19
Дек

MADE IN MACEDONIA – „Urban Old“

Муабет со девојките Орхидеја и Надица од „Urban Old“

За многумина, старите парчиња мебел од домовите или канцелариите што го одработиле својот животен век, не се вклопуваат во современите ентериери и поради тоа треба да завршат заборавени во подрум, магацин или фрлени како отпад. Но, Орхидеја Огњановска и Надица Кипровска, не гледаат така на работите. За нив, стара дрвена маса или шкаф не е безживотно парче мебел што ја завршило својата приказна и не може да се вклопи во еден современ енетериер. Напротив, за Надица и Орхидеја, кои стојат зад дизајнерското студио „Urban Old“ за уникатен редизајниран и реупотребен мебел, секое старо парче мебел, има можност да добие нова приказна, нов живот што ќе биде продолжение на старото поглавје. Со Надица и Орхидеја си помуабетивме за страста и љубовта кон стариот мебел и дали и како тоа може да прерасне во успешен бизнис во Македонија.

Кога и зошто две дами, Орхидеја Огњановска и Надица Кипровска, решија да има даваат втора  шанса на „безживотните“ парчиња мебел што ја завршиле својата приказна?

Започнавме пред речиси 9год. Зошто? Бидејќи ние во нив видовме потенцијал, за нас тие се парчиња кои никогаш не ја беа изгубиле својата убавина и тоа сакавме да им го покажеме на сите оние кои со нас ги делат истите критериуми за убаво.

Тие навистина заслужуваат втора шанса (за нас и пред многу други нови парчиња) бидејќи даваат  личен печат во еден простор,  со нив се обидуваме да излеземе од стереотипноста во уредувањето, да излеземе од рамката на унифицираното уредување застапено кај нас како и од “слепото“ следење на на модните трендови по секоја цена. 

Што ве поттикна да започнете со вашиот бизнис?

Па , и двете некако во ист период ги уредувавме своите домови и се соочивме со проблем. Во тој период , она што се нудеше  на пазарот на мебел кај нас, не не задоволуваше.Беше  некако премногу конвенционално, досадно, увезен мебел со превисоки цени,  ни недостасуваа парчиња кои ќе дадат акцент на просторот, негова индивидуалност….Бевме принудени на алтернативен пристап  при што резултатот беше одличен.

Така се роди и идејата за соработка па со ентузијазам почнавме да имплементираме модерен дизајн на стариот мебел.

Рециклирањето на мебел односно редизајнирањето на намештај не е нешто во кое повеќето луѓе се впуштаат, веќе спомнавте како сте започнале, но како тоа стана ваша страст?

Првичниот мотив го образложивме погоре но веднаш потоа следи мотивот да не се уништуваат прекрасни парчиња кои веќе долги години не се произведуваат. Се впуштивме во овој процес свесни дека освен за екологија , се грижиме и преку “оживеаните“ парчиња да го  пренесеме и духот на едни други времиња , нивната приказна низ годините , да не се заборават…….

Иако започна како некој вид хоби, со време почнавме се повеќе да ги цениме нашите парчиња, да им приоѓаме со се поголем респект, индивидуално, кон секое посебно и резултатите не восхитуваа.

Доколку Ви треба помош при на дизајнирање на вашиот деловен простор (2Д и/или 3Д/рендери)и/или изработка на мебел, побарајте нè.

Кој е вашиот омилен проект/производ на кој сте работеле?

Сите ги сакаме, не би ги двоеле, а има многу низ годиниве.

Со секое парче градиме посебен однос. Имало и постари од 150 години, некои подобро сочувани , некои не. Секое го добива третманот кој му е потребен за да биде вратено во “живот“ но и да стане современо , во склад со вкусот на денешниот човек.

Може да кажеме дека најинтересен мебел за редизајн ни е оној кој се произведувал во “Треска“ во 60, 70-ите години на минатиот век. Кај нас го има најмногу, неинтересен за современите луѓе, премногу застапен низ минатите децении во секој дом, со еден збор им е здосаден на луѓето и ги разбираме  но  нас токму тој факт ни е посебен предизвик.

Што ви поминува низ мислите кога избирате парче мебел за работа? Дали барате нешто конкретно?

Можеби од денешен агол и искуството е во прашање. Доволно е само двете да се погледнеме во присуство на некое парче мебел и  идеите веќе  почнуваат да доаѓаат.

Идеите најчесто  ни се поклопуват но понекогаш  кога имаме  сосема различни идеи седнуваме да ја избереме подобрата и тогаш носителот на избраната идеја го реализира  дизајнот до крај но во изработката сме секогаш вклучени и двете. За нас скоро секое интересно парче стар мебел добива шанса доколку не е премногу уништно.

Кој е најдобриот дел од вашата работа?

Реализацијата на замислениот дизајн и задоволните клиенти.Среќни сме кога  нашето парче мебел убаво ќе се вклопи во  современ амбиент  и кога ќе стави акцент во истиот.

Кој е вашиот омилен стил на мебел и/или ентериер?

Отворени сме за повеќе стилови  со цел нашето парче да се вклопи во одреден простор. Играме со бои, дезени, материјали, рачни вештини како везење, сликање а се со цел да му дадеме полн сјај на истото .

Нашите парчиња се препознаваат по својата уникатност и печатот на индивидуалност. Истите вешто може да се вклопат во секој стил на уредување.

Кон секое парче пристапуваме индивидуално. До сега не се случило да имаме исто парче двапати изработено, дури и кога имаме две исти парчиња се трудиме да ги издвоиме со некој макар ситен детал. Доколку работиме по нарачка секогаш ја имаме предвид личноста за која  тоа се изработува, неговиот стил, хоби, професија  и изработуваме  индивидуален печат. Низ сите овие 9 години колку што го работиме ова сеуште секој ден откриваме и учиме нешто ново за дрвото, за материјалите, за техники, бои , заштита и се што е врзано со стариот мебел. Знаењето за дрвото, за начините на изработка го усвојуваме од врвни мајстори, за наша среќа.

Колку време е потребно за да се обнови една столица или комода на пример?

Не можеме однапред да одредиме колку време ќе ни биде потребно за редизајн на едно парче мебел. Тоа зависи од многу фактори но најважно од се е во каква форма е истото, дали е многу оштетено (во принцип избегнуваме многу оштетени парчиња), низ какви фази  ќе помине истото за да се  постигне саканиот дизајн. Некогаш ни се потребни неколку дена а некогаш и повеќе недели.

Кога би можеле да почнете од почеток, каков совет би си дале во врска со обработка на дрво?

Совет? Да работиме со што поубави  и посочувани парчиња затоа што се имаме чесно изнамачено со многу од нив но верувајте кога ќе сме почнеле не сме се откажале од ниедно . За се друго, повторно би направиле  исто бидејќи го сакаме фактот што полека се развивавме, чекор по чекор и затоа сега знаеме точно каде сме и на каде одиме, знаеме што содржиме и кои сме.

Соработка или инспирација за дизајните?

Инспирација никогаш не ни недостасувала, креативност исто така…..тоа не движи. Среќни сме што и двете имаме сличен сензибилитет и лесно ни оди договарањето и идеите за едно парче. Двете имаме идентичен удел во изработката .

Соработници имаме, се разбира, за фази за кои не сме компетентни , како принт на материјал или дрво, сечење на метал и изработка од тој тип, додека припремата на дрвото, стругање , фарбање , лакирање, сликање , везење и други апликации е наш ангажман.

Кажете ми како ја организирате, планирате и приоритизирате вашата работа?

Изработуваме наши парчиња кои се за продажба но редизајнираме и парчиња кои ќе ни ги донесат клиенти. Во првиот случај си даваме голема слобода во креативноста но во вториот водиме сметка за просторот во кои клиентот ќе ги стави, за неговите навики, за неговиот афинитет кон одредени бои и сл.

Многу од клиентите како и соработниците, се врзани со рокови. Со сите услови во глава се впуштаме во работа без било што да ни попречи во креативноста. Најголем приоритет ни се задоволните  клиенти бидејќи крајна цел ни е да уживаат во парчињата, во нивните форми и линии кои одбележуваат едно време.

Дали имате совети за луѓето кога купуваат редизајниран намештај?

Ова прашање е многу значајно за нас., ви благодариме што го поставивте. Ова го велиме бидејќи кај одреден број на потенцијални купувачи ја чувствуваме таа нелагодност кога купуваат стар мебел. Никогаш не инсистираме и не ги убедуваме , само ги информираме дека секое парче при изработката се расклопува и третира темелно, се чисти, се обработува ,се заштитува така да гарантирано може да продолжи да живее барем уште толку години колку што постоело.

Малите лузни на парчињата  кои ги оставило времето како потсетник  за нас се драгоцени и со намера ги оставаме да сведочат дека се работи за посебен мебел. Затоа „Urban Old“ редизајнира за да го сочува и вклопи стариот мебел во новото време и успеваме во тоа веќе 9 години.

Благодарост до “Urban Old” за фотографиите, повеќе на нивната вебстрана, Инстаграм профил.