмногу научено за фотографија?
Софи: Од Ангела.
А: Најмногу сум научила од моите професори Боро Арсовски и Петер Коштрун. Фотографијата иако е една статична слика, таа секогаш е случување. Мораме да го почитуваме течението и да му дозволиме да тече ослободени од страв. Дури фотографираш може да се случи сенешто и треба да бидеш отворен за овие случувања бидејќи само така ќе можеш да напредуваш и да откриваш. Фотографијата е многу повеќе од испечатена врамена слика или дигитален фајл. Секогаш добро премисли како ќе ја претставиш фотографијата на гледачот. Има бескрајно многу начини, меѓу кои понекогаш можеби и најдобро да ја нема.
Кои фотографи влијаеле на твојата работа?
С: Tyler Mitchell, Elliott Erwitt, Robert Frank. Иако последните двајца се документарни фотографи, а јас не фотографирам често документарни фотографии, благодарение на нив забележувам моменти што инаку би ги одминала.
А: Jeff Wall, Viviane Sassen, Урша Премик и многу други. Сакам чудни пракси.
Дали имаш омилена фотографија од некој познат/славен светски фотограф?
С: Да, California Kiss од Elliott Erwitt, романтична црно-бела фотографија од заљубен пар покрај плажа.
А: Phonebooth од Helen Levitt. Класична фотографија која секогаш ме насмевнува.
Како настана Салата во базен?
А: Хаха. Беше доцно лето во пред три години, заглавена на село трет ден правјеќи ајвар и зимница со моите. За некој можеби спремањето за зимата е интересно бидејќи ти дава време доолго да зборуваш за што се случува, кој што правел, политика и тн. Ама мене ми беше едвај подносливо- не престанував да мислам што би снимала да не љупев пиперки или што би цртала да можев наместо да затварам 50 тегли една по друга. И така сфатив дека ќе мора да работам со тоа што го имам, а на село имаш три работи: храна, алатот во оставата и кокошките на тетка Жаки.
Така, откако завршивме со работниот ден ја молев сестра ми да ми помогне ама да не прашува многу, а јас го собрав целиот фрижидер во ванглата за месење леб. Веќе беше темно, па и студено па набрзина сликавме колку можевме во темницата.
Научив дека грозјето не плови во базен.
Аналогна или дигитална фотографија?
С: И двете!
А: Дефинитивно филм кога има простор за тоа.
Општествената одговорност на уметникот/фотографот?
С: Има одговорност кон општеството бидејќи работи во и за него, но во колкава мера зависи од ангажираноста на фотографот и од неговото поле на интерес.
А: А одговорноста на општеството кон уметникот? Многу ми е жал што постои општа стигма дека уметниците се со носовите во облаците, дека се сосема непотребни и на изложби се гледаме со истите 150 луѓе. Мислам дека треба конечно да согледаме дека уметноста е секојдневна и најнормална работа и да прифатиме колку ни е потребна. Сечиј живот ќе биде поквалитетен доколку се наклони кон отворено размислување, дебатирање и искусување- тоа што и уметноста впрочем е – мисла во форма.
Планови?
А и С: Прво да дипломираме, па да ги завршиме проектите и да најавиме прва изложба. После тоа да снимиме филм.
Повеќе информации за Софи и Ангела на Frozen Time Drops.